„Дојдете сите вие што го славите сепразничното, светло и славноВоскресение, пак да го празнуваме светлото торжество на маченикот Георгија, и со пролетни цветови, како непобедлив, да го овенчаме, та, по неговите молитви, да примиме избавување од неволјите и од гревовите“ (хвалитна стихира на Утрена на св. вмч. Георгиј - Ѓурѓовден).
На 06.05.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот великомаченик и победоносец Георгиј, во храмот „Св. вмч Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговотот Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на многупочитуваниот Митрополит на Имврос и Тендос г. Кирил од Вселенската патријаршија, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. Тука му искажуваме и голема благодарност на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, кој благослови да го испрати во овие воскресенски и празнични денови многупочитуваниот Митрополит на Имврос и Тендос г. Кирил, та како еден народ Христов заедно да Му благодариме на Господа и да земеме учество во светата Чаша. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресна!
Во Светото писмо Спасителот ги теши Своите ученици: Не плаши се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството (Лк. 12, 32). Ако сте се нашле во разни опасности поради младоста или од незнаење, поради старост и слабост, немање на збор, непријатности и осамености, поради жалост или болест, повторно ќе го слушнете гласот на Спасителот, како некогаш Неговите ученици при бурата на морето: Не плашете се! Јас сум, не бојте се! (Мар. 6, 50). Ќе го слушнете гласот Божји, како што го слушнал пророкот Агеј, кој бил во голема неволја заедно со сите Израилци: Охрабрете се сите народи овде... зашто Јас сум со вас, вели Господ Саваот (Агеј. 2,4).
А бидејќи Бог е секогаш со луѓето, секаде и на секое место, човекот нема причина да се плаши ни од луѓето ни од приликите во кои може да се најде во неговиот живот. Колку повеќе човекот го чувствува присуството Божјо во себе и околу себе, толку помалку чувствува страв и од луѓето и од случувањата во кои се наоѓа. Тоа присуство се доживува првенствено преку љубовта кон Бога: Во љубовта нема страв, туку совршената љубов го изгонува стравот (1. Јн. 4, 18).
Премудриот Соломон рекол: почеток на мудроста е стравот Господов (Изр. 1, 7). Тука не станува збор за страв од казна Божја или за страв од гневот Божји. Тоа не е страв од пеколот, заради страшните гревови, бидејќи таквиот страв, исто така, создава несреќа, слабост и болка. Тоа е страв да не се направи беззаконие, да не се повреди законот Божји во природата и помеѓу луѓето. Тоа е страв да не погрешиме и да не се огрешиме кон Бога и луѓето.
Правејќи неправда кон луѓето, ние Го навредуваме најголемиот Добротвор, Кој со Своето сонце ги грее и добрите и лошите, и праведните и неправедните. Потценувајќи ги луѓето помеѓу нас, стануваме против Бога Отецот на сите луѓе, Кој е олицетворение на најсовршената љубов. Доброто дете, од љубов кон родителите, стравува да не ги повреди со своите неубави постапки. Добриот ученик, од љубов кон својот учител, се плаши да не го навреди со своето лошо однесување. Така, на сличен начин постапува и човекот за да не Го навреди Бога, нанесувајќи неправда, мрзејќи, правејќи зло, од каков и да е вид. Тоа е стравот Господов, не страв од зло кое може нам да ни се случи туку самите да не правиме зло. Тука се заедно стравот Господов и радоста животна, за која зборувал псалмопеачот: Служете Му на Господа со страв и радувајте се со трепет (Пс. 2, 11). Така, таму каде што започнува чувството на страв да не направиме зло, започнува ослободувањето од стравот од овој свет и од овој живот.
Христијанските светители се најсовршени примери на нестрашливост. Затоа ја исполниле својата светост во страв пред Бога (2. Кор. 7, 1). Поради чувството на страв Божји, тие победиле илјадници желби, страсти и нагони во себе. Победиле не еден туку илјадници најголеми непријатели. Тоа е најголемо јунаштво и херојство. Затоа биле ослободени од стравот од луѓето и од приликите околу себе. Добиле чудотворна сила која ги носела напред и тогаш кога се наоѓале во рацете на нивните непријатели. Чувствувајќи го присуството Божјо, тие поднесувале најстрашни мачења и го победувале во себе стравот и од луѓето и од смртта. Така ги надживеале своите мачители и гонители, па живеат и денеска после толку векови. Тие живеат во свеста на луѓето на кои им помагаат со своите молитви и им служат како пример за развивање на стравот Господов во себе и ослободуваат од страв од сите видови.
Тие и нам ќе ни помогнат. Нивната молитвена помош ни е посебно потребна нам, кои живееме во ова бурно време исполнето со многу искушенија и стравови од секаков вид. Останатото ќе го направи нашиот Отец Небесен, Кој е секогаш со нас и во нас и ќе биде до свршетокот на светот и векот. По молитвите на св. вмч. Ѓорѓи така нека биде. Амин.
Ѓурѓовден
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Охрид
06.05.2023 г.