„Верни, со песни денес да го прославиме сепразничниот спомен на Атанасија и Кирила, зашто во бездната на погибелта тие го фрлија измамникот Арија, заедно со Евномија и Савелија, и ги предадоа да горат во вечниот оган, зашто тие неправедно похулија на Спасителовото воплотување. Затоа те воспеваме, Атанасие“ (икос на Утрена на св. Атанасиј и Кирил Александриски).
На 31.01.2023 година, денот кога го славиме сепразничниот спомен на светите Велики учители Атанасиј и Кирил Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светата православна Црква денеска прославува еден од големите Божји угодници, светиот Атанасиј Велики. Светата Црква прославува многу светии кои Бог ги издигнал во сила и светост за прослава на Неговото свето име и за спасение на луѓето. Светиите го прославуваат Божјото име со својот животен подвиг, со својата светост во која се издигнале преку Божјата сила. Тие изгреале како свети ѕвезди на небесниот свод, а на Црквата ѝ служеле за спасение на верните луѓе. Доколку верниот човек ги впери своите очи во небото на верата и ги види ѕвездите на светоста, тој е веќе упатен во животот и не го губи патот и насоката на доброто.
Светиите се за поука на нас верните луѓе. Сѐ во нивниот живот е со важност и за нас, зашто тие се последователи на Исуса и подражатели на Неговите свети апостоли. Што е поучително од животот на Божјите угодници? Дали нивната вера која секогаш е длабока и чиста? Преку таа вера тие можеле да ги видат времените и вечните нешта, да ги разберат правилно според нивната вистинска поставеност за тековниот и за вечниот живот. Каква поука е за нас предадената и сеоддајна љубов кон Исуса? Тоа го изразувале во следењето на Неговата волја и заповед за љубов кон Бога и луѓето. Што да кажеме за нивното смирение, за нивното откажување, не само од удобноста и благодетите и задоволствата во светот, туку и од сопствената волја, само за да Го следат Христа во доброто и во љубовта? Смирението на светителите е восхитувачко, и тоа е онаа добродетел која ги издигнува многу високо, зашто колку повеќе човекот се смирува, толку Бог повеќе го издигнува. Од личните согледувања во животот знаеме дека колку еден човек е поскромен и посмирен, толку повеќе тој е издигнат во нашите очи. Има луѓе кои не ги почитуваат смиреноста и скромноста, а можеби некои се однесуваат со потценување кон тие прекрасни добродетели. Но, таквите луѓе се исклучок. Многу луѓе уште во древните времиња и пред христијанството ја сметале скромноста за висока добродетел која го краси човечкиот род.
Такви се светиите на Црквата Христова. Како подражатели на најсовршениот во смирението Христа, тие ни се најдобар пример и поука за тоа како човекот може да постигне вистинска смиреност. Тие се вистинска икона на Божјиот образ и подобие, зашто во нив е одразено непроценливото богатство на една душа, а тоа богатство никогаш нема биде обесценето. Напротив, таа нематеријална цена сѐ повеќе ќе расте за сите луѓе во светот.
Светиите за нас се поука, но и насока. Поради нашите ограничени сили и поради нашите слабости ние сметаме дека смирението е тешко остварливо. Но, светителите го оствариле и со тоа ни покажале дека е можно да се постигне смирението. Кроткоста, смирението, љубовта и силната вера се добродетели за кои сме повикани да ги оствариме. Ако светиите како луѓе се издигнале до тие височини, очигледно е дека и ние би можеле да се издигнеме до врвовите на евангелската добродетелност. Само потребно е да се стремиме силно и непоколебливо кон тоа.
Најголем поттик и насочување во следењето на светиите доаѓа од самиот Бог, зашто Он ни дава благодатни сили за да се стремиме нагоре. Големиот Божји угодник свети Атанасиј Велики, чијшто спомен денеска го прославуваме, се одликувал со длабока и непоколеблива вера и бил пазител на евангелската вистина. Со голема ревност ја пазел да не се доближат до неа какви и да се погрешни и еретички учења, и бил ревносен чувар на догмите на Православната вера. Поради таа ревност претрпел и страдања и прогонства, но од вистинската вера никогаш не отстапил. Затоа светата православна Црква му го дала епитетот Велики. Да се обратиме со молитва кон св. Атанасиј тој да се застапи за нас пред Бога, па по неговите молитви Семилостивиот Бог да ни ја зацврсти нашата вера. Со таква вера да одиме по вистинскиот Христов пат, да измолиме милост за спасение на нашите души и вечен и блажен живот во Царството Божјо. Амин!
Свети Атанасиј Велики
Ман. Св. Наум Охридски
31.01.2023 г.