„Нека ти пее, Владичице, твојот прататко Давид, свирејќи на духовна лира. Послушај го, ќерко, радосниот глас од ангелот, зашто ти благовестува радост неискажлива“ (песна од канонот на Утрена на празникот Благовештение на Пресвета Богородица).
На 07.04.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светото Благовештение на Пресветата Владичица наша Богородица, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Кирил Јованоски, свештениците Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Светата православна Црква денеска ни навестува почеток на нашето спасение преку откривањето на тајната од вековите сокриена. Без денешниот ден многу вистини за нашето претстојно спасение, а коишто биле пророкувани во Стариот завет, не можат да се разберат. Но, денеска, архангелот Гаврил ни ја открива таа тајна. Ни ја открива тајната што била одредена од Советот на Живоначалната Троица. Самото Слово, Синот Божји, прима тело од Дева Марија за да го обнови Адама. Денешниот празник ни благовестува голема радост на земјата, зашто земјата ќе го добие своето спасение. За денешниот празник, св. Григориј Ниски вели дека тој нѐ враќа во далечната историја, ни дава можност да разбереме од што сме лишени, но, исто така, ни ја јавува и големата љубов на Бога Отецот кон паднатиот човечки род.
Денеска настанал часот за воплотувањето на Синот, Бога Словото, часот од векови очекуван од човештвото, и часот со кој започнува нашето спасение. Бог го испраќа архангелот Гаврил кон Пресвета Дева Марија, со радосна вест за тоа дека Господ нејзе ја избрал да биде Мајка на Спасителот на светот. Архангелот Гаврил дошол во домот на Јосифа, кога Марија го читала Светото писмо, и ѝ рекол: Радувај се благодатна, Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените (Лк. 1, 28).
Првата Ева, која произлегла од реброто Адамово, преку измамата на змијата постанала врата на првородниот грев, правејќи го човештвото смртно. Новата Ева, на која сега Адам ѝ се радува, слушајќи го архангелското благовестие, ги собрала во едно своето срце, ум и душа, за да се подготви за оваа голема тајна, а која нашиот помрачен човечки ум не може да ја разбере. Само преку дарот Божји и верата можеме ова да го воспримиме. Првата Ева не го послушала гласот на Отецот Небесен, Кој создал сѐ за неа и Кој сѐ ѝ дарувал. Но, денеска се восхитуваат сите небесни сили, бидејќи Бог го испраќа архангелот Гаврил да му каже на човештвото дека Он сака да ја прими нашата природа, дека Он повторно сака да живее со нас, да зборува со нас и да нѐ обдари со Неговата голема љубов, и покрај нашето недостоинство.
Денеска многумина поставуваат друго прашање, како и зошто Господ после толку векови се вселува токму во утробата на Марија? На тоа најдобро ни одговара стих Акатистот на Благовештение, кој ни објавува дека таа била најдостојна меѓу жените, дека го очистила своето тело, и душата и срцето, и се подготвила себеси да постане тој ковчег на заветот и манна на животот. Таа ги воплотила сите пророштва што ги слушаме во Светото писмо на Стариот завет. Денеска благодарниот човечки род, кој со благодатта Божја и со своите усилби достигнува совршенство и висина, се поклонува на Пресвета Дева, преку која сите ние примаме спасение. И пред неа имало многу жени, чесни и верни, но ниедна не била толку достојна за да се нарече Мајка на Севишниот Господ. Зашто за Дева Марија се вели дека е почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Токму затоа таа е удостоена да биде Мајка Божја. Писателот на житието на Пресветата Божја Мајка вели дека таа и деновите и ноќите ги поминувала во молитва и ракоделие, и кај неа немало празно време. А кога го читала св. пр. Исаија, каде се вели: ете Дева ќе зачне и ќе роди Син, и ќе го наречат Емануил (Ис. 7, 14), таа се замислила, за што св. Григориј Ниски вели дека тогаш во себе си кажала: „Господи, колку би сакала да ѝ бидам слугинка на таа Дева, која ќе донесе таква голема радост на земјава“. Токму во тој момент архангелот Гаврил ѝ ја соопштува радосната вест: радувај се благодатна Господ е со тебе, благословена си ти меѓу жените (Лк. 1, 28).
Денеска е навистина голем ден за сиот човечки род, зашто со веста за доаѓањето на Спасителот во тело се навестува и спасението на сиот свет. Денеска повторно, преку веста на Архангелот, добиваме уверување дека за Бога нема ништо што е неможно. А Спасителот, во Својата света Црква, ни ги дал сите неопходни нешта за нашето спасение. Затоа и надвор од Црквата, ние сме надвор и од нашиот Спасител, односно надвор од вистината.
Драги браќа и сестри, слушајќи ги овие радосни вести, да ги приготвиме нашите срца и души, да ги измиеме со покајни солзи, широко да ги отвориме, та и ние да го слушнеме архангелскиот глас кој го благовестува спасението на светот. Да ги очистиме нашите срца, па да станат достојни за примање на Месијата, а Светиот Дух да ни го благовестува и осветлува патот до Царството Божјо, сега и во сета вечност. Амин.
Благовештение на Пр. Богородица
Храм „Св. Софија“ Охрид
07.04.2023 г.