„Тебе, Творецот на сѐ и Бога, гледајќи Те на Крстот, Христе, онаа која бессемено Те родила, горко викаше: Сине Мој, каде зајде Твојата убавина! Не можам да гледам како Те распнуваат неправедно: но побрзај, стани, за да го видам и јас Твоето тридневно од мртвите воскресение“ (стиховна стихира на Вечерна на Велики петок).

 

На 14.04.2023 година, на Велики петок наутро, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беа отслужени царските часови и Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска, за време на читањето на царските часови, а потоа и на вечерната, слушнавме многу делови што светата Црква ги предвидува да се читаат. На денешната вечерна, која всушност е од Велика сабота, Го положуваат Господа за погребение. Последните зборови што ги изговорил Господ Исус Христос се зборовите: сѐ сврши (Јн. 19, 30). Ова се зборови на Христа, на Човекот Кој го изврши Своето дело. Во Својата борба со адот и смртта, Христос излегува како победник, излегува од мракот што Го опкружува во славата на светлината. Он умира за нашата смрт да стане победа. Но, патот кон таа победа не е лесен, како што сведочи Црквата Христова.


Слези од крстот па ќе поверуваме во тебе – Му викале Јудејците на Спасителот (Мт. 27, 42). Но, токму затоа што Христос не слегол од Крстот, ние веруваме во Него. Јудеите можеле да Го видат Бога единствено преку јавувањето на сила, но Христос е Бог на жртвената љубов. Он ги зел врз Себе сите гревови на целиот свет, ги зел беззаконијата од овој свет на злото и распаѓањето. Но, со Својата смрт Христос ја открива Својата совршена љубов, секогаш присутна и сега уште појасно откриена.


Патот кон Бога, којшто пред тоа бил затворен, сега постанал отворен за сите. Христовиот живот и смртта покажале каков е нашиот Бог. Нема таква преграда која би можела да нѐ одвои од Него, и нема таков човек за кого Христос не би умрел. Он на Крстот ги шири Своите раце за сите. Сѐ опростува и затоа вели: не знаат што прават (Лк. 23, 34). Со Својата Божествена љубов Он ги буди нашите срца, доведувајќи нѐ до покајание за нашите направени престапи и гревови. А ако нашето покајание биде површно, Господ преку разни околности и случувања ќе ни покаже каде се наоѓаме.
Христос со Својата смрт ја одзел силата на смртта, односно на ѓаволот. Ние уште сега можеме да слушнеме како адот воздивнува од мака, а веќе утре ангел ќе ја објави радосната вест: Зошто Го барате живиот меѓу мртвите? Тој не е овде, стана (Лк. 24, 5-6). Христос слегол во адот, ја разрушил адската врата, и радосниот џагор на Воскресението се приближува кон нас. Уште малку и оваа вест, која ќе го затресе сето небо и сета земја, ќе дојде и до нас. И оваа радост ќе исполни сѐ. Радост која никој и ништо, па ниту најголемиот непријател – смртта, не може да ни ја одземе, зашто вечниот живот кој засветли од гробот Бог ни го даде за навек. Амин.


Велики петок - утро
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник Охрид
14.04.2023 г.

 

velpetutr2023 1velpetutr2023 2velpetutr2023 3velpetutr2023 4velpetutr2023 5velpetutr2023 6velpetutr2023 7velpetutr2023 8velpetutr2023 9velpetutr2023 10velpetutr2023 11velpetutr2023 12velpetutr2023 13velpetutr2023 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3