На 11.04.2023 година, на Велики вторник, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денешното евангелско четиво ни зборува за десетте девојки, кои биле поканети на свадба, но не примиле сите еднаква чест, затоа што пет од нив биле мудри, а пет неразумни. Мудрите, бидејќи имале масло во нивните светилници, кога го слушнале гласот на полноќ дека младоженецот доаѓа, ги пресретнале свадбарите и влегле со младоженецот. Додека, пак, петте неразумни, дури кога слушнале дека доаѓа младоженецот тогаш почнале да бараат масло да ги запалат светилниците, но додека нашле тоа што барале, свадбарите со младоженецот влегле и портите се затвориле. Потоа неразумните девојки дошле пред портите и плачеле и викале: Господаре, Господаре, отвори ни, а тој им одговорил: не ве познавам. Гледаме како задоцнетото плачење останува без полза, но треба и да го разбереме значењето на оваа парабола. Описот на параболата е земниот живот, маслото се нашите добродетели, светилниците се нашата сила, вера и чиста совест, младоженецот е Исус Христос, девојките се нашите души, свадбата е Второто Христово доаѓање, портите се влезот во Царството небесно.
Но, да слушнеме што значи тоа да се отвораат и затвораат портите на Царството небесно. Вратите на Царството небесно се затвораат за луѓето заради нивните лоши дела, на кои се научени уште од млади години и не можат да се откажат од нив. Затоа е потребно да се пазиме од младини и да го искоренеме злото во свое време. Бидејќи ако не се лекува навреме една болест, таа постанува неизлечива, како што рекол пророк Давид: И, ете, кај безбожникот сѐ повеќе неправда, па се зачна злоба, а тоа роди беззаконие, та си ископа јама, и падна во јамата што ја направи (Пс. 7, 14-15). Овие зборови многу јасно ни кажуваат за задолжението што го имаат родителите за да ги учат децата од најрана возраст на страв Божји, бидејќи воспитанието е основа на нашиот живот. Детето од најрана возраст може да научи што е добро, а што зло. Небесните врати се затвораат поради телесните задоволства, кога човек не мисли за другиот свет, а ден и ноќ гледа само земни веселења и задоволства.
Се затвораат и заради невоздржување, зашто кога срцето е преполно со храна и пиење, умот се помрачува и тогаш човекот не може да Го види ниту Бога, ниту патот по кој оди. Поради таквото невоздржување отпаднале и Адам и Ева и си ги затвориле рајските врати. Зашто Христос вели: Само пазете се: вашите срца да не бидат натежнати од прејадување и пијанство, и тегобни грижи за овој живот, за да не ве затекне оној ден ненадејно (Лк. 21, 34). Се затвораат вратите небесни и заради нашето високо мислење за себе, бидејќи таквиот човек многу се лаже и не го слуша Светото писмо, не верува во Вистината и не се поправа во својот живот, и затоа останува надвор од небесната награда. Исто така се затвораат и заради нашите непокајани срца, зашто Бог ќе ни рече: бегајте од Мене сите кои сте правеле беззаконија и немате никаква добродетел. Наспроти ова, пак, небесните двери им се отвораат на луѓето заради добрите дела, им се отвора на покајаните срца, кои се подвизуваат со пост и молитва, а се отвораат и преку смирението.
И ние, денеска, кои се наоѓаме во овој свет храм, да ги запалиме нашите светилници со вера и со добри дела, и да одиме на таа радосна веселба, да се веселиме и да царуваме. Вратите се отворени, трпезата е поставена, ангелите стојат и Бог ќе ги прими праведните души со Неговите раце. Но, треба да знаеме дека таму нема да влезе ниту еден грешник кој нема да го помине патот на покајанието, кое ги отвора вратите на Царството небесно, а, секако, со помош на нашиот Господ Исус Христос, на Кого нека Му е слава, сега и во сета вечност. Амин.
Велики вторник
Капела на Митрополитска резиденција
11.04.2022 г.