„Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на мрзливост, изнемоштеност, властољубивост и празнословие“ (молитва од св. Ефрем Сирин).

 

На 26.02.2023 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто во присуство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, началствуваше архимандритот Нектариј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрлано ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Ние дојдовме до спасителниот подвиг на Велигденскиот пост. Тоа е особено време во кое секој од нас се надева, со нови животни сили од секојдневниот живот, да се сосредоточи со големо внимание на својот внатрешен мир, на своите мисли, постапки, чувства и на своите дела. Велигденскиот пост несомнено претставува време на посебни услови, во кое секој може да се запраша што има направено за своето внатрешно преображение, односно за изменување на својот живот? Познато е дека многу луѓе даваат збор за време на Велигденскиот пост да се откажат од своите слабости, како што се најразличните задоволства, пушењето, алкохолот, како и други слабости. И многумина тоа го запазуваат, затоа што ова време на Велигденскиот пост е време на молитва, време на воздржување од богати трпези, време за размисли за својот внатрешен мир, кои создаваат посебни благодатни услови, за да се донесат пријатни и важни решенија, а во таа смисла и ослободување од сите бремиња од гревовите и другите застанувања и падови.


Евангелието нѐ поучува на еден неопходен услов, без кој човекот не може да прими од Бога опростување на гревовите. Тој услов е познат речиси на сите, бидејќи е вклучен во Господовата молитва: „и прости ни ги долговите, како и ние што им ги проштеваме на нашите должници“. Тука не станува збор за нашите долгови во права или преносна смисла, туку станува збор за гревовите, за навредите што некако длабоко нѐ повредуваат и нѐ лишуваат од внатрешниот мир, а со тоа и нѐ погубуваат и прават некаква преграда, некогаш сокриена, а некогаш отворена. Таквата состојба неретко предизвикува и конфликти, а понекогаш и ние самите се јавуваме како причина, тогаш кога на злото одговараме со зло.


Најпрво, она со што треба да го започнеме бојното поле на Велигденскиот пост, е мислата дека ако ние не можеме да опростиме на нашите должници, тогаш не треба ни да очекуваме дека Бог ќе ни ги прости нашите. Ние сме должни да ја оставиме секоја гордост, да се ослободиме од сите наши престапи и гревови и да примиме опростување од Бога и од другите луѓе. Но, и да сме свесни дека ништо нема да примиме ако ние не им ги простиме долговите на нашите „пријатели“. За што може да зборуваме, ако постои таква завист на еден човек кон друг? Господ дошол во овој свет за да нѐ ослободи од пленството на гревот и гревот да престане да владее со луѓето. Христос се принесе како жртва за човечкиот род, за да го избави од вечното страдање и од вечните маки. На сите ни е познато дека секој човек треба да поднесе казна за секој грев и престапување, но Бог преку Христа таа казна ја прими врз Себе. Оној Кој немал никаков грев, Синот Божји и Синот човечки, на Голгота се принесе Себеси за гревовите човечки, искупувајќи ги тие гревови. Ако Господ според Својата милост ги искупил гревовите на сите, па и нашите, тогаш зошто ние не можеме да простиме на нашиот ближен? Дали тоа не значи дека со нашето непростување, со нашата грубост и горделивост повторно го распнуваме Христа и се откажуваме од Неговата мисија, не ја признаваме и не сме солидарни со неа? Што значи дека ако сакаме да примиме простување на сопствените гревови, ние сме должни да им ги простиме долговите на другите луѓе.


Треба оваа вечер да размислиме уште за нешто. Првите луѓе го направиле гревот од непослушност, и затоа биле казнети и истерани од рајот. Господ им дал сѐ за живот, но им дал и заповед за воздржување, која била дадена како должност што ќе ги воспитува, ќе ја зајакнува нивната волја и ќе ја усовршува врската со Бога. Но, човекот не сакал да се воздржува, тој посакал да постапува како што барал неговиот глас на телото: земи, гледаш колку е убаво. Ако го проанализираме првиот грев, ќе видиме дека основната причина е невоздржувањето. А што е тоа воздржување? Воздржувањето е самодисциплина, тоа е способност да се управува со своите мисли, чувства и дела, соодветно на потребите што се јавуваат за секој од нас. Воздржувањето бара сили, сили на волја и сили на убедување. Но, ако гревот настапува преку невоздржувањето, тоа значи дека ослободувањето од гревот треба да се постигне со воздржување.


Ете зошто ни се предлага Велигденскиот пост како посебно време во годината за ослободување од гревот. Господ преку Црквата ги повикува сите луѓе на воздржување. Воздржувањето не е едноставно воздржување од невкусување на некое јадење и пиење, што за жал често и самото тоа се појавува за некого како голем товар. Воздржувањето е една внатрешна состојба, која ни ја покажува нашата духовна лествица, лествицата на нашата волја и развитокот на нашата душа. Да се обидеме да се воздржуваме од сите беззаконија и гревови, па поминувајќи го Велигденскиот пост во воздржание, простување и молитва, подготвени да го дочекаме и светлото Христово Воскресение. Амин.

Прочка (вечерна)
Храм „Пр. Богородица“ - Каменско Охрид
26.02.2023 г.

 

 

procka2023 1

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3