О севоспеана Мајко, која Го роди Словото - посвето од сите светии, откако ќе го примиш овој наш сегашен принос, избави ги од сите напасти и ослободи ги од идните маки, оние кои ти пеат: Алилуја!“ (Кондак 13 од Акатистот на Пресвета Богородица).

 

На 31.03.2023, во петокот од Петтата седмица на Великиот пост, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, во вечерните часови беше отслужено Мало повечерие со Акатист на Пресвета Богородица, на којшто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Акатистот, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Светата Мајка Божја пред своето себлажено Успение ги тешела апостолите и ерусалимските христијани кои плачеле, бидејќи останале сираци без неа. Но, таа им ветува дека ќе биде нивна застапница, и заштитничка за оние коишто ќе веруваат во нејзиниот Син. На третиот ден по нејзиното Успение, таа им се јавила на апостолите во небесна слава и ги поткрепила во надежта за неразрушливата врска со нив и им кажала: „радувајте се, јас сум со вас во сите денови“. Како залог на тоа ветување, Мајката Божја му ги подарила на родот христијански своите чудотворни икони, врз кои секогаш присуствува благодатта и чудотворната сила на нејзиното постојано застапништво. Чудотворните икони и сите црковни празнувања во чест на нашата Владичица Богородица се јавуваат како силни и живи сведоци дека над нас се простира благодатниот свет покров на Божјата Мајка. Таа, како Мајка на сите христијани, не нѐ остава во своите молитви и секојдневните застапништва пред нејзиниот Син и Бог, во сите денови од нашето битисување. Навистина, не постои место и земја, каде што верниците кои веруваат во Господа Исуса Христа се лишени од благодатта од посетата на Божјата Мајка и од нејзиниот небесен покров и помош.


Немало, ниту ќе има време кога таа ќе престане да им прави добрини на оние кои прибегнуваат кон неа со љубов, усрдност и со жива вера и надеж. Сега, пак, се поставува прашањето, кон кого е Мајката Божја особено блиска? Мајчинското срце на Богородица особено е посветено на оние кои Го љубат нејзиниот Син, Господ Исус Христос, со сето свое срце, со сета своја душа, со сите свои помисли, како што и таа самата Го љубела. И на оние кои преку самоодрекување Го следат Господа по тесниот и тежок пат, како што одела и таа кон Него на крстниот пат до Голгота.


Милосрдниот поглед на Божјата Мајка со љубов е свртен кон оние кои преку подвигот на верата го устремиле целокупното свое битие кон нејзиниот Син и Бог, кои единствено во Него бараат поголема мудрост и разум, и кон Кого ги насочуваат сите свои желби и надежи. Затоа Пресветата Богородица пројавува посебна љубов кон светите монаси, кои го оставиле овој суетен свет и го посветиле својот живот на Едниот Бог, и во Него единствено собирале богатство и ја полагале радоста во нивниот живот. И Мајката Божја неотстапно престојува со нив, им помага на трнливиот пат и во носењето на крстот во нивниот живот. Преподобен Сергеј Радоњешки се удостоил да биде посетен од Божјата Мајка за време на неговата молитва за своите ученици. Царицата Небесна, јавувајќи му се на големиот духовник и угодник Божји, му кажала: „се услишаа твоите молитви. Јас ќе бидам молитвеница пред престолот Божји за тие кои ќе живеат и ќе ја посетуваат оваа света обител до свршетокот на векот“. Така внимава Пресветата Богородица на подвижниците на верата.


Каков е нејзиниот однос кон нас многу грешните? Премилосрдната Мајка на родот христијански со долготрпение го очекува нашето покајание и е готова со мајчинска љубов да ги прими сите кои ќе го остават својот порочен живот. При сета нејзина голема светост и чистота, таа не се гнаси од големите грешници кои и се обраќаат со молитва за помош. Спасувајќи го човекот од беди и гревови, таа ја чува неговата душа од нови паѓања и го заштитува од лоши духови.


Во житието на св. Нифонт епископот Кипарски, се раскажува како по чудесното вразумување од Божјата Мајка тој го оставил гревовниот живот, и заради длабокото смирение, Мајката Божја неотстапно го сочувала со својот свет омофор во сите последователни денови од неговиот живот. Од неговата уста никогаш не престанала молитва кон Царицата Небесна. Еднаш кога светителот Божји спиел, ненадејно му се јавил демон со оружје и се нафрлил на него со намера да го убие. Но, силата Божја, благодарение на застапништвото на Пресветата Дева, го запрела тој удар. Демонот отскокнал од праведниот и рекол: „О, Маријо! Ти секогаш ме прогонуваш од овој жесток за мене човек“. Така, браќа и сестри, Мајката Божја го чува секој човек кој прибегнува кон неа за помош. Таа постојано се моли за сиот род христијански: „Цару небесен! Прими го секој човек кој те прославува и го повикува моето име на помош и избави го од секакво зло и лоши дела“.


Па и ние, кои заедно се молиме на овој акатист на Мајката Божја, да бидеме заштитени во нашиот живот и да прибегнеме под покровот на Царицата Небесна, и да извикаме: „Радувај се радост наша, покри нѐ од секакво зло со твојот чесен омофор“. Амин.

Петти Акатист на Пресвета Богородица
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Охрид
31.03.2023 г.

 

Pettiakat2023 1Pettiakat2023 2Pettiakat2023 3Pettiakat2023 4Pettiakat2023 5Pettiakat2023 6Pettiakat2023 7Pettiakat2023 8Pettiakat2023 9

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3