„На Твојот животворен Крст непрестајно клањајќи се, Христе Боже, тридневното Воскресение Твое го славиме, зашто со него си ја обновил распаднатата човечка природа, Сесилен, и си го обновил патот кон небесата, како единствен добар и Човекољубец“ (стихира на Господи повикав... на Воскресна Вечерна, глас 4-ти).

 

Тринаесеттата недела по Педесетница, и празникот на св. апостол Тадеј и св. мч-ца Васа Солунска, оваа година го одбележавме во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево. Славословијата за Господа започнаа  на 02.09.2023 година, во попладневните часови, со Воскресна вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски и свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Александар Крстаноски. Празнувањето продолжи утредента, на 03.092023 година, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуаше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Горан Ставрески и Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Пред некое време во еден весник имаше објавено една анкета со која се прашуваа луѓето да одговорат на разни прашања, а покрај сите и прашањето: ако би граделе нов свет, што би изградиле во него, формално и суштински? На ова прашање имаше разни одговори, и паметни и глупави, но најголем број од одговорите беа: би создал нов и подобар свет.


Ова е до некаде прав одговор, но не и прецизен и адекватен на поставениот проблем. Имено, светот не може да се менува, и ваков, каков што е, е најдобар. Светот сам по себе не е ниту најдобар ниту најлош, ниту нов ниту стар, па, според тоа, не постои проблем со него како таков. Постои еден друг проблем, а тоа е проблемот на човекот во светот. Човекот е цар во светот, најсовршено битие во светот, единствено суштество со слободна волја и со можност да се менува. Од тоа каков е човекот, дали е добар или лош, дали е грешен или безгрешен, дали е свртен кон Бога или кон Божјиот непријател – сатаната, ќе зависи каков ќе биде светот. Светот е лош ако човекот е лош и зол. Светот е добар ако човекот е добар. Дали овој свет за човекот ќе биде пекол и место на немир и несреќа, место на постојано страдање и непријателствување, зависи од тоа каков ќе е човекот. Според тоа, одговорот на горе поставеното прашање ќе биде правилен ако се каже: би создал нов и подобар човек.


Создавањето на нов и подобар човек е основната цел на воплотувањето и доаѓањето на Господ Исус Христос во светот. Тоа е основната и единствена мисија на Црквата Христова на земјата во сите изминати години.


Луѓето од Адама со векови живееле оддалечени од Бога и од Божјата помош, се ослонувале само на својот разум и својата моќ, па затоа злото толку нараснало што овој свет лежи во зло, како што рекол апостолот Павле. Тој човечки морален пад го направил овој свет темница за човекот, од која тој не гледал излез. Тогаш просветлените умови повикале: овој свет може да го спаси само некој бог. И, навистина, во тоа време доаѓа Господ Исус Христос и го објавува единствениот тек на обновениот свет – повторното раѓање и создавање на нов човек. Оваа мисла Господ Исус Христос најјасно ја искажал во разговорот со учениот фарисеј Никодим и таа мисла се провлекува преку сета Негова наука. Човече, ако сакаш да бидеш подобар, поубав, почист, ако сакаш да дојде во тебе Царството Божјо, мора да се измениш, препородиш, повторно да се родиш, мораш да постанеш нов човек.


Како може човек повторно да се роди и да постане нов човек? Со покајание, а тоа значи да се ослободи од стариот човек во себе, од сѐ што е старо и грешно. Доколку сакаме застоената вода во бурето да ја замениме со чиста, мора најпрво од бурето да ја истуриме расипаната вода, па дури потоа да го наполниме со свежа и чиста. Исто така, ако сакаме да се обновиме себеси, мораме да отфрлиме сѐ што е нечисто и старо и да се наполниме со нова содржина на добра. Мораме да отсечеме од себеси сѐ што е грешно и зло, па ќе се препородиме и ќе станеме добри луѓе – повторно ќе се родиме.

 

Некој можеби ќе го постави прашањето дали е тоа можно? Можно е. Доколку не е можно, Господ Исус Христос не би го барал тоа од нас. Навистина тоа не е лесно, но е можно. За тоа ни сведочат безбројните светители и Божји угодници, кои со труд, подвиг и молитва кон Бога потполно се измениле и повторно се родиле, па духовно израснале до светители. Тоа ни го сведочи и св. вмч. Ѓорѓи, на кого е посветен овој свет манастир. Исто така, тоа ни го сведочи и св. ап. Тадеј, чиј што спомен светата Црква денес го празнува. Овој светител живеел во времето на Господа Исуса Христа и бил еден од седумдесетте апостоли, додека, пак, св. Ѓорѓи, живеел неколку века подоцна, но светата Црква ги прославува како да се наши современици. И тоа не само овие двајца угодници Божји туку и сите свети луѓе. А зошто е тоа така? Затоа што светите луѓе се потрудиле да го отфрлат стариот грешен човек од себе и се облекле во нов човек и постанале нова твар во Господа Христа. Таквите луѓе никогаш не остаруваат и не им поминува „модата“ за овој свет туку остануваат секогаш млади и современи за секое поколение, без разлика на временската оддалеченост. Новите препородени луѓе се облекуваат во Господа Исуса Христа и преку Него постануваат нови и на сите блиски и сродни.


Да се постане нов човек, односно да се ослободиме од гревот и од сѐ што е грешно и нечисто во нашиот живот, и да се исполниме со добродетели, е токму целта на нашиот живот тука на земјата. Бидејќи како нови и препородени луѓе во кои се вселува Царството Божјо, ние овој свет го правиме подобар и најмирен и најрадосен за нас. Тогаш овој свет не е за нас мачење и темница туку радост и среќа. А што е главното? Човекот како препороден, уште овде на земјава, како нова твар да обезбеди за себе вечен живот на небото, во Царството на вечноста, токму онака како што тоа го постигнале св. ап. Тадеј и св. вмч. Ѓорѓи. По нивните молитви Бог да нѐ помилува и спаси. Амин

 

13-та Недела по педесетница
Ман. св. Ѓорѓи - Кнежино
03.09.2023 год.

 

13ned2023 113ned2023 213ned2023 313ned2023 413ned2023 513ned2023 613ned2023 713ned2023 813ned2023 913ned2023 1013ned2023 1113ned2023 1213ned2023 1313ned2023 1413ned2023 1513ned2023 1613ned2023 1713ned2023 1813ned2023 19 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1