„Господи, Кој си живот и извор на бесмртноста, си седнал при изворот, Штедре, и со Твоите премудри води си ја исполнил Смарјанката која бараше од Тебе, и која Те воспеваше“ (песна од канонот на Утрена во Петтата недела по Пасха - на Самарјанката).
На 14.05.2023 година, во Петтата недела по Пасха - Неделата на Самарјанката и на празникот на св. пророк Еремија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Св. Атанасиј Велики“ во с. Миокази, Кичево. Храмот е обновен во 1935 година, а во последниве години, по иницијатива на Црковниот одбор од селото и со донациите на месното население и на сите добронамерни верници, беше повторно реновиран и разубавен. По осветувањето, беше отслужена и света архиерејска Литургија, а на крајот, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа пред насобраниот верен народ, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Ние денеска, за време на Литургијата, ја слушнавме беседата на Господа Исуса Христа со жената Самарјанка. Ова евангелие не се обраќа само кон умот и волјата туку и кон самото срце, и тоа најдлабоко што може. Самарјанката била грешна жена, припадничка на народ презрен од страна на Јудејците. Но, таа жена ја сочувала духовната чистота. Како тоа да го разбереме во грев, а сочувана чистота? Самарјанката го разбрала својот пад и самата се справила со тоа, а тој срам бил за нејзино повторно духовно раѓање. Таа излегувала од својот дом тогаш кога немало никого по пат и одела по вода среде пладне, кога е најтопло и кога сите се повлекуваат во своите домови, бидејќи во Палестина на пладне е тешко за движење од големата жештина.
Така, Самарјанката грешница се удостојува да беседи со Самиот Господ. Во беседата со Самарјанката, Господ ѝ открива, а преку неа и нам, голема тајна. Која е таа тајна? Срцето на човекот е неракотворен и вечен храм Божји. Нашиот ум е должен да се нурне во длабочината на срцето како во духовен олтар за молитва кон Бога. Кога Светиот Дух ќе се допре до човечкото срце, тоа постанува „свјатаја свјатих“. Сета врева од овој свет и сите наши страсти и гревови замираат во нашето срце и настапува голема тишина. Сите светски ликови исчезнуваат, а во срцето зацарува таинствен полумрак во кој се јавува Господ. Во таква состојба, Спасителот ѝ открива на Самарјанката голема и невидена тајна, во самите нас прекрасен и поубав храм од сета вселена. Тоа е срцето очистено од грев и осветено од името на Исуса Христа.
За време на престојот кај Јакововиот кладенец, Христос започнува разговор со Самарјанката. Тоа ја восхитува оваа жена, бидејќи таа знае дека Јудеите и Самарјаните не разговараат и се презираат помеѓу себе. Но, таа сега гледа Човек Јудеец, Кој ѝ се обраќа со мир и љубов и ја замолува: Дај ми да пијам вода! (Јн. 4, 7). Во тој момент започнува нејзиното преобразување и средба со Бога и изменувањето на севкупниот нејзин живот. Разговорот започнува од обични нешта, а завршува со кажување што Господ Христос не им го кажал ниту на апостолите. Таа Го сретнува Христа и вели: Господи, гледам дека си Ти пророк (Јн. 4, 19). Таа започнува духовен разговор, не барајќи ништо овоземно, туку прашува како и каде да се поклонуваат на Бога и како да Го сретнат Месијата Кој ќе дојде. И кога таа прашува за небесното, Христос ѝ открива за себе: Јас сум Месијата, Кој зборува со тебе (Јн. 4, 26).
На никого од Своите апостоли Господ не рекол за себе „јас сум Христос“. Он ги прашувал за кого Го сметаат. А кога апостолот Петар рекол: Ти си Христос, Синот на живиот Бог (Мт. 16, 16), Господ му одговорил: Блажен си ти Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку мојот Отец кој е на небесата (Мт. 16, 17). Ова на апостолот Петар му било дадено од Бога, да знае дека пред него стои Христос, Синот Божји. И колку е восхитувачко знаењето што ѝ било дадено на жената Самарјанка, која е родена во туѓа страна и живее беззаконо.
Самарјанката, откако осознала Кој стои пред неа, повеќе ништо не Го прашала Христа, затоа што ништо повеќе и не ѝ било потребно. Таа ги остава садовите со вода и оди кај своите сонародници да ги извести. Ништо повеќе не ја интересирало да знае, бидејќи во тој момент постанала извор на жива вода, на живот вечен и затоа таа оди да разгласува дека е дојден Месијата и оној кој сака може во тоа да се увери.
Овој разговор со Самарјанката ни го покажува животот со Бога, односно духовниот живот. Духовниот живот стапува на сцена тогаш кога ние се соединуваме со Христа. А тоа го постигнуваме тогаш кога не размислуваме за ништо овоземно туку го бараме Царството небесно.
Денеска се собравме за осветување на овој храм, посветен на светиот Атанасиј Велики, па би сакале да кажеме неколку збора и за самиот храм, односно за неговото значење. Свети апостол Павле во своето Прво послание до Коринтјаните вели: Божјиот храм е свет, а тоа сте вие (1. Кор. 3, 17). И ние, кои денеска се наоѓаме во овој свет храм, да се поучиме од овие зборови на апостолот Павле. Потребно е најнапред и ние да постанеме храм Божји, па дури потоа Бог да се всели во храмот што го градиме со нашите раце. Апостолот Павле исто така нѐ поучува велејќи: Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам помеѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ“ (2. Кор. 6, 16). Живеејќи според Божјата волја, луѓето постануваат храмови Божји. Носејќи Го Бога во своите души, тие Го внесуваат Бога во храмовите создадени од нивните раце. Бог си создал дом во човековите срца, а луѓето ги создаваат храмовите за заеднички да Го слават Бога и така подлабоко и посилно да ја доживеат заедницата со Него.
Не е доволно што е подигнат овој храм. Народот Божји, подигнувајќи го овој храм, врз себе примил и обврска дека со својот благороден живот и работа ќе го надградува во себе и во својата душа духовниот храм во кој ќе престојува Бог. На тој начин овој храм создаден со човечки раце ќе постане живеалиште Божјо, населба на Неговата слава и прибежиште на немоќните, пристаниште на носените од бури, место кое ги прогонува лошите духови, и лекувалиште на страстите.
Постапувајќи спротивно на Господовите закони, луѓето ги рушат во себе Божјите храмови, ги разоруваат своите срца, ги расипуваат душите кои се создадени да бидат праведни, свети и подобни на Бога. Тие ги растураат Божјите планови. Ним апостолот Павле им ги упатува зборовите: Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие (1 Кор. 3, 17). Ова е ден и момент сите да почувствуваме дека сме храмови Божји и духовно да го почувствуваме значењето на овој настан поврзан со осветувањето на храмот посветен на св. Атанасиј. Нека е честито и од Бога благословено. Амин.
Жената Самарјанка
Осветување на храм „Св. Атанасиј“,
с. Миокази, Кичевско
14.05.2023 г.