„Светлино неизменлива, Слове, на неродениот Отец Светлина, во Твојата светлина, денес на Тавор покажана, ја видовме и Светлината на Отецот, и Светлината на Духот, Кој во светлина го води сето создание“ (Светилен на утрена на Свето Преображение на Господ Исус Христос).

 

На 19.08.2023 година, денот кога го прославуваме светлоносниот празник на Светото Преображение на Господ Бог и Спасител наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше осветен новиот лозов плод, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, многу често зборувал за Царството небесно. И првата Негова проповед била за тоа дека Царството се приближило. Зборувал дека Царството небесно треба да се бара пред сѐ друго. Он раскажува повеќе параболи во кои преку земни појави сакал да даде некакво разбирање за Царството небесно, за тоа кој може, а кој не може да влезе таму. Со зборовите за Царството небесно, Он утешувал, опоменувал, но и предупредувал.


Но, дошло време и Господ им рекол на своите ученици и апостоли: Има некои меѓу овие кои стојат овде, кои нема да вкусат смрт, додека не го видат Царството Божјо, дојдено во сила (Мк. 9, 1). Понатаму во Евангелското четиво се вели: А по шест дни, Исус ги зеде со себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа сјајни, многу бели, како снег... И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус (Мк. 9, 2-4).


Ете тоа е сликата за Царството Божјо. Во центарот е Господ, Кој свети како Сонце со сјајот на Божествената сила, а, во исто време, со сите човечки особености. Со Него стојат двајца големи мажи. Нив одамна на земјата никој ги нема видено, но еве ги тука, зборуваат со Господа за денешни и утрешни работи, зборуваат за Неговото заминување, кое треба да се заврши во Ерусалим (Лк. 9, 31). Тројцата ученици од возбуда не можеле ни да зборуваат туку само ја искажале нивната слабост гледајќи го чудесниот настан на гората Тавор, изговарајќи: Господи, убаво ни е да бидеме тука. Тие не можат да учествуваат ниту во славата, ниту да зборуваат, но, сеедно, сакаат никогаш да не ја напуштат планината. Затоа и Петар предлага да направат три сеници или колиби, една за Господа, една за Мојсеја и една за Илија, додава апостолот, но тие и не знаат што бараат. Среде ова блаженство, еден светол облак ги осенил и се слушнал глас од облакот: Овој е Мојот возљубен Син, него слушајте го (Мк. 9, 7). Учениците паднале со лицето кон земјата и се исплашиле многу.


Учениците сѐ уште не го поминале патот на верност кон Отецот и на послушност кон Синот, односно верност и послушност дури до смрт. Затоа тие овде се само набљудувачи. На нив сѐ уште не им е отворен, односно ослободен влезот во вечното Царство на нивниот Господ и Спасител Исус Христос. Но, светот на Царството им е покажан за да не го заборават преку сиот нивен живот, а особено кога ќе Го видат Господа предаден, распнат и понижен.


Апостолот Петар можел да го носи само овој спомен и видување на Царството, а за да не падне целосно во очајание по трикратното откажување од Господа Христа. Тој како никој друг разбрал колку е важно за победа на многуте искушенија да ја чува во срцето таа Таворска гора и таа Таворска светлина. И затоа тој им пишува на христијаните: Поради тоа секогаш ќе се трудам да ви ги напомнувам овие работи (2. Петр. 1, 12). И апостолот Петар секогаш потцртувал дека тој не раскажува измислени приказни, туку дека самиот е очевидец на Неговото величие (2. Петр. 1, 16).


И нам ни е потребно да запаметиме како се чувствувале апостолите Петар, Јаков и Јован на таа гора, и постојано да се враќаме на тоа сведоштво. Така, и ние да го почувствуваме тоа свето сјаење во нашите срца и души, па да одиме по Христовиот пат, со покајни солзи, а за прошка на нашите престапи и гревови и за спасение на нашите души. Амин.


Преображение на Господ Исус Христос
Храм „Св. Ѓорѓи“ Струга
19.08.2023 г.

 

preobraz2023 1preobraz2023 2preobraz2023 3preobraz2023 4preobraz2023 5preobraz2023 6preobraz2023 7preobraz2023 8preobraz2023 9preobraz2023 10preobraz2023 11preobraz2023 12preobraz2023 13preobraz2023 14preobraz2023 15preobraz2023 16preobraz2023 17preobraz2023 18preobraz2023 19preobraz2023 20preobraz2023 21 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3