Нашата света Македонска православна црква, поточно сестринството од манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, метох на манастирот „Св. Јован Бигорски“, на вечерната богослужба од втората Недела од Великиот пост, неделата кога го прославуваме „светилникот на православието, тврдината и учителот на Црквата, и украсот на монасите“, св. Григориј Палама, беше збогатено со уште еден нов член, со уште еден ангелообразен воин Христов. Искушеничката Драгана, од раката на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, прими монашки потстриг и го зеде своето ново, монашко име – сестра Касијана. На вечерната богослужба на Митрополитот Тимотеј му сослужуваа браќата од Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј, игумен на манастирот, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верен народ, но и кон новопотстрижената Касијана со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Best jordan Sneakers | Nike - Sportswear - Nike Tracksuits, Jackets & Trainers
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!
Големиот Апостол на народите, св. Павле, во Второто послание до Коринтјаните упатува една порака која по своето значење има вечна и непреодна вредност и е упатена на секое човечко суштество, а го укажува патот по кој треба луѓето да одат за време на овоземниот живот. Пораката гласи: „И така возљубени, да се очистиме себеси од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме дела свети и со страв Божји“ (2Кор. 7,1). Сите заповеди Христови се собираат во овие боговдахновени зборови на св. ап. Павле. Тоа е она за што е повикан сиот човечки род и е цел на неговиот живот, а претставува и предуслов на човековото подготвување, за во него да се всели силата Божја, односно Животворецот - Светиот Дух.
Бидејќи само во чистото срце, во чистиот сад на човековото суштество може да се всели силата Божја и Духот Свети. И ние, како луѓе, кога се вселуваме во некој нов дом нема да се вселиме во нечистотија, во правови, во извалкана куќа или стан, туку најпрво ќе ги очистиме, варосаме, намирисаме, па дури потоа ќе се вселиме во нив. Ако тоа важи за нас луѓето, дотолку повеќе тоа важи за животот на Господа, Кој е Создател на небото и земјата. Неговото живеалиште е срцето на луѓето. Не случајно Господ Исус Христос во светото Евангелие има речено: „И птиците небесни имаат свои гнезда и лисиците свои легла, а Синот Човечки нема каде глава да потслони“ (Мат. 8,20).
Зошто нема Синот Човечки каде глава да приклони? Затоа што има малку очистени храмови и малку очистени срца на луѓето. Малку се чистите срца на кои Бог би можел да ја наклони Својата глава. Бидејќи само таму каде што има чисто срце, тука Бог ја приклонува Својата глава и само во чистото Свое создание се вселува. Секое создание, а особено човекот, е создадено чисто и со раката Божја е обликувано. Меѓутоа, човекот паѓајќи во грев, го осквернил образот Божји, иконата Божја која во себе ја носи. Го има извалкано садот на Божјата благодат, домот на своето срце, кое Бог го има изградено. И затоа Господ, преку устата на св. ап. Павле, нè повикува да ја очистиме секоја нечистотија на телото и на душата, а потоа да твориме дела свети во страв Божји, во „страв кој е почеток на секоја мудрост“ (Псал. 111,10). Така правеле сите свети луѓе. Така правеле и светите пророци, така работел и светиот Боговидец Мојсеј, па дури потоа се искачил на гората Синај, за да го види лицето Божјо и да ги прими Божјите заповеди, за тие да стојат запишани во неговото битие.
На овој пат биле повикани и апостолите Христови и тие на тој начин се подготвувале да станат садови на благодатта Божја. Така постапувале и сите свети луѓе низ вековите. Секој еден од нив го чистел садот на својата душа, ја чистел својата нечистотија, за да приготви достојно место во неговата душа, Сесовршениот Господ да најде достојно место за Негово престојување и за да се всели и престојува во човечкото срце и во човечкиот ум.
Како секоја добра мајка што се труди своите деца да ги упати на правиот, вистинскиот, сигурниот и спасоносниот пат, така и светата Црква, како наша духовна Мајка, нè подготвува како да го избереме патот кој нè спасува и води во вечен живот. Затоа најпогоден период е токму велигденскиот пост. Како што знаеме, таа, преку подготвителните недели, нè поучуваше неколку недели по ред пред да го започнеме постот. Најпрво преку Неделата на цариникот и фарисејот, потоа со Неделата на блудниот син, па Месопусната и Сирната недела. Продолжувајќи така и през големиот пост, секоја недела ни дава по еден пример на кого треба да се угледаме и уподобиме. Целиот повик и учење на нашата света Црква е да се измениме, покаеме, облагородиме и да се соединиме со нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
Тоа ќе можеме да го постигнеме само ако се угледаме на цариникот, кој пристапува со смиреност, покорност и со покајание пред Бога и пред него го има огледалото на кое Го гледа Бога и затоа не се осмелува да ги подигне очите кон огледалото бидејќи таму е Бог. А никој не може Бога да го види и да остане жив. Додека фарисејот, пак, смело гледа во огледалото, но не Го гледа Бога, туку се гледа себеси како само се залажува и самопофалува, а ги осудува сите други околу себе. Еве и денеска светата Црква ни го изнесува примерот на св. Григориј Палама. Овој, пак, голем учител на верата, на догматиката, на мистиката и на монаштвото, ќе биде удостоен да постане столб и тврдина на Црквата Христова. Така и ние, денеска собрани во овој манастир посветен на св. вмч. Георгиј и во овој параклис посветен на св. Григориј Палама, да се поучиме од неговиот живот и од неговата непоколеблива вера, па да се очистиме од сите телесни и духовни нечистотии и да подготвиме достојно место во нашето срце и разум да се всели Семилостивиот и Себлагиот Бог.
А сега би сакал да упатам неколку зборови и кон сестра Касијана, која вечерва ги даде монашките завети. Сè ова досега што го кажавме се однесува на секој православен христијанин кој е крстен во името на Отецот и Синот и Св. Дух. Но сепак, со поголем акцент овие зборови се однесуваат на монаштвото, бидејќи тоа е повикано да биде во ангелско служење на земјата. За да може тоа ангелско служење да се реализира подостоинствено и пореално, потребно е посебен труд и подвиг за подготвување и очистување на душата и телото, па Божјата благодат да најде достојно место за да престојува во нив. Затоа поукиве нека послужат за постојано подготвување и очистување во монашкиот живот, бидејќи се вели нема човек кој живеел, а да на згреши. Но, човекот не може да направи толкав грев што Бог со Неговата милост и со Неговото човекољубие нема да го помилува. А за тоа, пак, потребна е храброст и подготвеност да побара прошка, да пролие солзи покајни, кои го чистат и умот и срцето и душата и телото од секаква скверност. А ние, пак, што сме собрани во овој параклис да се помолиме за сестра Касијана, светиот Григориј Палама и нејзината духовна покровителка, света Касијана, која е позната црковна поетеса од 9 век, а чиј спомен се прославува на 20 септември, и која напишала повеќе творби, а особено на Велика среда, каде што ги опишува гревовите на човекот, нека и бидат молитвеници, помошници, закрилници, та да може монашкиот подвиг достоинствено да го поднесува и сите маки и искушенија преку пост и молитва да ги надминува. Нејзиниот живот и работа нека бидат за прослава на Троичниот Бог, за просперитет и афирмација на оваа света обител, а за спасение на нејзината душа. По молитвите на свети Григориј Палама и на свети Агатангел Битолски, чиј спомен денеска светата Црква го прославува, Бог нека ги услиши нашите молитви и така нека биде. Амин!
Митрополит Тимотеј
Вечерна од Недела на св. Григориј Палама
10.03.2012 година, ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица, Дебар