„Овци словесни на Јагнето и Пастирот, на огнот и на лути маки бевте предадени, и се покажавте како рамни по чест на ангелите. Затоа сите ние со весели срца го празнуваме вашиот свет спомен, богомудри девици“ (седален на Утрена на празникот на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).
На 30.09.2023 година, денот кога го прославуваме споменот на светите маченички Вера, Наде и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Имврос и на Тендос г. Кирил, од Вселнската патријаршија, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Димче Ѓорѓиески и Александар Димоски, свештениците Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, еромонахот Григориј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост, а потоа и се заблагодари на Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј, кој благослови денеска да го испрати како свој претставник Митрополитот Кирил, за заедно да сослужуваме во овој наш древен храм, посветен на Премудроста Божја, а по повод денешниот празник. Митрополитот Тимотеј се заблагодари и за сета досегашна ангажираност и волја со љубов да се разреши нашето црковно прашање, а изрази и надеж дека Вселенскиот Патријарх и понатаму сесрдно ќе се ангажира за целосно признавање и сеопшто прифаќање на нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. На оваа благодарност возврати Митрополитот Кирил, кој рече: Вселенскиот Патријарх ги пренесува својата братска љубов и прегратки, лично до Митрополитот Тимотеј, и му ја пренесува целата почит, која сите во Фанар ја имаат за нашиот Митрополит. Денешните доблести и славенички, Вера, Надеж и Љубов, ги препознаваат во нашиот Митрополит, кој е облечен со мудрост, и се молат да продолжи по истиот пат како и досега, да се залага за издавање на Томос за автокефалност од страна на Вселенската Патријаршија. Митрополитот Кирил му предаде на нашиот Владика копија од иконата Достојно ест, најчудотворната икона на Пресвета Богородица на Света Гора, која од задната страна има потпис од протоепистатот и од сите сегашни епистати од управата на Света Гора, и го замоли нашиот Митрополит да ја прифати како покана за заедно да ја посетат Света Гора Атонска. Тој додаде и дека патот што ѝ претстои на нашата света Црква е трнлив, но верува, исто како и Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј, дека сето тоа ќе се надмине со помош на нашиот Митрополит Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква ги прославува маченичките Вера, Надеж и Љубов и нивната мајка Софија. Тие пострадале во Рим во II век. Најстарата Вера имала дванаесет години, Надеж девет, а Љубов само седум. Тие ги добиле имињата од нивната мајка Софија според имињата на христијанските добродетели. Тие храбро Го исповедале Христа пред мачителите и се покажале како вистински страдалнички Христови и победители на смртта. Маченик е оној кого го мачат и кој сведочи за Бога, победувајќи го светот со зборовите Христови. Христос е единствениот вистински пат кон Отецот Небесен. Постои само еден единствен пат кон Господа Исуса Христа, кој ги спасува луѓето и во никој друг нема спасение, зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме (Дела. 4, 12).
Овие души кои ги носеле имињата на трите добродетели влегле во небесата. Софија не случајно го носела името – Премудрост, така како што им ги дала имињата на своите три ќерки. Во овие имиња се заклучува целокупниот пат на спасението. Да ги разгледаме овие свештени имиња. Света Вера – е образот на таа голема добродетел со која започнува христијанството и без која христијанската љубов е невозможна. Луѓето никогаш не можат да засакаат според Божјата љубов, ако не ја знаат православната вера. Прво нешто со што ние започнуваме да се спасуваме е верата.
Без вера не е можно да Му се угоди на Бога, како што вели св. ап. Павле: А без вера не е можно да Му се угоди на Бога; бидејќи оние кои доаѓаат кај Бога, треба да веруваат дека Тој постои и дека ги наградува оние што Го бараат (Евр. 11, 06). Сосема нормално, се поставува прашањето, како е можно да се оди кон Бога, ако ти не веруваш дека Он воопшто постои? И не само во што ти веруваш, туку дали веруваш во вистинскиот Бог. Кога човек вели дека верува во Бога, потребно е да каже во кој Бог верува по име. Денеска, а и секогаш, имало многу богови, се разбира лажни. Како што кажал св. ап. Павле: Зашто, макар и да има таканаречени богови, било на небото, било на земјата, како што има многу „богови“ и многу „господари“, сепак, ние имаме само еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и ние сме во Него, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ и ние сме преку Него (1Кор. 8, 5-6).
Навистина има многу лажни богови, лоши духови и паднати ангели кои себеси се гледаат како богови и секогаш се подготвени да ги погубат луѓето со најразлични измами. Меѓу нив нема ниту еден милостив и човекољубив. Верата е прв и неопходен услов, но верата е должна да биде разумна и светла. Ние знаеме дека од Тој Бог во Кого поверувавме ние, примаме небесен дух, ја наоѓаме вистинската вера и ние се поклонуваме на Троица Неразделна, зашто Таа нѐ спасува. Нам ни е потребна вистинската вера откриена од Светата Троица и ништо друго не ни е потребно. Зашто ние веруваме како што верува Црквата, која ја примила таа вера од Бога Отецот, преку Неговиот Син Исус Христос, во Светиот Дух. Таа вера ни ја предале апостолите, мачениците и сите светии.
Како, пак, ја одредуваме таа вера? Таа вера е содржана во Светото писмо и во Светото предание на Црквата. Верата е таа за која нѐ учеле сите светии. Верата е доверба во Бога, доверба која никого не го подведува, и со тоа се разликува од довербата кон луѓето, која често изневерува.
Довербата ја раѓа втората добродетел, без која христијанството е невозможно. Втората ќерка е св. Надеж. Без надежта луѓето не можат да живеат. Но, нашата надеж не е во луѓето ниту во земните царства туку во Оној Кој никогаш не нѐ прелажува, односно во Господа Бога и Спасителот наш Исус Христос, Неговиот вечен беспочетен Отец и Светиот Животворен Дух. Нашата надеж е во Нив, а не во овоземните силници и моќници. Бог е секогаш со тие кои се надеваат во Него. Затоа и се вели: Блажени се сите кои се надеваат на Него (Пс. 2, 12). Во книгата Изреки Соломонови е речено: Името на Господа е цврста кула, ако во неа побегне праведник, во безопасност е (Изрек. 18, 11). Додека, пак, во еден псалм се вели: Кои се надеваат во Господа, тие се како гората Сион; кој живее во Ерусалим, нема да се поколеба, ќе живее вечно (Пс. 124, 1).
Надевајќи се на Бога, човекот започнува да разбира дека љубовта Божја нема да го напушти, а од таа надеж се раѓа љубовта. Третата ќерка на света Софија е Љубов. Таа е најголемата добродетел и сржта на Евангелието, без која ние сме ништо. Како што вели св. ап. Павле: И ангелски да зборувам и чуда да правам, ако љубов немам, ништо не сум... (1Кор. 13, 1-9). Љубовта се раѓа од надежта. Оваа Божја љубов се раѓа не од тело, туку од дух и срце и од длабочината на човековата личност. Човекот сам не може да ја роди, таа се раѓа кога Светиот Дух Божји ќе се допре до длабочината на човековата личност и човекот ќе се исполни со Божјата љубов, која зацарува зад пределите во овој свет на Светата Троица. Тоа е таа љубов за која вреди да се живее и оној кој не ја почувствувал Христовата љубов, тој го поминал животот напразно. Оној, пак, кој ја почувствувал, за него ништо веќе не е страшно, само опасноста да не ја изгуби таа љубов. Затоа ап. Павле вели: Зашто сигурно знам дека ни смртта ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни вистината, ниту, пак, било кое друго создание нема да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ (Рим. 8, 38).
Љубовта Божја се излива во нашите срца, нѐ извлекува од сите најголеми бездни на злото. Дури и ако човекот кој се надева на Бога се сопне и падне, пак Бог му помага. Доволно е само да се стреми кон Него и да Му се довери и да Го љуби. Па и ние, кои сме собрани во овој свет храм, да ги засакаме овие три христијански добродетели, Верата, Надежта и Љубовта, па и нас Бог да нѐ води од овој кон вечен и блажен живот, сега и во сета вечност. Амин.
Света Софија, Вера, Надеж и Љубов
Храм „Света Софија“ Охрид
30.09.2023 г.