„Оној што пред ѕвездата Деница се роди од Отецот без мајка, денес на земјата се воплоти од тебе без татко. Затоа ѕвездата им благовести на Мудреците, а ангелите со пастирите го воспеваат твоето неискажливо раѓање, Благодатна“ (кондак на Утрена на празникот Собор на Пресвета Богородоица).

 

На 08.01.2023 година, во Неделата по Рождество Христово и на празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица - Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос се роди!
Драги браќа и сестри,

Ние денеска ја прославуваме Неделата по Рождеството Христово, како и празникот Собор на Пресвета Богородица. Ние знаеме дека раѓањето на Господа Исуса Христа донесе мир во светот. Тоа е очигледно и неспорно, но би сакал да се задржиме на зборовите на св. ап. Павле, што ги слушнавме во денешниот апостол, во Посланието до Галатјаните (1, 17-19). Како што знаеме, св. ап. Павле објаснува дека помеѓу апостолите се родило разномислие за тоа како треба да се проповеда евангелието? Апостолот Петар, пак, се обраќал кон јазичниците, и примил посебен благослов од Господа да го проповеда Евангелието помеѓу нив. Тој кога оди да го проповеда меѓу јазичниците, се сретнува со неговите племеници Јудејци, и се соочува со страв од осуда, односно дека нема да ги исполнува писанијата и прописите од Стариот завет, онака како што ги наметнувале тогашните книжници и учители. Апостолот Павле, пак, исто така бил Јудеец и бил вистински послушник на старозаветните прописи, но, тој самиот, како и другите апостоли, бил научен директно од Господа, дека човекот не се спасува со исполнување на надворешните прописи и учења туку преку верата. Затоа ап. Павле му укажува на својот брат Петар, дека ние не треба да им угодуваме на вкусовите на луѓето туку е потребно да го проповедаме и да го учиме она на што нѐ учеше Христос, дека човекот се спасува со делата на законот, а не со надворешни фактори, туку само со силата на својата вера.


Тоа откровение не е дадено преку Господа и Спасителот, туку со Неговото дејство и изменување на човечката историја. Секоја религија која постоела до појавата на Христос сметала дека надворешните прописи го спасуваат човекот, и на тој начин религијата се претворала во некој вид на магија, и на луѓето им се кажувало дека е доволно да се практикуваат овие дејствија, за по автоматизам да се прими спасение. На тој начин, биле отстранети главните дејства и внатрешната содржина на религијата, односно верата. Со почитувањето само на надворешните прописи на стариот закон, како што и практикувале старозаветните Јудејци, како и другите приврзаници на други религии, човекот се задржувал да го постигне спасението, а тоа е верата во Вистинскиот Бог.
Господ Исус Христос, преку доаѓањето во светот, го обновил самото поимање на религиозниот живот. Он нѐ учи дека вистинската вера е онаму каде што човекот го чувствува во својот живот Божјото присуство. Молитвата е таму каде што е искрената увереност во тоа дека Бог слуша, религиозниот вид на живот е таму каде што се зацврстува со вера и се устројува животот на луѓето, каде ние се спасуваме со верата која ја привлекува кон нас силата на Божествената благодат.


Тоа што го зборуваме сега има однос и во животот на современото општество. Нашето современо општество е нерелигиозно, верата во нашите денови се јавува како лична и приватна работа. Можеш да веруваш, можеш и да не веруваш – живеј како сакаш. И како резултат на тоа, што произлегува? Но, мора да постојат некои цврсти врски што ќе го обединуваат општеството, мора да постои некој поредок во човечкото општење. Ако не постои таков поредок, тогаш луѓето не ќе може да постојат и да живеат во едно општество. Таквото нерелигиозно општество, сета своја надеж ја полага на законот. Се смета дека законот треба да го регулира човековото однесување, дека законот сѐ ќе поправи, сѐ ќе насочи, само луѓето се должни да постапуваат според законот.


Апостолот Павле нѐ повикува да разбереме дека општествено спасение не е можно, ако се следат само надворешните прописи на законот, затоа што човекот по својата природа е лукав, лажлив и живее без страв Божји и е подготвен да ги изигра сите закони и прописи, и општеството и државата. Тогаш колку луѓе се потребни што ќе го штитат законот од прекршителите? А кој ни гарантира дека тие кои се повикани да го следат исполнувањето на законот, дека нема да бидат и самите оние кои ќе го нарушуваат?


Овој проблем може да се реши само на духовен начин. Ап. Павле учи дека тоа што го спасува човекот не е законот туку верата. И во денешното општество ние можеме да ги повториме овие зборови. Ако луѓето имаат страв Божји, тогаш некој може и да не знае ниту еден збор од законот, но ќе живее според него, зашто ќе го има гласот на својата совест.


Ние знаеме дека Римската империја живеела според светски закон, кој достигнал високи цели во устројството на империјата, но, сепак, на крајот таа разрушила однатре. А зошто? Затоа што однесувањето на луѓето во неа било расипничко, римските граѓани живееле без вера. Овде можеме да наведеме и уште многу примери, но доволно е и овој еден и општо познат пример.


Во овој период кога го прославуваме Рождествово на Исуса Христа, да поверуваме и да спознаеме дека човекот се спасува со вера преку својот живот, кој извира од таа вера и го издигнува кон Царството Божјо. Да Го помолиме Господа, Он да ги всади овие зборови на ап. Павле во современиот човек, па тој да ги согледа и да ги исполнува делата кои заедно со верата спасуваат. Тогаш кога ние живееме со таква вера, тогаш го устројуваме и внатрешниот мир во нас, во нашите души и го прошируваме во целиот свет со Божја помош. Христос да се роди и во нашите срца и души. Амин.

Недела по Рождество Христово
Храм „Пр. Богородица Челница" Охрид
08.01.2023 г.

 

soborprbog2023 1soborprbog2023 2soborprbog2023 3soborprbog2023 4soborprbog2023 5soborprbog2023 6soborprbog2023 7soborprbog2023 8soborprbog2023 9soborprbog2023 10soborprbog2023 11soborprbog2023 12soborprbog2023 13soborprbog2023 14 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3