„Топла и непобедлива застапнице, надеж сигурна и непосрамена, бедему и покрове и пристаниште на оние што прибегнуваат кон тебе, Приснодево чиста, Синот твој и Бог моли Го со ангелите, на светот да му даде мир и спасение, и милост голема“ (седален по трета песна на Утрена на празникот Покров на Пресвета Богородица).
На 14.10.2023 година, на денот кога го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица, во капелата во Митрополитсклата резиденција во Охрид, посветена на овој празник, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме празникот Покров на Пресвета Богородица. Ние знаеме од Стариот завет како Господ го изведува еврејскиот народ од Египет и го вселува во ветената земја. Господ, согласно љубовта кон својот народ, му заповедал на Својот ангел да оди пред еврејскиот народ во вид на осветлен облак и да им го покажува патот. Со тоа им ја осветлувал ноќта за нивниот пат, додека, пак, преку ден застанувал за да се одморат, а, истовремено, и за да ги поштеди од преголемата топлина што во тие предели знае да биде неподнослива преку ден. Можеме да замислиме колкава била милоста Божја за еврејскиот народ – Он го извел целиот народ, со деца на рацете, со стоката и со сѐ што имале.
Таков светол облак, само многу понадмоќен, Бог ќе ни даде нам во лицето на Богомајката која се јавува како патеводителка на верните кон небесното Царство. Таа е наша застапница пред Бога и заштитница од секакви животни непријатности, душевни и телесни.
Старозаветниот облак се простирал само на тоа место на кое се наоѓал еврејскиот народ, и тоа во одредено време. Нашиот покров е поширок од секаков облак и се простира над целата вселена. Сите племиња и народи кои ја почитуваат Богомајката се ползуваат со заштитата од нејзиниот покров. Без оглед на тоа кој каде живее и каква и да има мака, доколку искрено побара помош од Небесната Царица – ја добива. Што и да бараме и молиме, но и само доколку тоа е според волјата Божја, Богомајката ќе се застапи пред својот Син и Бог тоа да го добиеме.
Така, во X век, Византија се наоѓала во голема опасност од непријателите, кои го опколиле Цариград со огромна војска, а Цариград немал можност да се одбрани против таква силна воена сила. Затоа, пак, прибегнале кон молитва во црквата Влахерна на сеноќно бдение. Помеѓу другите, во храмот се молел и блажениот Андреј Јуродив, кој ја видел Богородица како стои во воздухот и го покрива и осенува народот со нејзиниот чесен омофор. Ова чудо го видел и ученикот на Андреј, Епифаниј. По оваа чудесна заштита од Пресвета Богородица, опасноста од непријателите минува и силната армија се повлекува сама од себе, а Цариград останал целосен и недопрен. Народот ѝ се заблагодарил на Богородица за нејзиното застапништво. Токму ова чудо, меѓу безбројните чуда на Пресвета Богородица, светата Црква денеска го прославува.
Но, како и во времето на Мојсеј кога еврејскиот народ се наоѓал под огнениот облак кој водел кон ветената земја, таа милост Божја не ја ценеле секогаш и сите. Се појавувале луѓе кои се бунтувале против Господа и против својот водач. Каде нѐ водиш? Ќе умреме овде, зошто нѐ водиш низ пустината? – велел неблагодарниот народ, а што довело до тоа највозрасните да не дочекаат да влезат во ветената земја, со исклучок на две лица од целиот народ. Така е и кај нас христијаните. Дали сите го ценат онака како што е потребно големото богатство и добрините што ги прави небесната Царица? Колку многу луѓе роптаат поради немоќта во својот живот? Роптаат од многуте беди и страдања, а за кои таа секогаш е готова да помогне? Мнозина го примаат тоа што го молат од неа, но не го ценат туку честопати себеси си ги препишуваат заслугите дека ги надминале сите нивни животни потешкотии случајно или со својата умешност, или, пак, со човечка помош итн.
Да запомниме дека чудесниот облак, во времето на Мојсеј, не го оставил еврејскиот народ преку целото негово странствување во пустината. Но, Евреите жестоко Го навредиле Господа, па затоа и многумина не влегле во ветената земја. Да внимаваме да не се случи слично и со нас. Мајката Божја за сите нас е покров поширок од облак, и за сите и секогаш е спремна милосрдна застапница и молитвеница. Но, да запаметиме дека нема да се спасиме од вечната смрт и нема да нѐ воведе во рајските живеалишта, доколку и самите храбро не одиме по патот на Царството небесно. Да живееме според Божјите заповеди и да молиме милост од Богородица, таа да нѐ покрива со нејзиниот чесен омофор, па така да се здобиеме со сила и храброст, та да одиме по Христовиот пат и да го наследиме Царството небесно, сега и во сета вечност. Амин.
Покров на Пресвета Богородица
Митрополитска Резиденција
14.10.2023 г.