„Законите на природата се надминати; се слушна чудна работа: додека од учениците се слушаше само еден глас, со благодатта на Духот, луѓето и народите, племињата на различни јазици ги слушаа божествените величија, упатени во познанието на Света Троица“ (песна од канонот на Утрена во Неделата на светата Педесетница).
На 04.06.2023 година, педесет дена по славното Христово Воскресение, ја прославивме Неделата на светата Педесетница - Духовден, денот кога го славиме слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, роденденот на светата и непобедлива Црква. По тој повод, во храмот „Св. Троица“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Кирил Јованоски, протоерејот Љупчо Симиџиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, а според типикот на православната Црква, веднаш беше отслужена и Вечерна богослужба, на којашто се прочитаа трите молитви со преклонети колена, а во кои Му забладогадирвме на Бога за сите Негови добрини од почетокот на светот па досега, се помоливме за прошка на гревовите на живите и покојните, како и упатување на нас грешните на вистинскиот и единствен спасоносен пат. Потоа беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а се направи и свечена литија околу храмот. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска светата Црква го прославува својот роденден. Како што се вели во Светото писмо, во последниот голем ден од празникот на Педесетницата, Господ извикал: Кој е жеден нека дојде кај Мене да пие... (Јн. 7, 31-52). Овој Христов повик е упатен кон целокупниот човечки род и ќе се слуша во сите векови до свршетокот на времето. Оној кој ќе го слушне Неговиот глас тој ќе живее. Сега е погодно време. Кој е гладен и жеден за правда, кој сака блаженство нека доаѓа кај Христа, Изворот на жива вода, и нека пие. Оној кој верува во Христа – како што се вели во Светото писмо – од неговата утроба ќе потече жива вода. Повторно Христос го употребува овој образец на жива вода. На јазикот од Светото писмо, живата вода е вода која постојано тече и е полна со новини. Водата е елемент без кој човекот не може да живее, како што и Христос е Оној без Кого човекот не може да живее, а нема ниту храброст да умре.
Израилот пиел од карпа која го следела во пустината. И оние кои веруваат во Христа пијат од карпите кои се во нив. Пребивајќи во нас, Христос не само што ја гаси нашата жед насреде пустината на овој свет туку ни дава бескрајна и вечна утеха. Оној кој ги примил вечната Христова вистина и Неговата благодат не може да ги сокрие, и тие ќе сведочат за себе. Христовата светост, во која христијанинот зема удел во длабочината на својата душа, непроменето ќе се појави и во светоста на неговиот живот. Таа ќе се излие и врз другите. Вистински добриот човек заедничари со Христа, а христијанската добродетел е наследство на целиот човечки род.
Потребно е да сакаме да сознаеме со каква цена се добива овој дар. Во моментот на Христовото распнување и прободување со копје од војникот во реброто на Христа, ќе потече жива вода. Ќе се случи раѓањето на Црквата со нејзините велики Тајни, Крштението и Евхаристијата, и со дарот на Светиот Дух. Господ пред тоа им зборувал на апостолите, а Духот Свети уште не им бил даден. Смртта на Господа на Крстот се нарекува Негово прославување, бидејќи Он со Својот Крст ги победи ѓаволот и смртта. Дарот на Светиот Дух, кој се излива врз Црквата Христова, е купен со Неговата крв. Педесетница не станува без Голгота. Христовиот живот и смртта биле потребни за да се појават реките на жива вода за родот човечки. Додека Христос бил на земјава, уште немало таква потреба од Светиот Дух, Кој се појавува по Неговото заминување. Иако Светиот Дух уште не им бил даден на учениците, тие сепак примиле ветување за Духот Утешител. И како и Христовите ученици, и ние кога очекуваме исполнување на ветувањето, треба да живееме без сомнеж и со надеж дека тоа што ни е ветено и ќе ни се даде.
Само тогаш кога луѓето ќе Го познаат Христа навистина Го спознаваат и Светиот Дух. Пред тоа, Неговата сила дејствувала преку пророците и угодниците Божји, но дури на Педесетница Светиот Дух се јавил како Личност, како Ипостас на Светата Троица. Од овој свет момент, Светиот Дух постојано сведочи за присуството на Воскреснатиот Христос со нас. По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, тие постанувале од слаби – силни, од плашливи – нестрашливи, и незапирливо го проповедале светото Евангелие по целиот свет. Не ги плашеле никакви казни, затвори и убиства туку, напротив, го проповедале Евангелието Христово по целата вселена. Верноста кон Христа може да значи крст, но само онаа верност кога нашиот крст се соединува со Христовиот Крст, преку кого дојде радоста за целиот свет и благодатта на Педесетницата.
Ако, пак, некој нема Дух Христов, тој не е Негов (Рим. 8, 9). Овие зборови денес нека ни бидат излез од сите наши човечки судови, и од сите наши суетни размислувања. Овој празник нѐ поттикнува често да го испитуваме нашиот однос со Светиот Дух. Дали сме подготвени за храбри дела во име на верата? Што ние правиме за и нашите ближни да го чујат Словото Божјо? Дали имаме решителност нешто да направиме заради нашиот Господ Исус Христос, или повеќе наликуваме на Христовите апостоли пред доаѓањето односно слегувањето на Светиот Дух врз нив?
Нам ни е потребна Педесетницата. На овој ден се родила Црквата, и дури на празникот на Педесетницата се открива целата нејзина полнота. Кога ни недостасува храброст и кога ги затвораме вратите на нашите срца, кога нашиот однос кон оние кои не Го познаваат Бога го одредуваат стравот и рамнодушноста, и кога ненавикнатоста на светињите ги гуши во нас чудата на Духот Божји, треба со покајание и смиреност да Му се обратиме, а Он ќе ги исполни нашите срца со оган. Да се помолиме Господ да ни подари чудесна промена, и да нѐ направи похрабри и отворени за љубов кон сите, и да нѐ исполни со ревност за Бога, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин.
Недела на света Педесетница - Духовден
Храм „Св. Троица“ Охрид
04.06.2023 г.