„Преподобни, ти се покажа како многусветла ѕвезда за монасите и сигурна скала, предел за воздржување и пресветло огледало за расудување. Затоа бараме разрешување на гревовите на оние кои го слават твојот спомен, преблажени отче, кој стоиш пред Господа“ (седална стихира на Урена на преп. Јоаким Осоговски).
На 29.08.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светиот пустиножител преподобниот Јоаким Осоговски, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Илија Димитриевски и Никола Христоски, еромонахот Никодим и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Една од најважните црковни песни, која во најкратки црти ја изнесува суштината на празникот што се прославува, се нарекува тропар. Денешниот Божји угодник е преп. Јоаким Осоговски, а во неговиот тропар пееме: Пустински жител и во тело ангел, и чудотворец се покажа, преподобен и богоносен отче наш Јоакиме; откако со пост, бдеење и молитва, прими небесни дарови...
За да се постане пустински жител и телесен ангел, покрај благодатта Божја која е неопходна за секој еден кој се определува да живее таков живот, потребен е и човечки труд, и силна и непоколеблива вера. Но, исто така, и цврста волја да може сите тие подвизи да ги поднесе, за да се очисти и да се облагодати со даровите Божји, односно енергиите или силите, кои таквиот подвижник ги добива преку благодатта Божја. Основниот принцип што е потребен за да може да се живее таквиот живот, како што слушнавме, е подвигот. Подвигот е неопходен за човекот да може да се принудува да прави добри дела. Според својата природа човекот е мрзлив и не пројавува желба за правење на добри дела. Секој човек е полн со лоши нагони, и затоа е потребно самиот да се бори и да се убеди дека е потребно да прави добри дела. Со други зборови, да се победи самиот себе и да се оттргне од секакво зло дело. Пример, срцето не ти го сака ближниот, не сака да милуваш и да проштаваш, да се смируваш и да бидеш целомудрен. Но, ти, откако ќе видиш дека срцето твое го мрази својот ближен или се гневи и озлобува, убеди се во неговата неправда и со сила труди се да се оттргнеш од тие лоши дела. Ете, таквата победа е славна и најдобра, а не онаа во која луѓето се победуваат едни со други.
Подвигот се состои во тоа да се победиш самиот себеси. Но, на оние кои се трудат и се принудуваат кон едното или кон другото, семилостивиот Бог им помага. Вистинската добродетел се постигнува со големи непријатности и маки, а добродетел има онаму каде што има и победа над телесните страсти. Ние не го нарекуваме младенецот целомудрен, зашто не се бори против телото, и глувиот не го нарекуваме трпелив и кроток кога го навредуваат зашто тој не се разгневува бидејќи и не слуша. Болниот човек и оној кој нема леб за јадење никој не го нарекува испосник, затоа што првиот не може да јаде оти е болен, додека вториот нема што да јаде. Ете зошто да се победиш себеси е добродетел и достојно за секоја пофалба. Во тоа и се состои целиот христијански подвиг.
Навистина е тежок и напорен тој подвиг, мора да се признае. Зашто да се промени својата природа, да се промени својата зла нарав, навистина е голем подвиг. А на страстите на нашето тело се придружува и светот со неговите соблазни, но и демонот на душите наши со неговите сплетки и измами. Затоа, повторувам, многу е тешко да се подвизуваш со своето тело, но победата, пак, над него е славна. Многумина победиле големи држави, многубројни народи, ги разрушувале утврдените градови, но се покориле на своите телесни страсти и постанале нивни заробеници. Независно колку подвигот е тежок, тој е неопходен. Тесен и непријатен е тој пат, но само тој води кон вечен живот. Нема таков човек којшто се стреми кон небото, а да не помине по тесниот и трнлив пат.
Христијанскиот подвиг што го извршуваме, не против телото и крвта, туку против духовите на злобата, се состои во смирението и презирањето на суетата и славата. Во трпението и во кротоста се откажуваме самите од себе, а распнувањето на телото со страстите и похотите е во храброста на претрпувањето на искушенијата. Кога христијаните го покажуваат ова, тогаш тие не отстапуваат во борбата со својот непријател - демонот. Така се подвизувале сите Божји угодници и примиле венци на правдата од поддржувачот на подвигот – Исуса Христа. На нив и ние, возљубени христијани, треба да се угледуваме и да ги подражаваме, ако сакаме и ние со нив да учествуваме во Христовото Царство. Инаку тие нема да нѐ познаат дека сме христијани, нема да нѐ признае ни Христос за Свои синови, ако го немаме Неговиот знак, односно трпението на крстот, знакот со кој се подвизуваме како Негови верни чеда.
Подвигот се состои во постојаната борба на телото и духот. Таа борба на телото и духот се води во еден ист христијанин. Борбата помеѓу телото и духот е постојана, зашто телото сака противни работи на духот, а духот – противни на телото; тие се спротивни еден на друг (Гал. 5, 17). Во тоа и се состои христијанскиот подвиг и со него треба да се подвизуваме до крајот на нашиот живот, и во таа борба телото треба да го покориме на духот и да не правиме она што телото ќе посака. Така се подвизувале Божјите угодници и затоа биле обдарени, како што кажавме, со Божјата благодат, та сите искушенија, маки, дилеми и проблеми да ги совладуваат и да Му угодат на Бога. А заради нивната сеодданост, пак, Бог ги обдарил Божјите угодници со сила и моќ, па таа нивна љубов што ја покажале кон Бога сега да ја манифестираат уште повеќе и кон човечкиот род, застапувајќи се за луѓето пред престолот на Севишниот.
И ние да се обратиме со молитва кон св. Јоаким Осоговски, тој да ни ја зацврсти верата, да ни ја умножи љубовта, па и ние да го победиме злото во нас и околу нас, и да одиме по вистинскиот пат Христов, кој е трнлив и тесен, но единствен којшто сигурно носи спасение на нашите души и којшто води во Царство небесно. Амин.
Преп. Јоаким Осоговски
Ман. „Св. Климент и Панталејмон“ – Плаошник, Охрид
29.08.2023 г.