„Денешниов ден е полн со радост и веселба, зашто блеска светлината на вистинските догмати, и свети Црквата Христова, украсена сега со враќањето на светите икони, и меѓу верниците владее богодостојно едномислие“ (хвалитна стихира на Утрена во Првата недела од Великиот пост).

 

На 05.03.2023 година, во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот никодим, свештеникот Васил Михајлоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутните верници со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска светата православна Црква ја прославува Неделата на православието или триумфот на православието. Се вели дека колку еден човек е поголем толку повеќе непријатели има. Господ наш Исус Христос по Својата човечка природа е најмоќната, најумната и најблагородната Личност во човечкиот род. Тој е всушност идеал кон кој треба да тежнееме и кој треба да го следиме. За Него, св. Јован Крстител, најголемиот помеѓу родените од жена, има речено: јас не сум достоен ниту ремењата од обувките да му ги одврзам... (Јн. 1, 27). Оваа човечка величина на Господа Исуса Христа ја признаваат и многумина кои не го признаваат Неговото Божество или, пак, го негираат. Затоа Он и Неговото дело - нашата света православна Црква, имаат најмногу противници, и тоа од самиот почеток па сѐ до денешни дни, а најверојатно ќе ги има до крајот на светот и векот. Но, Господ Исус Христос нѐ теши со зборовите: Да не се плаши срцето ваше, ниту да стравува... Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот (Јн. 14, 27; 16, 33). Неговата света Црква е столб и тврдина на вистината (1. Тим. 3, 15) која не може ниедно зло да ја надвладее, па дури ни пеколните врати (Мт. 16,18). Така Господ има речено, а неговиот збор е вистина, оти Он е Вистина.


Историјата на Христовата Црква ги дели непријателите на христијанството на два вида: надворешни и внатрешни. Во надворешни се сите оние кои не се крстени. Почнувајќи од Јудеите, кои од самиот почеток кренале рака на Господа (Дела. 4, 26), потоа римските императори во првите три вика, почнувајќи од Нерон, Трајан, Севериј, Диоклецијан и Јулијан Отпадник. На сите страни во тогашната Римска империја се прогонувале христијаните и се лиела нивната крв. Империјата, пак, го опфаќала целиот цивилизиран свет познат во тоа време. Токму во тоа време империјата била на својот врв и со сила и со моќ. Но, сепак, Црквата Христова победила. Пролеаната крв на христијанските маченици не била за уништување на христијанството туку, напротив, се покажала како семе за нови христијани. Верата наша е таа која го победи светот – вели св. ап. и ев. Јован (1. Јн. 5, 4).


Христијанската Црква растела од ден во ден, а многубоштвото се смалувало. Христијанството се раѓало, а многубоштвото умирало, но за жал непријателите на христијаните не се исчезнати. Мачевите отапеле, копјата се скршиле, пламените изгаснале, џелатите се измориле, но борбата против Господа Исуса Христа и Неговата света Црква не исчезнала. Сега непријателите се јавиле на внатрешен план. И токму кога Црквата била на своите највисоки достигнувања, во времето на т.н. златен век, токму тогаш во неа се јавуваат внатрешните непријатели. Тоа се еретиците, лажните учители, почнувајќи од Ариј, Македониј, Несториј, Ефтихиј, монофизитите, монотелитите и на крај иконоборците. Сите овие ереси ја потресувале Црквата долги векови, од IV до IX, некогаш послабо некогаш појако, но најстрашна е последната иконоборечка ерес. Овие последните биле поддржувани од византиските императори и биле страшни гонители на вистинските чувари на иконите. И покрај Седмиот вселенски собор, кој се одржал во Никеја во 787 година, гонењето на иконите и иконоподржувачите продолжило уште цел век подоцна. Дури во 843 год иконоборството ќе биде победено, кога царицата Ирина и патријархот Терасиј на свечен начин повторно ќе ги вратат иконите во храмот „Св. Софија“, како и во другите храмови во империјата. Токму ова и бил поводот за воспоставување на денешниот празник, кој се прославува како триумф на Православието.


Господ Исус Христос ги наоружал својата Црква и Своите верници со непобедливо оружје, кое не отапува како меч, не се крши како копје, не се гаси како факел, ниту, пак, се изморува како џелат. Тоа преку употребата не се смалува ниту уништува. Напротив, тоа оружје преку употреба се умножува, расте и може да порасне до невидливи размери. Тоа оружје е силата што Господ Христос му ја дал на човештвото, а таа сила е љубовта, која сѐ сврзува во совршенството (Кол. 3, 14). Таа никогаш не престанува. Вечна е како Бог, бидејќи Он е љубов. Напразни се борбите против Него, зашто Он со љубов победува вчера, со љубов победува денес, со љубов ќе победува и утре. На Него, вечниот Победител, со Отецот и Светиот Дух, Нека Му е слава и благодарност во сите векови. Амин.

 

Недела на православието

Храм „Св. Никола Геракомија“ Охрид
07.03.2023 г.

 

nednaprav2023 1nednaprav2023 2nednaprav2023 3nednaprav2023 4nednaprav2023 5nednaprav2023 6nednaprav2023 7nednaprav2023 8nednaprav2023 9nednaprav2023 10nednaprav2023 11nednaprav2023 12nednaprav2023 13nednaprav2023 14nednaprav2023 15nednaprav2023 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3