На 10.04.2023 година, на Велики понеделник, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение (Мт. 26, 41)
Овие зборови од светото евангелие на апостолот Матеј нѐ повикуваат на големо внимание во времето на оваа страсна седмица. Кога морнарите ќе се приближат кон некое пристаниште со товарен брод, вложуваат голем труд за да не удрат во некоја карпа, па да им пропадне сиот труд што го вложиле. Така и ние, колку повеќе се приближуваме кон крајот на големите Божји чудеса што се случуваат во оваа недела, кога Христос го победи ѓаволот и кога ги помири луѓето со Бога, толку повеќе треба да вложиме поголем труд. Треба уште повеќе да се трудиме со пост, молитва и милостина, со правда, кроткост и со други добродетели. Примајќи толкави добрини од Бога, треба да бидеме благодарни и да ја поминеме целата недела во пост, бдение со молитви и милостини, секој според својата сила. Сите можеме да направиме по некое добро дело, да подадеме парче леб на гладен, чаша вода на жеден, да одиме редовно во храмот и да го слушаме словото Божјо, и да се молиме за нашите гревови и престапи. Затоа и светиот ап. Павле вели: Молете се постојано! (1Сол. 5, 17).
Но, не само да се молиме со зборови туку да внимаваме и со умот во нашата молитва. Треба да се молиме за нашите престапи и гревови, а пожелно е тоа да биде и ноќно време, кога сѐ се стишува и нема кој да нѐ вознемирува. Да се огледаме на царот Давид, кој и покрај тоа што имал големи обврски како цар, станувал ноќно време и се молел на Бога (Пс. 118, 6-7; 62, 7). Тој преку ден, зафатен со многуте светски грижи, немал време да се моли на Бога, но кога сите луѓе ќе легнеле и заспивале, тогаш се обраќал кон Бога со силни молитви, Кој му давал просветлување и помош против неговите непријатели за време на разните војни. Ако Давид како цар се молел толку силно, тогаш што да правиме ние обичните грешници? Тој бил цар и живеел посвето од нас христијаните, зашто храна му биле деноноќните солзи (Пс. 41, 3), со кои секоја ноќ го навлажнувал леглото, уморувајќи се од воздишките (Пс. 6,6).
Така се молел и св. ап. Павле кога бил во затвор. Така да правиме и ние секогаш и на секое место, зашто кога имаме чисто срце, тогаш можеме насекаде да се молиме на Бога, и во домовите и кога сме на пат и на работа, и секаде ќе примаме простување. А тоа е најпотребно сега, во оваа седмица пред Воскресението Христово, која треба да ја поминеме во пост и покајание. Очистени од гревовите, уште сега и тука да ги примиме сите блага и добрини и да се удостоиме за небесното Царство, а со помошта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кому нека е слава во вечни векови. Амин.
Велик понеделник
Капела на Митрополитска резиденција
10.04.2022 г.