„Твоите мошти, светителу Николае, излегоа како ѕвезда од исток до запад; морето се освети со твоето патување, и градот Бари прими благодат преку тебе, оти заради нас се јави како озвонреден, предивен и милостив чудотворец“ (кондак на Утрена на празникот Пренос на моштите на свети Николај Мирликиски Чудотворец).

 

На 22.05.2023 година, денот кога го празнуваме споменот на празникот Пренос на моштите на светиот Николај Мирлискиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола“ во Долна Маала во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Сашо Ристески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Христос Воскресе!

Денеска светата православна Црква го прославува св. Николај Мирликијски, односно, поточно, го прославуваме преносот на неговите свети мошти од градот Мира во Мала Азија во јужна Италија во градот Бари. Црквата со овој празник вторпат го прославува овој најголем и најпочитуван светител во нашиот календар. Прв празник посветен на св. Никола е деветнаесетти декември, денот кога го прославуваме неговото телесно упокојување. Свети Никола живеел, работел и починал во градот Мир – Ликијски. Неговите мошти почивале во овој град сѐ до IХ век, сѐ додека Ликија не била освоена од Сарацените, кои особено ги мразеле христијаните. Од нивното влијание се намножило неблагочестието во местото каде што почивал св. Никола. Па, затоа, св. Никола се јавил на некој свештеник и му наредил да ги пренесат неговите св. мошти во Бари, Италија. Треба да нагласиме дека во тоа време, Црквата сѐ уште била една, неподелена на Источна и Западна, па по тој повод е воспоставен овој празник – пренос на моштите на св. Никола.


Се поставува прашањето, што е тоа што го издигнало св. Никола толку високо и го поставило на врвот на соборот на Божјите угодници? Одговорот на ова прашање е многу краток: љубовта! Св. Никола целосно бил исткаен од љубов. Тој го сакал бескрајно секој човек и сите луѓе. Посебна љубов имал кон Бога, но и кон луѓето. Св. Никола сострадувал со сите оние кои неправедно страдале, пателе, кои биле во сиромаштија или биле прогонувани или неправедно осудувани. Св. Никола постојано се распрашувал и слушал, каде и на каков човек каква помош му е потребна. Откако ќе сознаел за некоја голема потреба, тој веднаш се упатувал и укажувал помош. Многу често стигнувал во последен момент да спаси некој поединец или дури и цели семејства.


Претпоставувам дека на сите ви е познат случајот кога некој несреќник имал три ќерки и западнал во голема беда и не гледал излез од никаде. Несреќниот, не гледајќи друг излез, одлучил да ги упати своите рожби на грешен пат, само за да може да ја ублажи својата беда. Свети Никола кога дознал за тешкотијата на овој родител, побрзал и тајно во ноќта преку прозор му фрлил ќесе со пари. На тој начин, и таткото и ќерките ги спасил од тешкиот грев на проституцијата. Познат е случајот како св. Никола трчал и во последен момент стигнал и ги спасил од смртната пресуда луѓето кои биле осудени на смрт, и покрај тоа што немале никаква вина. Ваквите случаи честопати се сликаат и на иконите и на фреските од житието на св. Никола.


Кој би можел да ги опише сите дела на милосрдието коишто св. Никола ги направил за својот живот на земјата? Особено, пак, кој би можел да ги наброи делата на милосрдието кои св. Никола ги направил и прави по смртта? Потребно е да се напишат неизбројни книги или со денови да се зборува за тоа, и пак листата на добри дела не би се исцрпила. Во текот на неговиот земен живот тој имал правило – секој ден да направи некое добро дело, секој ден да се биде во служба на оние кои имаат потреба, патат и страдаат. Секој ден да се пушти по некоја солза, секој ден да се внесе радост во срцата на ожалените и да се предизвика насмевка на лицето на несреќниот човек. Со други зборови, секој ден св. Никола Го прославувал Спасителот свој, Господ Исус Христос, со радосни дела, како што и Господ Христос дошол во овој свет за да му донесе радост. Затоа и науката Христова се нарекува радосна вест. Безбројни се делата што св. Никола ги правел секој ден непрекинато и на кои потрошил големо богатство наследено од неговите родители. Неговите добри дела му исплеле венец на љубов и го поставиле на неговата глава, како знак на нивната љубов кон светителот, и како знак за благодарност за неговата љубов. Токму поради оваа преголема љубов на светителот кон Бога и луѓето, народот одговорил, односно му возвратил на таа љубов во толкава мера што го издигнал над сите други светители и го прегрнал со почит каква што нема ниту еден друг светител во Црквата Христова.


Што да кажеме за добрите дела на св. Никола што тој ги прави сите овие илјада и шестотини години? Тој се јавува постојано, и на копно и на море, во сите беди и неволји, кај луѓе во жалости и болести, тој секаде помага. Св. Никола се јавува како единствен пример на духовна врска помеѓу небото и земјата, помеѓу светителите и нас луѓето, врска помеѓу живите и умрените. Тој, како и сите угодници Божји, ги гледа нашите маки и жалости, и разните беди и непријатности, и му помага на секој кој со топла и искрена вера се моли за помош.


Ете каков силен заштитник и покровител имаме ние христијаните во светиот Николај Мирликиски. Затоа и му се молиме и го повикуваме во секоја потешкотија, а тој ќе ни помогне. Но, за да нѐ слушне, не е потребно само да се молиме туку и да го подражаваме во добродетелите. Тогаш, без сомневање, сите наши прозби ќе бидат услишени од нашиот топол и постојан застапник – светиот Николај Чудотворец. Амин.

 

Пренос на моштите на св. Николај
Храм „Св. Никола“ Долна маала, Охрид
22.05.2023 г.

 

svniklet2023 1svniklet2023 2svniklet2023 3svniklet2023 4svniklet2023 5svniklet2023 6svniklet2023 7svniklet2023 8svniklet2023 9svniklet2023 10svniklet2023 11svniklet2023 12svniklet2023 13svniklet2023 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3