„Во тебе, мајко, сигурно се спаси она што е според образот (Божји): откако прими крст, си Го следела Христа, и со пример си нѐ учела да го презираме телото, зашто е минливо, а да се грижиме за душата која е бесмртна. Затоа, преподобна Марие, твојот дух се радува со ангелите“ (тропар на преп. Марија Египетска).
На 02.04.2023 година, во Неделата од Петтата седмица на Великиот пост - Неделата на преп. Марија Египетска, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протонамесникот Зоран од Банатската епархија (СПЦ) и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрлано ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Што би се случило со нас луѓето, доколку нашиот Спасител Господ Исус Христос не ни ја дал тајната на покајанието? Во Светото писмо се вели: Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога (Рим. 3, 10-11)... зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот се познава гревот (Рим. 3, 20). Сите ние сме потопени во грев и без можност да се очистиме, и ако не сме според судот на вишата справедливост, тогаш би подлегнале на вечно проклетство. Но, благиот Господ Исус Христос ни дава надеж на нас грешните и им дава спасение на оние кои се кајат. И еве во оваа Петта недела ние ја прославуваме света Марија Египетска, која со силата на покајанието се издигнала од адските бездни до врвната светост. Уште од својата младост преп. Марија Египетска била ненаситна во гревовите и невоздржана во животните наслади. Гледајќи на неа, весело се смееле демоните, а горко плачел ангелот чувар. Но, Господ, со Својата неизмерна милост, не ја оставил да се покаже како безнадежна и заблудена душа. Бог преку Својата промисла испратил знаменија, а Марија нашла во себе сили за беспрекорен подвиг на покајание и излез од гревовната бездна и се издигнала до рамноангелска висина.
Секој еден кој размислува за гревовите од младоста на Марија Египетска, ќе помисли дека неговите гревови се мали и Господ ќе му ги прости. Но, тоа мислкење е заблуда и душепогубно. Самиот најголем Судија зборува вака: Вие се правите праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што меѓу луѓето се цени, пред Бога е одвратност (Лк. 16, 15). Нема гревови големи и мали, има само грешници кои се каат и кои не се каат, односно чии срца се закоравени. Преподобната Марија Египетска во пустината се посветила на покајание, а за прошка на гревовите од својата младост. Како ја искупила Марија Египетска својата душа од ропството на гревот? Таа околу половина век се подвизувала во непрестајна молитва со покајни солзи, живеела без храна и пиење, под силното и топло пустинско сонце, така што нејзината бела кожа поцрнела, а косата ѝ побелела. И преку седумдесет години подвизи, Господ ѝ подарил совршено очистување и благодатна сила, па преподобната Марија, подвизувајќи се со молитви и пост, се удостоила дури и еден лав да ѝ служи и да оди по вода како по суво. Затоа и се нарекува рамноангелна.
Дефинитивно, најголем дел од нас смртните не сме способни да извршиме слични подвизи и можеме само да им се восхитуваме. Но, милостивиот Господ, знаејќи ги нашите немоќи, не бара од нас да го правиме она за што не сме способни да го направиме. Во секој човек има гревови и сите тие се слични на змеј кој го гризе неговото срце. Во тајната на покајанието ние сме должни да го смириме внатрешниот непријател на нашето спасение, пред да нѐ внесе во погибието на нашата душа. Господ не ја сака смртта на грешникот туку да му се простат гревовите на оној кој се кае. Но, во Неговите очи нашето лукаво самоугодување претставува мерзост.
Младата Марија Египетска се натопила во гревот. Светиот Дух ѝ го преградил патот во храмот и тоа едно единствено знамение се покажало доволно за таа да се упати на патот на праведност. А, ние, колкупати сакаме да го искушуваме долготрпението Божјо? Знаеме за чудата Господови, што се јавуваат во нашиот живот и кои постојано нѐ опкружуваат, како воздухот што го дишеме, но ние едноставно не ги забележуваме или поточно не сакаме да ги забележиме. Примерот на св. Марија Египетска да ни послужи како пример, но и како надеж дека Господ Исус Христос го проштева и најголемиот грев. Па, и ние, од длабочините на бездната на падот, со вера и надеж да повикаме кон Господа Исуса Христа, бидејќи Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси она што е загубено (Лк. 19, 10). Амин.
5та недела од Великиот пост
Параклис „Св. Кирил и Методиј“
Ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид
02.04.2023 г.