„Поткрепени со твојата сила, верно ти викаме: Радувај се, граде на Царот на сите; горо несечена, за која јавно беа раскажувани и слушани чудесни нешта! Радувај се, длабочино неизмерна“ (песна од канонот на Мало повечерие на Акатист на Пресвета Богородица).
На 17.03.2023 година, во Петокот од Третата седмица на Великиот пост, во капелата посветена на преп. Пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, во вечерните часови, беше отслужено Мало повечерие со Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и еромонахот Кирил. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Пресветата Дева Марија живеејќи на земјата била украсена со многу христијански добродетели, преку кои добила милост од Бога, а за кои и денеска се прославува од сите родови на човештвото. Помеѓу многуте прекрасни добродетели, таа засветлила како сонце на добродетелта и на покорноста на волјата Божја, според нејзините зборови: еве ја слугинката Господова, нека ми биде според Твоите зборови (Лк. 1, 38). Токму така одговорила Пресвета Дева Марија на Архангелот Гаврил, кој и благовестил за нејзиното бессемено зачнување и раѓањето на Богочовекот Христос, а преку наитието од Светиот Дух. Во тој одговор на Пресветата Дева се гледа како сецело и безусловно се предава на волјата Божја, а овој пример на Богородица може да биде пример и за нас, како пример на безусловно подражавање. И ние, слично на неа, треба да се предаваме на волјата Божја во сите дејствија во нашиот живот.
Бог како Премудар, Кој сѐ гледа и сѐ знае, ги гледа и сите наши размислувања, кои побудуваат кај нас безусловно предавање и нѐ насочува кон доброто. А ние, како краткогледи и неразбрани во нашите согледувања, не само што не можеме да ја согледаме иднината туку не можеме да проникнеме ниту во денешнината, која е блиска до нас, па често и јавно правиме планови што ќе послужат за нашата погубност. Бог е семоќен и за Него нема ништо што е неможно. За нас постојат многу несуштествени нешта, а тоа е како последица на нашата ограничена природа. Бог е добар и за сите сака добро и спасение, а ние луѓето, зли и склони кон разврат, често си причинуваме душевни штети и посакуваме нешто што е спротивно на волјата Божја. Затоа ние и не се предаваме целосно на волјата Божја. Спротивно од ова, ние треба да се препуштиме на Божјата волја и промисла, и да го оставиме на нив разрешувањето на не треба да постануваме малодушни. Премудроста Божја знае кога и на каков пат да го води секој човек кон определената цел за него.
Пресветата Дева Марија Богородица секогаш е наш показател дека треба да бидеме спокојни на својот животен пат, да помниме дека Господ е милостив, особено кон оние кои се потчинети на Неговата беспрекорна промисла. Пресветата Дева Марија со својата покорност е прославена и возвеличена повеќе од ангелите и архангелите, и не само што човечкиот род ѝ служи и ѝ се поклонува туку и ангелските чинови побожно ја слават. Токму затоа и ние денеска ја прославивме со прекрасните акатистни песни.
Наша должност е да ја прославуваме и љубиме Божјата Мајка, а таа, како семилостива, одговара на нашите прозби со љубов и нѐ заштитува и покрива од секакво зло. Да ѝ се молиме секогаш, и наутро и навечер, и да повикуваме кон Неа: Радувај се радост наша, покри нѐ и заштити нѐ од секакво зло со твојот чесен омофор. Амин!
Трет акатист од Великиот пост
Ман. „Пресвета Богородица Пречиста“ Кичево
18.03.2023 г.