Почитувани верници, во прилог Ви ја пренесуваме беседата од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, искажана во Неделата на цариникот и фарисејот, во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Од оваа недела нашата света православна Црква како грижлива мајка нѐ подготвува да го започнеме Велигденскиот пост. Ние, од денешното евангелско четиво, слушнавме за најголемиот грев пред Бога, а тоа е гордоста и осудувањето. Господ Исус Христос, кога одел низ Галилеја, ја забележал гордоста кај луѓето и, со желба да ги вразуми и поправи и да ги врати на правиот пат, ја кажал денешната парабола за цариникот и фарисејот. Господ Исус Христос сака да нѐ подготви да се справиме со демонот, кој постојано се труди да нѐ вовлече во различни гревови. Тој постојано гледа кој човек какви склоност има и натаму го наведува. Ако човекот е раздразлив го наведува на кавги, ако е завидлив го води кон некакво ривалство итн. Ако, пак, види дека некој постојано постапува по Божјите заповеди и живее добродетелно, тогаш се труди да го направи горделив и хулител, односно да ги всади во него најомразените гревови пред Бога. Затоа еден човек колку и да е грешен, кога ќе се смири пред Бога и се покае од сѐ срце, прима опростување, а кога се гордее и хули на други луѓе, дури и да исполнил некои закони, сето тоа му останува напразно бидејќи со својата дрскост сето тоа го поништил.


Затоа и Христос во денешната парабола поучува праведните да не мислат дека се толку чисти и да ги навредуваат или осудуваат другите луѓе, да не се надеваат толку на своите добродетели колку на Бога, а оние кои се молат на Бога да не се молат со гордост и самопофалба туку со солзи и смирение. Зашто знаеме дека гордоста го истера Адама од рајот и најсветиот ангел од небото го турна, го потопи фараонот во морето, го погуби Голијат, разруши многу градови и села, или со еден збор, го спушти човекот до адот, а смирението го издигна до небото за кое Соломон вели: над оние кои се подигруваат Он се потсмева, а на смирените им дава благодат (Изр. 3, 34).


Денеска јасно гледаме во Евангелието како во лицето на фарисејот се претставени горделивите праведници, кои мислат дека се нешто возвишено, а во лицето на цариникот смирените грешници, кои се каат за нивните гревови. Оттука гледаме како горделивите луѓе, кои се фалат како фарисејот и ги осудуваат другите, ги губат добродетелите и душите, додека, пак, смирените и оние кои вистински плачат како цариникот за своите гревови, истите им се опростуваат и излегуваат очистени. Ние луѓето често знаеме да бидеме неразумни, зашто ако направиме некое добро дело, не помислуваме дека тоа е направено со Божја помош туку велиме дека е со наши сили за да се пофалиме и да ги укориме другите, како и денешниот безумен фарисеј. Тој, откако го осуди цариникот и другите луѓе, кои ги нарече крадци и зли, се пофали себе си дека пости два дена во седмицата, дава десеток од приходот, но заборави дека ги прави овие добродетели само за да се пофали пред луѓето. Еве одличен пример за нас, христијаните, како не треба да постапуваме. Самиот Господ Исус Христос вели: ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, вие нема да влезете во царството небесно (Мт. 5, 20). Се поставува прашањето, како нашата праведност ќе ја надмине фарисејската? Само тогаш, кога ќе се смириме и ќе започнеме да кажуваме како цариникот: Боже биди милостив кон нас грешните. Само тогаш кога ќе започнеме да ги гледаме само нашите гревови, без да ги осудуваме другите луѓе. Зашто Бог е милостив и им проштева на смирените и ги прославува, додека горделивите ги понижува и посрамува.


Затоа сме должни да се пазиме од гордоста и осудата, да не се интересираме за гревовите на другите луѓе, па дури и со наши очи да видиме дека некој греши не треба да го осудуваме. Бидејќи ние ниту имаме полза ниту штета од неговиот грев. Оној кој грешел тој ќе дава одговор пред Бога, а кога е така, тогаш не треба да судиме за други гревови, освен за нашите. Кој денес согрешил може утре да се покае и очисти, а кој е денес праведен утре може да падне и да згреши. Затоа секој треба да плаче за своите гревови и да не осудува други.


Кога ние сме добри, гревовите на луѓето не можат со ништо да ни наштетат. Праведниот Лот живеел во градот Содом, среде многу гревовен свет, но тој ниту згрешил ниту осудил некого и затоа Бог го избавил од страшниот оган. Додека, пак, грешните Содомјани ги изгорел, бидејќи Бог е праведен и наплаќа на секој според неговите дела. Самиот Господ Исус Христос вели: Со каква мера мерите, со таква ќе ви се мери (Мт. 7, 2). Затоа треба да ја отфрлиме гордоста и осудувањето и да го засакаме смирението, со кое цариникот се оправда пред Бога. Бидејќи смирението е најголема добродетел пред Бога, тоа ги спасува луѓето, ги прославува, го просветлува умот, лекува од гревови и ја издигнува душата на небото, додека, пак, гордоста и превознесувањето ја симнуваат душата до адот. Па и ние да се огледаме на цариникот и да побараме со смирение Бог да биде милостив кон нас грешните и да ги спаси нашите души. Амин.

Недела на цариникот и фарисејот
Капела на Митрополитска резиденција Охрид
05.02.2023 год.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3