„Целиот свет си го сметал за ништо, блажени Науме, а право си Го возљубил Христа и ближниот, и си ги смирил луѓето меѓу себе разделени заради верата, со Оној што сите ги зближува" (песна од Канонот на Утрена на преподобен Наум Охридски).

latest Running | NIKE

На 05.01.2015 година, на денот кога го прославуваме ученикот на светите сесловенски просветители, преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, во манастирот „Св. Наум Охридски", беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Димче Азески, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон своето верно стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!
Драги браќа и сестри!

Човекот е создаден по образ и подобие Божјо. Поточно, тој е психофизичко битие. Составен е од тело, односно, физичкиот дел којшто е земен од земјата, а душата, пак, му е вдахната од Бога. Како такво битие, во човекот постојано има една поделеност, борба помеѓу телесното и духовното. Телесното, бидејќи е создадено од видливо, распадливо, менливо, пропадливо, постојано се труди да се доближи кон тварта. Додека, пак, духот, којшто е од Бога и е нематеријален, туку е духовен, се труди постојано да го издигнува човекот кон духовните вредности во овој свет и живот. Овој дуализам постои кај секој човек. Кај некого преовладува телесниот, физичкиот елемент, а кај други, пак, преовладува духовниот. Оние кои не ќе успеат да се одлепат од материјалниот свет, ќе останат робови на страстите, на гревот, на нискости, на пакости и во краен случај, погубно ќе го завршат својот овоземен живот, живот којшто ќе продолжи и во вечноста. Додека, пак, луѓето кои ќе посветат поголемо внимание на духовниот елемент, и кои ќе се погрижат својата душа да ја негуваат, да ја хранат, но не со телесна храна и пиење, туку со духовни наслади и жива вода, тие ќе се издигнат од оваа долина на плачот во небесните височини, спечалувајќи, со Божја помош, царство небесно.

Божјите угодници се пример дека сето ова е возможно да се постигне. И денешниот празник, посветен на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, нè поучува и нè опоменува за овие духовни вредности. Вредности за коишто сме повикани, како христијани, да им обратиме внимание, и како да го насочиме и како да го живееме нашиот живот. Св. Наум Охридскиот Чудотворец живеел во IX и почетокот на X век. И тој бил човек, ист онаков какви што сме и ние денес. Човек со сите телесни потреби и со сите овоземни маки и распнувања. Но, тој не се приврзал кон телесното. Се издигнал над земното упатувајќи се кон небесното. Или, пак, како што се вели во неговиот тропар, му дал предност на духовното, распнувајќи го телото и соединувајќи се со Христа.

Ние како христијани, повикани сме да го негуваме и нашето тело, бидејќи телото е потребно за опстанок на животот во овој свет. Затоа сме должни да го топлиме, да го храниме и да го чистиме, бидејќи во него пребива нашата бесмртна душа, или, пак, како што се вели во Св. писмо, телото е храм на Светиот Дух. Но, Црквата бара од нас, да не му даваме предност на материјалното на сметка на духовното и на возвишеното. Напротив, треба повеќе да се трудиме, да придонесуваме и да ја негуваме нашата духовна потреба. Треба да ја храниме, да ја негуваме и да ја чуваме нашата душа, која, пак, не бара ниту јадење, ниту пиење, ниту топлење, но бара духовна храна. Храна која е подеднакво потребна за еден вистински христијански живот во овој свет.

Се поставува прашањето, како е можно помеѓу овие две побарувања на една личност, да се усогласат и да се донесат во хармонија, во ред, и да нема судир помеѓу нив? За тоа ни помагаат Божјите угодници, како што е св. Наум. Таа урамнотеженост се постигнува со смирение и со одданост на Бога, бидејќи самиот Господ Христос се смирил сè до смрт на крст. Од небесните височини, како Творец на сè видливо и невидливо, се смирува и прима човечко тело, овоплотувајќи се во утробата на св. Дева Марија, постанува човек, сличен на нас во сè освен во гревот. Живеел во овој свет, се трудел и работел, но, смирението и послушноста на Бога Отецот никогаш не го доведувал во прашање, туку сè примал и сè исполнувал со смирение и со послушност. На тоа и нас нè поучува велејќи ни: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши" (Мат 11, 29). Послушноста, пак, кон Бога Отецот, Христос ја покажува во молитвата во Гетсиманската градина, каде што вели: „Оче Мој, ако не може да ме одмине оваа чаша без да ја пијам, нека биде волјата Твоја!" (Мат. 26, 42) Смирението, исто така, во Светото писмо ни се истакнува како голема добродетел, како голема особина за испросување милост. Таков пример имаме со стотникот во Капернаум, којшто себеси се сметал за најголем грешник, кој не е достоен во неговиот дом да влезе Господ Исус Христос. Но, неговото смирение го побудува Господа Христа да влезе, и не само да влезе, туку и да ја пофали неговата смиреност, а преку смиреноста доаѓа и верата.

Прославувајќи го денеска светиот Наум, Охридскиот Чудотворец, и ние да се поучиме од неговиот живот. Па да се смируваме, понизуваме, и да бараме милост од Господа. Да бараме милост, бидејќи ние самите, според нашите молби, трудови и залагање, не ќе можеме да се одлепиме од земната приврзаност, но, со помошта и молитвата на св. Наум, преку кој делува Божјата благодат, ќе можеме да го победиме телесното во нас, и ќе можеме да и дадеме духовна храна на нашата душа. И само така духовно нахранети, ќе можеме како вистински христијани, да Го сведочиме Христа и да Го следиме по вистинскиот пат.

Уште еднаш, да се обратиме со молитва кон св. Наум, тој да биде наш молитвеник, помагач и да испроси Божја благодат за нас, па да можеме вистински да му служиме на Господа Христа и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин.

Преподобен Наум Охридски
05. 01. 2015 год.
Манастир „Св. Наум Охридски" - Охрид

svnazim2015lit 1

svnazim2015lit 3

svnazim2015lit 5

svnazim2015lit 7

svnazim2015lit 9

svnazim2015lit 11

svnazim2015lit 13

svnazim2015lit 15

svnazim2015lit 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1