На 19.03.2023 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, и на празникот на св. 42 Аморејски маченици и на преп. Аркадиј Кипарски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска ја прославуваме Крстопоклоната недела, која е посветена за поклонување на чесниот и животворен Крст Господов. Во светото Евангелие според Марко ги слушнавме зборовите што им се добро познати на сите кои одат почесто во храмовите: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе својот крст и нека оди по Мене (Мар. 8, 34). Овие зборови, како и беседи поврзани со носењето на крстот многупати се изговараат во храмовите. Господ ни ги предава овие зборови како патека по која треба да одиме, а ние сме должни да го земеме својот крст, што подразбира и означува наша готовност да Го следиме Христа.


Неретко првиот дел од оваа фраза како да се остава на страна и не го задржува нашето внимание. Но, таа се јавува како многу важна, бидејќи без неа не може да се разбере носењето на крстот. Господ ни предлага „да се откажеме од себе и да го земеме крстот“. Што означува тоа да се откажеме од себе? Доколку некој човек ни предложи да се откажеме од себе, ние би одговориле дека тоа е ненормално, затоа што таквите кажувања одат против нашето искуство. Но, бидејќи овие зборови не се кажани од човек туку се Божји зборови, ние не можеме едноставно да ги отфрлиме туку сме должни да се потрудиме да проникнеме во нив и да ја разбереме длабоката смисла во нив.


Бог го создал човекот како самоспознајна личност, која го восприема и го спознава светот што го опкружува преку сопственото „јас“, а кое, сакале ние или не, секогаш ќе биде во центарот на нашиот мироглед, зашто така возложил Бог. Затоа нашето разбирање на светот секогаш е субјективно и зависи од нашите самосознанија, кои се формираат под дејство на разни фактори и средината во која живееме, семејството, образованието, културата и сето она што придонесува за формирање на човековата личност. Нашето „јас“ постанува основен инструмент за познавање на светот и главен филтер преку кој се пресејува целокупната информација, која ја примаме од дејствијата што нѐ опкружуваат. Но, ако е Божја волја и Негова замисла за човекот да биде таков, да го познава светот преку самиот себе, тоа значи дека ова не е гревовно, а е Богоугодно.


Тогаш се поставува прашањето – што е гревовно? Гревовна е егоцентричноста, насоченоста само и единствено кон себе. Тука ја гледаме разликата во тоа што е исправно или лажно. Таа, пак, неправилност се огледува не во познавањето на светот преку себе, бидејќи друг пат не постои, а во нашите желби целиот свет Божји да се раководи според нашите гледишта и пројави, а токму тука се појавува гревот. Но што се случува во обичниот живот? Кога некој почнува почесто да се спротивставува на нашите мислења, ние го избегнуваме или го третираме за опасен за нас. Зашто ние сакаме цел свет да го устроиме според нашето мислење, а во секого што ни противречи ние гледаме загрозување на нашето мислење, замисла и сл. Се поставува прашањето каде е тука крстот и што означува тој? Крст – тоа е страдање, но не секое. Ние знаеме дека некои страдаат од разни причини, некој крадел, се тепал и добил казна справедливо, и тоа не е носење на својот крст туку плаќање за својот престап.


Носењето на крстот е страдањето и воопшто сите случувања што ни ги дава Господ. Тоа можат да бидат и жалости, разни болести, катаклизми, односно сето она што ние би сакале многу да го избегнеме. Но, тоа се случувања што човекот не може да ги устројува според своите погледи и желби, зашто тоа е нешто кое влегува однадвор во нашиот внатрешен свет. Тоа е страдање што не е од нас туку страдање што е допуштено од Бога. Поминувањето низ овие состојби е носењето на нашиот крст. Но, доколку тоа не го примиме реално, ние уште повеќе ќе се мачиме и страдаме, а, всушност, не можеме ништо да измениме, бидејќи тоа не зависи од нас. Токму овие жалости и маки во светот ни помагаат во разбирањето на тоа што значи да се откажеме од себе. Тоа значи да го примиме овој крст смирено, без роптање и очајание, да го примиме она што Бог ни го дал. А тоа и ќе нѐ огради од помислите да го преобразиме светот според нашите желби и волји. Не ние туку Бог треба да биде центар во нашиот живот. Затоа само Он може да ни помогне во носењето на нашиот крст, да нѐ ослободи од маките или да ни даде сили да ги носиме. Господ нашиот Бог да ни помога на сите да го носиме својот крст, а за наше спасение, сега и во сета вечност. Амин.


Крстопоклона недела
Митрополитска резиденција Охрид
21.03.2023 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3