„Страдалнику Харалампие, ти се покажа како столб на Црквата, неизгаслив светилник на вселената и, откако болсна посветло од сонцето, ја прогонуваш идолската темнина; славен маченику, моли Го Христа Бога, да ни дарува милост голема“ (седален на Утрена на празникот на светиот маченик Харалампиј).
На 23.02.2023 година, на празникот на светиот маченик Харалампиј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отлсужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Драган Шуминоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, според востановениот обичај беше осветен медот, а потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Добрата совест е присутна во секој човек кој прави добро и кој се бори против злото. Совеста е гласот Божји кај луѓето. Тоа е покажано на многу начини, односно дека постои совеста како елементарна реалност во животот на луѓето. Многу мудро е речено на едно место дека совеста е чукање на Божјото срце во градите на луѓето. На првите страници во Библијата напишано е дека Бог вдахнал Дух на животот во секој човек (1Мој. 2, 7). Со други зборови, доколку човекот ја слуша совеста, многу појасно го слуша гласот Божји, и колку повеќе е посовесен, толку повеќе и Духот животен владее во неговото однесување и подобро го проживува својот земен живот.
Исто така, на едно место е речено дека совеста е најсовршен Божји инструмент на кој Бог ги свири Своите небесни мелодии. Многумина мислат дека виолината е најсовршен инструмент, на кој најпрецизно може да се отсвират и најсовршените мелодии. Но, и виолината често пати знае да се раштима, па затоа е потребно често да се штима, интонира и да се доведе во музички склад и ред. Но, вистина е дека човековата душа е најсовршен Божји инструмент. Совеста на човековата душа е најважната жица на тој инструмент на кој одекнуваат Божјите звуци. Затоа е потребно луѓето да ја штимаат таа најдрагоцена виолина, држејќи се постојано до остварување на Божјите ноти, а тоа е љубовта кон Бога и луѓето. Тоа се постигнува со духовната заедница со Бога остварена преку молитвата, преку слушањето на Божјите зборови, како и гласот на Господа Исуса Христа и Неговиот Дух. Така е можно преку целиот живот да се штима душата на луѓето.
Зборувајќи за чистата совест, еден познат духовник запишал: најјасно и најгласно го слушам гласот Божји после секое добро дело што ќе го направам. Најдобро го слушам тој глас, кога ќе направам најзначајно добро дело. Ми се чини како да ги слушам Божјите зборови во себе – многу благодарам. Чистата совест е дворец Христов, храм на Светиот Дух, рај на сите радости, непрестајно празнување на светителите – така често зборувал блажени Августин.
Христовиот дворец може да го стекне секој човек без големи маки. Во храмот на Светиот Дух може да влезе секој од нас. Тој рај на сите радости и вечна слава може да го добие секој човек. И секој човек кој се учи на Божјата волја, лесно може да ја слушне небесната музика, а тоа е Божјата вистина, најсовршената правда и љубов.
Нечистата совест е како жива рана. Таа често боли повеќе од секоја телесна болка. Секое нечесно постапување е удар врз човековата душа која прави зло. Секоја омраза е како бумеранг кој се враќа и го погодува човекот кој мрази. Секоја неправда и секое зло и секоја невистина која човекот ќе ја изговори е ново чувствување на вина која тишти, мачи, боли, било да е тоа порано или подоцна.
Каква е оваа појава во животот на луѓето? Тоа е болка која ги мачи луѓето и надворешно и внатрешно. Тие болки се сигнали на изопачен внатрешен живот, кои опоменуваат на опасност и потреба да се бараат лекови. Болките во човечката совест се сигнали кои ги опоменуваат луѓето за направените гревови, беззаконија и заблуди. Тие опомени не се знаци на Божја казна туку гласови Божји што ги опоменуваат луѓето да се вратат на правиот пат, ги повикуваат на покајание, поправка, преобразба и препород. Со други зборови, болната рана на човечката болна совест е израз на Божјото човекољубие, а не на Неговата одмазда. Напротив, тоа е еден од знаците и начините на Божјото спасение, бидејќи Он сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината (1Тим. 2, 4).
Чистата совест е најдрагоцена појава во животот на луѓето. Таа е слична на компас што се наоѓа на патот низ големиот океан на животот и го покажува вистинскиот пат. И тоа не само на христијаните туку на сите луѓе, дури и на оние кои се сметаат за незнабошци, бидејќи тие докажуваат дека постапуваат според законот, запишан во нивните срца, за што сведочи нивната совест, а и нивните внатрешни размислувања со кои меѓусебно се оправдуваат (Рим. 2. 14-15).
Божјите угодници ни покажуваат дека чистата и мирна совест ги издигнувала кон повозвишени цели и ги кревала до светост која ни е зададена на сите нас. И денешниот свештеномаченик Харалампиј, чиј спомен го празнуваме, го жртвувал својот живот, но затоа Бог го прославил и ете седумнаесет векови се слави неговиот спомен, а и за време на животот му дал долг живот, па самиот поживеал длабока старост од 113 год. И ние денеска да се обратиме со молитва кон него, та преку неговите молитви и нам Бог да ни даде сила и крепост, па и ние секогаш да ја држиме будна нашата совест, да правиме добри дела прославувајќи Го Триединиот Бог, и да се надеваме на милоста Божја за спасение на нашите души. Амин.
Св. Харалампиј
храм „Пр. Богородица - Каменско" Охрид
23.03.2023 г.