„Со Отецот и Духот, да Го воспееме Христа Кој воскресна од мртвите, и кон Него да извикаме: Ти си нашиот живот и Воскресение! Помилуј нѐ!“ (хвалитна стихира на Утрена во Петок од Светлата седмица).
На 21.04.2023 година, во Петокот од Светлата седмица, Источен петок - Балаклија, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Кирил Јованоски, свештениците Димче Азески, Љупчо Бакрачески и Васил Михајлоски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа кон многубројниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресе!
Ние се сеќаваме како Господ Исус Христос сакал да ги вразуми трговците во Ерусалимскиот храм. Тој со камшик ги растура нивните тезги, сакајќи да го заштити од осквернение ѕиданиот храм од камен и друг материјал. Истото со трепет го сака и за Црквата составена од живи камења, која е светотаинско Тело Христово. Никогаш гневот Господов не се пројавил толку силно. Се поставува прашањето зошто Господ поставува таква ревност за храмот? Дали да ја заштити сета негова убавина? Тој храм што Ирод штотуку го преправил бил огромен, каде што учествувале во службите по 600 свештеници и 300 левити за време на големите празници. Во центарот на плоштадот, помеѓу многубројните тремови, меѓу кои еден бил достапен и за незнабошците, било сместено самото светилиште. Тоа се состоело од две простории, светиња во која можеле да влегуваат само свештениците, каде се наоѓале кадилницата, седмокракиот златен светилник, трпезата и поставените лебови, и на крај светињата на светињите, која била одвоена со двојна завеса.
Во првиот храм што го изградил Соломон се наоѓале и ковчегот и плочите на заветот, што Мојсеј ги примил од Господа. Со рушењето на храмот во 587 год. пред Христа, ковчегот исчезнал, но светињата на светињите останала како присуство Божјо на тоа место. Само првосвештениците имале право еднаш годишно да влегуваат на празникот за искупување на родот. Ете зошто Господ се гневи. Тоа тропање со пари во храмот покрај светињата на светињите било навреда за величието Божјо. И Христос нам ни говори дека имаме право нестрашливо да ги штитиме светињите на Црквата. Овде треба да се угледате на Мене – како да ни се обраќа. Храмот е на Мојот Отец, Јас никому не дозволувам да го претвора во пештера на разбојници (Мт. 21, 13).
Онаму каде што нема елементарно почитување на храмот не може да постои вистински однос кон Црквата Божја. Но, храмот со кој Јудејците толку се гордееле е само храм – камен, градба која што ја изградил незнабожец, сакајќи да му поласка на тој горд народ. Значењето на разрушувањето на храмот, кое ќе се случи во време на императорот Тит, во 70-та год., е повторно релативно, бидејќи вистинскиот храм е оној, за кој Христос вели: Јас за три дена ќе го подигнам. Дури и учениците Негови тогаш не ги разбрале Неговите зборови, односно не сфатиле дека Он зборува за Своето тело, кое требало да воскресне во третиот ден. Господ говори дека вистинскиот храм е достоен за бескрајно почитување. Христовата човечка природа, која постанала ковчег на Неговото Божество, зашто Логосот постана тело, е вистинската светиња на светињите: Зашто во Него телесно живее сета полнота на Божеството (Кол. 2, 9). Телото Христово, кое го примаме на Евхаристијата и кое е присутно во дарохранителниците на престолите во нашите храмови, треба да нѐ исполнува со страв Божји и бескраен трепет на почитување. И, спротивно, непочитувањето на тие големи свети Тајни, или и едноставната рамнодушност кон нив, треба да предизвикаат во срцето на христијанинот свет гнев, неспоредливо поправеден од оној што бил пројавен во Ерусалимскиот храм.
Ние, во светата православна Црква, имаме многу значајни моменти што ги прославуваме. Еден помеѓу нив е и т.н. празник Источен петок - Балаклија, празник кој започнува од едно светилиште кое се наоѓа во Цариград. Токму во тој манастир во Цариград, минатата година на Вечерната богослужба, на денот на претпразненството на Педесетница, Неговата Сесветост, Константинополскиот Патријарх г. Вартоломеј, го врачи актот за канонско единство на нашата света Црква со останатите православни Цркви.
Да се обратиме на Мајката Божја, таа да биде наша покровителка во севкупниот наш живот, да одиме по вистинскиот Христов пат, да ги исполнуваме Неговите свети заповеди и да живееме според христијанските принципи, секогаш правејќи добри дела. Па, така, да измолиме милост од Бога за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин!
Христос Воскресе!
Источен петок - Балаклија
Храм „Пр. Богородица – Каменско“ Охрид
21.04.2023 г.