„Од Твојата татковска слава се оддалечив безумно, на зло го потрошив богатството што ми го предаде. Затоа како блудниот (син) Ти се обраќам: Згрешив пред Тебе, Оче Штедар, мене покајникот прими ме и, како еден од Твоите наемници, направи ме“ (кондак на Утрена во Неделата на блудниот син).

 

На 12.02.2023 година, во Неделата на блудниот син и на празникот на светите Три Светители: св. Григориј Богослов, св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст, во храмот „Св. Никола“ во Враништа, Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ристе Наумоски и Димитрија Павлески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Ова е втората подготвителна недела за Велигденскиот пост. Господ Исус Христос ни изнесува една нова поучителна парабола, параболата за блудниот син. Еден човек имал два сина, тука човекот е Бог, а двајцата синови се два типа на луѓе, поточно праведните и грешните. Постариот син е пример за праведниците, а помладиот ги симболизира грешниците. А кога се вели дека таткото им го поделил подеднакво имотот на двата сина, тоа ни покажува дека Бог им дал и небо и земја, и сонце и месечина, и ѕвезди и други добродетели подеднакво и на праведните и на грешните. Грешниците кога ги виделе сонцето, месечината и другите нешта, започнале да им се поклонуваат и да го забораваат вистинскиот Бог. Додека, пак, праведниците кога ги виделе Божјите дела, Го познале Бога и Го прославувале. Бог го создал човекот со слободна волја и му дал разум да разликува добро од зло. Затоа кога ќе направи некое добро дело според својата волја, тој бива пофален од Бога, но кога самоволно ќе го изостави доброто и ќе го избере злото, грешниот човек се оддалечува од Бога. Тој тогаш не ги слуша Божјите заповеди, ја изоставува молитвата и не сака да се покае, не се причестува, и така безрасудно, ги разрушува Божјите дарови во себе, како во умот така и во телото, и се оддава на најразлични гревови, кои не само што ја погубуваат душата туку и телото.


Таквиот човек се оддалечува од Бога и загинува, како што вели пророкот Давид: зашто ете оние што се оддалечуваат од Тебе, пропаѓаат (Пс. 71, 27), додека пак оние кои се плашат од Него, ќе примат секакво добро (Пс. 24, 12). Но, ние како луѓе по природа сме слаби, затоа честопати грешиме, но како разумни луѓе, и да згрешиме не треба да бегаме од Бога како блудниот син туку треба што побрзо да потрчаме кон покајание и исповед. Затоа кога Го оставаме Бога и Неговиот закон, преку многуте гревови се приврзуваме кон демонот, кој нѐ тера да пасеме свињи како блудниот син. Треба да знаеме дека секој грев најпрво ни изгледа сладок, а потоа донесува горчина, како и вечна погибел. Но, ние, исто така, преку блудниот син гледаме колкава сила има покајанието. Тој се моли и вели дека не е достоен да се нарече син, па моли да го прими како еден од слугите. Но, Бог е толку милостив и го сака грешникот кога искрено се кае, Он ја простира Својата милост и го пресретнува покајникот со радост. Бог само чека грешниот да се покае со чисто срце и веднаш го прима.


Господ Исус Христос затоа и дојде на земјата, за да ги спаси грешниците, онака како што го прими таткото блудниот син со радост. Он им заповедал на слугите да го облечат во нови алишта, со прстен на раката и нови обувки. Тука Христос ги нарекува слуги свештениците, кои со нивните беседи ги обраќаат грешниците кон покајание и ги облекуваат со добродетели и надеж. Прстенот го означува печатот на Светиот Дух, а обувките Божјата сила, бидејќи кога ќе се покае грешникот добива дар од Светиот Дух и сила Божја со која го победува демонот и го пази од секакво зло. Угоеното тело, се Телото и Крвта Христови, со кои грешниците се причестуваат откако ќе се покаат, а со тоа Го развеселуваат и Бога и сите Божји ангели.


Стариот син се праведниците, а нивите се овој свет. Праведниците се тие кои се трудат во овој свет со нивните добродетели, но кога гледаат колкава милост пројавува Бог кон грешниците, некогаш им станува тешко, па затоа велат: Господи ние секогаш постапуваме според Твоите зборови и заповеди, ти никогаш не ни даде ниту едно јаре да се повеселиме со пријатели. Гревот е наречен јаре, а пријателите се желбите. Праведниците како да сакаат да кажат, Ти Господи не ни дозволи да погрешиме, а ги примаш овие грешници со толку гревови. Но, Бог ги утешува велејќи: вие праведните секогаш сте со Мене и целата моја слава е за вас, затоа не треба да жалите што сте се зачувале чисти, а треба да се радувате дека грешниците се обратија со покајание, бидејќи и тие се Мое создание.


Од денешната парабола научивме колку е милостив Бог кон грешниците кои вистински се каат. Затоа оној кој сака да прими вистинска милост и прошка од Бога, треба да земе пример од блудниот син. Тој треба да го собере својот ум, кој е расеан по лоши работи, и да си дојде при себе, да отиде кај некој духовник за да ги исповеда сите свои гревови и да рече: оче згрешив и не сум достоен веќе да се наречам ниту христијанин и не знам како ќе ме прими Бог. Бог ни простува само кога искрено и од срце се каеме за сторените гревови. Тогаш ни испраќа спасителна надеж и дар од Светиот Дух и со тоа постануваме достојни христијани и наследници на Божјото царство. Да се обратиме со молитва и кон светите Три Ерарси, светиот Василиј Велики, светиот Григориј Богослов и св. Јован Златоуст, чијшто спомен денеска го прославуваме, тие да бидат наши застапници и молитвеници пред Бога, па и ние преку покајанието, очистени да одиме по вистинскиот пат, за спасение на нашите души и стекнување на Царството небесно. Амин.

 

Недела на блудниот син
Храм „Св. Никола" Врaништа, Струга
12.02.2023 г.

 

nedblsin2023 1nedblsin2023 2nedblsin2023 3nedblsin2023 4nedblsin2023 5nedblsin2023 6nedblsin2023 7nedblsin2023 8nedblsin2023 9nedblsin2023 10nedblsin2023 11nedblsin2023 12nedblsin2023 13nedblsin2023 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3