„Согласно со пофалби да го почитуваме светиот спомен на оној кој ги напои сите со книжевни зборови и сиот свет го осветли со духовни зраци. Затоа, собрани достојно го славиме, достојно ние верните го воспеваме твоето свето успение, славен Клименте! Моли Го Христа Бога да ни подаде прошка на гревовите нам кои со љубов те почитуваме“ (седален на Утрена на свети Климент Охридски Чудотворец).
Празнувањето на светиот Климент Охридски Чудотворец, како и на св. вмч. Пантелејмон и на светите Седмочисленици, продолжи на 09.08.2023 година, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски г. Пимен, архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоереите Климент Џепароски и Климент Мишањ, свештениците Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Пимен се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Пимен
Оној кој Му благодари на Бога, тој од Бога добива дарови. И на оној кој го слави Бога секоја добродетел му се преумножува. И кој си спомнува за своите блаженоупокоени учители во верата ќе напредува и делата нивни ќе ги врши. И што за својот учител во пофалба некој ќе напише, тоа народот божји во својот првосвештеник и ќе го види и ќе го препознае и и за него истото ќе го каже.
Зашто верни се зборовите на Христа Бога: „Којшто ме љуби Мене јас ќе го возљубам, и сам ќе му се јавам, и во неговото тело ќе соградам живеалиште, и тој ќе ми биде син, а јас ќе му бидам Отец“.
Верни беа овие зборови и за тогаш малиот по возраст Климент, а денес големиот наш светител. Ете токму затоа од мали нозе Климент Охридскиот светец ја имал радоста во Господа да ја облагородува својата младешка чиста душа слушајќи ги словата за Бога Света Троица од својот учител Свети Методиј Солунскиот, а подоцна и од неговиот Свет брат Кирил Философот.
И со нив пропатувал и сотрудник им бил и при описменувањето на мноштво народи и на одбраната на јазикот словенски кога тријазичната ерес во Рим пред Папата паднала, и кога едниот учител во Рим го погребал а со другиот назад тргнал за своите по род на југот на Балканот да не ги остави како овци без пастир, туку во јаремот да се впрегне и браздата на Нивата Господова која кон Царството Небесно води да ја заора.
И со својот учител патувајќи и во мудроста растејќи голем станува по дух и нашиот првосвештеник каков и што ни требаша по чинот Мелхиседеков.
И дарот на благодарењето секогаш и кон секого имајќи го, похвала кон својот учител не заборави да напише и нам преку неа ликот на Кирила светиот философ да ни го доближи.
И ќе рече: Таков беше овој учител. Штом ќе дочуеше некаква хула против против Божествениот образ, како со крилја прелетуваше на сите страни и со јасни зборови ги разурнуваше сите соблазни и ги научуваше на вистинската вера. И уште: Блажениот учител ја искорени таа лага и го освети стадото Христово со светлоста на Трибезначалната светлина и го научи на вистинската вера.
А ние, верните чеда свети Климентови, во некомпромисноста со хулата против Боженствениот образ и во неговите проповеди за утврдување во вистинската вера Христова и него ќе го препознаеме како верен ученик на својот учител. Та нели и ние денес благодарение на Свети Климента сме стадо Христово утврдено во вистинската вера?
Ќе напише за учителот и дека: А на словенскиот народ што беше потонат во неразбирање и во мракот на гревот, по милоста и човекољубието на Господа нашиот Исуса Христа, беше определен за пастир и учител. Но и во овие зборови подвигот негов ќе го препознаеме. И кога и ова ќе напише: На сите народи тој им ги објасни скриените тајни во зборовите: на едни со писмени знаци (букви и книги), на други со поучување, зашто во неговата уста се беше излеала благодатта Божја. И заради ова нека биде Благословен и Бог во вековите.
Зарем нема да го видиме пред нас и Климента како поучува и описменува 3500 луѓе токму на ова место, станувајќи преку тоа цевница на благодтта Божја. И благодарниот ученик на Кирила светиот ублажувајќи го ќе продолжи: Го ублажувам многугласниот твој јазик, со којшто загрме како грмеж и блескајќи со светлината на Трибезначалното Божество, го изгони гревовниот мрак.
А ние твоите по дух и вера ќе речеме: Те ублажуваме и ние тебе пастиру наш гревовниот мрак што од овој град го изгони со твојот многугласен јазик. И уште: Го ублажувам озареното од Светиот Дух многупресветло твое лице, преку кое блесна богоразумната светлина, а се искорени многубожечката лага. А ние пак ќе повториме дека: Го ублажуваме Клименте озареното од Светиот Дух многупресветло твое лице кое од бројните икони и фрески молитвен спокој ни дава. Ќе напише и дека: Ги ублажувам златозарните твои очи со кои беше истерано нашето неразумно слепило и ни заблеска благоразумната светлина. Ги ублажувам ангелообразните твои зеници, озарени од Божествената слава, со кои уште пред осум дена го предвиде пречесното твое преставување – денот на твојот покој. А ние ќе се потсетиме дека и тој за денот на смртта своја знаеше и самиот гробот свој си го ископа од кој и денес исцеленија истекуваат.
Великиот ќе рече и: Ја ублажувам пречистата црква во која лежи многуразумното и богозборливото твое тело. А ние со него ќе речеме амин и слава на твојот учител и ќе речеме и ние ја ублажуваме оваа црква во која лежи многуразумното и богозборливото твое тело, црква во која денес заедно се молиме.
И за крај за својот учител Кирила ќе напише: Откако ги заврши сите свои служби и трудови, се приопшти со животот и со верата кон светите отци, и беше со ангелите – ангел, со апостолите – апостол, со пророците – пророк, со сите светители содружник на Божјата слава.
И ние со ангелите за ангел и Климента ќе го приброиме, со апостолите во редот на апостолите ќе го наредиме, со пророците-пророк ќе го славиме, со сите светители содружник на Божјата слава знаејќи дека е. И како ти кон учителот што повикуваш: Со нив помоли се за нас, преподобен учителе, сите што го почитуваат твоето пресветло успение, во слава на Пресветата Троица – Отецот, и Синот и Светиот Дух, Нејзе да ѝ биде слава, чест и поклонение, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!
Така и ние усрдно кон тебе повикуваме за нас помоли се преподобен учителу и наш велик пастиру со него и со сите светии помоли се за нас, во слава на Пресветата Троица – Отецот, и Синот и Светиот Дух, Нејзе да ѝ биде слава, чест и поклонение, сега, секогаш и во вечни векови. Амин!
Св. Климент Охридски
ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ Плаошник, Охрид
09.08.2023 год.