„Јагнето што го навести пророк Исаија, оди на доброволно колење, и дозволува да биде биено по плеќите и образите; без да го свртува лицето од плуканиците, на срамна смрт се осудува; и Он, безгрешниот, доброволно прима сѐ, за да им дарува на сите воскресение од мртвите“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велики четврток).
На 13.04.2023 година, на Велики четврток наутро, кога ги прославуваме светите настани на миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим Паскали и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Пред Својата смрт, пред да се распрснат Неговите ученици, Христос ги собира за да им даде знак за Своето вистинско присуство. Он се предава Себеси до крај. Го дава Својот живот за нас, за ние да живееме со Неговиот живот и да имаме општење со Бога. И покрај тоа што е Бог, Он зема лик на слуга (Фил. 2,7) и се понизува Себеси. И пред Неговото издигнување над сѐ, Он пројавува крајно смирение. Знаеме дека со Своето воплотување Бог слезе од небото и се понизи Себеси, за да земе удел во нашата човечка природа и постоење. И ете, сега, на Тајната вечера, Он покажува уште поголемо смирение и понижување. Господарот и Учителот им ги мие нозете на Своите ученици. Он се понизил до земја, за утре да биде издигнат на Крст, и од тој крст да слезе уште пониско во земјата – во гробот. Он ќе слезе уште подлабоко, во адските длабочини, место заборавено, место на мртовците, провалија која нема дно, од каде никој не се враќа. И ќе биде вознесен оттаму со славата на Неговото воскресение – Владиката на сите и Господ на вселената.
Ние како Негови созданија треба да одиме по патот на нашиот Господ. Треба да се учиме да се поклонуваме пред нашите браќа и да им ги миеме нозете. Треба да го поминеме патот по кој поминал Он пред нас. Тоа е патот на служење до смрт, за да бидеме вознесени заедно со Него во Божествената слава. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас (Јн. 13, 15) – вели Господ.
Тајната вечера се случува во ноќта кога Господ бил предаван на смрт. Во ноќта во која беше предаден, а всушност Самиот Себе се предаде, како што исповедаме во молитвата на Златоустовата Литургија. Он им остава на Своите ученици спомен за Себе, за Својот живот и Својата смрт, и ова молитвено спомнување е неизмерно поголемо од само некакво обично сеќавање на Него. Тоа е свештенодејство кое треба да го правиме до свршетокот на светот: Ова правете го во Мој спомен (Лк. 22, 19). И повторно и повторно да го правиме преку благодата на Светиот Дух тоа што Господ го направил на Тајната вечера.
Знаеме дека на Тајната вечера Неговото тело е тоа кое се прекршува за нашите гревови. Господ најнапред го прекршил лебот, а потоа рекол: ова е Моето тело. Зарем Телото Христово е леб? Не, ни вели светата Црква. Тоа е леб кој се прекршува. Пред раздавањето на тој леб, тој леб се прекршува и во тој леб е објавувањето на Неговата смрт. Големото прекршување на Христовиот живот е прекршување на светот кој лежи во зло, каде што се кине завесата од горе до долу (Мт. 27, 51).
Телото кое се прекршува не значи просто физичко тело. Според јазикот на Светото писмо, тоа е плод, односно сето човечко постоење. А зборовите ова правете го во Мој спомен, пред сѐ, го означуваат тоа прекршување. Прв збор што Црквата го употребува кога зборува за Евхаристијата е прекршување. Во книгата Дела апостолски честопати читаме дека првите христијани биле во постојана молитва и апостолско послушание и во прекршување на лебот (Дела. 2, 42). На друго место се вели дека прекршувале леб и по домовите. Во Евангелието според Лука се вели дека апостолите Го познале Христа кога го прекршувал лебот (Лк. 24, 30-31). Има уште апостолски зборови кои ги слушнавме денеска на Литургијата: кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господ, додека Он не дојде (1Кор. 11, 26). Не се сомневаме дека апостолот го има предвид и Воскресението Христово. Но, зборот што го слушаме тука е смртта. Тајната вечера е жртва на принесување на Господа на Крстот, којашто Он им ја нуди на Своите ученици. Тоа е совршено јавување на Неговата љубов кон нас и заради нашето спасение. Господ ги љуби Своите ученици до крај, како што читаме во Евангелието според Јован. Христос ја извршува пасхата заедно со Своите ученици, онаа пасха која ќе ја изврши кога Сам се подготвува да стане пасхално Јагне на Велики петок. И ни открива дека во миењето на нозете и во Евхаристијата сведоштвото е едно и исто, а тоа е љубовта на Господа, Кој го дава Својот живот за нас.
Да се радуваме на дарот Христов што Он го дава и принесува за Својата Црква. Но, да не заборавиме дека Велики четврток нѐ подготвува за Велики петок, та и ние да можеме да ја празнуваме Христовата Пасха, но, не само во полнотата на радоста туку и во понесувањето одговорност, која ја бара Пасхалната тајна. Амин.
Велики четврток - Литургија
Ман. „Св. Климент“ Плаошник, Охрид
13.04.2023 г.