„Гледајќи ги Моите ребра и раните од клинците, Томо, зошто не веруваш во Моето Воскресение, говореше Господ кога воскресна од гробот, јавувајќи им се на апостолите неискажливо. А Близнецот, кога поверува, Му викаше на Создателот: Ти си мојот Бог и Господ“ (седален по полиелејни псалми на Утрена на Томина недела).

 

На 23.04.2023 година, во Неделата на Антипасха - Томона недела, во храмот „Св. Николај Мирликиски“ во Долна маала во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештеникот Сашо Ристески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Првата недела по светлото Христово Воскресение се нарекува Томина недела. Седум дена по јавувањето на апостолите, Господ им се јавил уште еднаш заради Тома, кој за време на претходното јавување не бил со останатите апостоли. Другите ученици му кажале на Тома дека Го виделе Господа, а тој одговорил: дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата Негови, нема да поверувам (Јн. 20, 25). Но, како можел да не им поверува на своите браќа? Зошто за своето упорно неверување заслужува таков величествен дар, а не пристојно казнување?


За апостолот Тома е кажано релативно малку, но тоа што е кажано е многу важно. Кога Господ дознал за смртта на Лазара, Тома рекол да отидеме, да искажеме утеха на сестрите Лазареви, а и Синот Божји да се прослави преку воскресението на Лазара. Апостолите знаеле дека Јудејците се подготвувале да Го убијат Исуса. Тогаш Тома одлучува решително: да отидеме и ние и да умреме со Него (Јн. 11, 16). Таква слава не се случува често и такви зборови не изговараат луѓето, ниту пред други луѓе, ниту пред Бога. А, еве, сега од истиот човек слушаме зборови: ако не ги видам раните нема да поверувам. Но, како некое непишано правило, истото го изговараат и луѓето кои и самите не веруваат во Бога. Не ја сакаат вистината и не се собираат со никого и не умираат за никого. На таквите Господ никогаш не им се јавува, за да не предизвика богохулство кога некогаш ќе се сретнат со непобитната вистина.


Господ му се јавил на Тома затоа што Тома бил подготвен и да умре за Христа, и тоа уште пред да знае за победата над смртта. Тома уште тогаш решил за себе, ако Христос не биде со нив тогаш нема зошто да се живее.


Господ се јавува како и првиот пат и се обраќа на Тома: Дај го прстот свој овде и и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои; и не биди неверен, туку верен (Јн. 20, 27). Тома одговорил и рекол: Господ мој и Бог мој. Потоа Господ и како да го укорил малку, велејќи му: Тома, ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале (Јн. 20, 29). Но, што предизвикал овој укор кај Тома? Кон кого е насочен тој голем восхит кај Тома при ова јавување? Повторно кон Учителот. Сега Тома е целосно подготвен за секое страдање, за да ја покаже својата љубов кон својот возљубен Учител, Господ Исус Христос.


Господ и нам ни ветува блаженство, и иако не Го гледаме, да се потрудиме да поверуваме во Него. Кога станува збор за прашањето на верата и неверието, станува збор за прашање на животот и смртта. А блаженството се состои во средбата со Христа. Ова блаженство не е докажливо и емпириски видливо, но тоа го исполнува срцето и без него повеќе не е можно да се живее. Затоа блажен е и Тома, кој на крајот видел и се уверил, но блажени се и сите оние кои не виделе и поверувале, а нив ги очекува наследство на Царството Небесно. По молитвите на св. ап. Тома, Господ да ги услиши нашите молитви. Амин.


Христос Воскресна!

Томина недела
Храм „Св. Никола“ – Долна маала
23.04.2023 г.

 

tomned2023 1tomned2023 2tomned2023 3tomned2023 4tomned2023 5tomned2023 6tomned2023 7tomned2023 8tomned2023 9tomned2023 10tomned2023 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3