На 26.10.2023 година, во навечерието на празникот на преп. Параскева- Петка, во храмот "Св. Јован Крстител" во Џилонг, Австралија, беше отслужува Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско- кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Чедомир Илиевски и Ефтим Бетински, игуменот Гаврил, свештеникот Јован Димитров од Руската задгранична црква и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост. На крајот, Митрополитот Тимотеј оствари и кратка средба со членовите на Управата на црквата, на која се разговараше за повеќе прашања од животот на Црквата и оваа наша православна општина.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Сите ние како христијани сме повикани да се вратиме во онаа состојба на вечен и блажен живот на нашата душа. За да ја постигнеме и оствариме таа цел, потребно е да го читаме темелно Светото писмо и преку него изучуваме законот Божји, а заради нашиот мирен и праведен живот на земјава. Светото писмо е збор Божји, кој позитивно делува на нашиот ум и нашето срце. Книгите од Светото писмо се интересна и корисна литература. Тие книги, како Божјо писмо, за нас луѓето се голем дар Божји. Тие се непроценливо богатство. Во нив, Самиот Цар Небесен, недостижниот и велик Бог, преку зборови и разговор општел со Своето создание, онака како што некогаш општел со нашиот праотец Адам, сѐ додека не паднал во грев. Читајќи го Светото писмо, ние се богатиме духовно и лесно можеме да го препознаеме милосрдието Божјо. Токму затоа словото Божјо е важно и корисно за нас.
Божјите зборови ни ги откриваат христијанските вистини, а, истовремено, и моралните правила кои ни се неопходно потребни за внимателно и успешно одење по својот животен пат, тежнеејќи кон Царството Небесно. Непознавањето на Светото писмо и моралниот закон нѐ води на страни патишта, а со тоа и нѐ оддалечува од нашиот Отец Небесен. Читајќи го Божјото слово, доаѓаме до познавање на волјата Божја, ја осознаваме нашата вистинска цел и смислата на нашиот живот на земјата. Истовремено ги сознаваме и нашите обврски и должности кон Бога и кон нашите ближни. Ако не го познаваме или погрешно го сфаќаме Божјиот збор, тогаш можеме да го сметаме за грев и тоа што не е грев или, пак, некоја нечесна работа да ја сметаме за исправна.
Светото писмо може во некоја рака да се спореди со материјално огледало кое му помага на човекот благовремено да може да забележи на својот образ некоја нечистотија или дамка. Зборот Божји проникнува со својата благодат по сите тајни на човековата душа и ни открива колку таа е помрачена и извалкана со гревовната нечистотија. Тогаш кога ќе го откриеме ова, нѐ побудува без одолговлекување или колебање да стоиме во верата со Христова помош и со наши напори, молитва, пост и искрено покајание, да ја очистиме нашата душа, да се измениме, та очистени да можеме да го обновиме образот Божји во својата душа.
Нашето тело има неопходна потреба од храна и облека. Исто така, и нашата душа има исто таква потреба за духовна храна. Во зборовите Божји за нашата душа се наоѓа богата трпеза со обилна духовна храна. Отсуството на желба и на ревност за да се почувствува зборот Божји, зборот на вечниот живот, ни сведочи дека нашата душа е разболена и има потреба од лекар и терапија. Токму во Светото писмо имаме лекови за лекување на заболените души, а зборот Божји не само што лекува туку и ја зајакнува и храни душата, а и на нашето тело му дава бодрост и крепост.
Нашата цел во животот е да се вратиме кон својот Творец, од Кого преку падот во грев на нашиот прародител Адам сме се оддалечиле. Во Светото писмо ги имаме сите потребни упатства како можеме да се вратиме кон Него. Светото писмо ни е дадено од две причини. Прво да го прославуваме името Божјо, а второ заради нашето спасение. Зборовите Божји влеваат во нашите души стравопочит кон Бога, раѓаат љубов и кон Бога и кон нашите ближни. Нѐ побудуваат благовремено на покајание заради очистување од нашите гревови. Во очистеното срце, пак, се раѓа душевен мир и радост. Тие ја пробудуваат и утврдуваат во нас верата, која е како посеано семе кое се залива со росата на божествените зборови, никнува, расте и носи богат и корисен плод. Зборовите Божји имаат сила да ги покренуваат христијаните кон духовен плод. Без благодатната сила на Светиот Дух, христијанинот не може да го оди својот пат и патот на својата душа кон Небесниот Отец.
Ако со внимание го читаме Светото писмо и размислуваме за тоа што сме прочитале, нашиот духовен живот расте и свети како газиена ламба. Посеаното семе во нашето срце може да остане и без плод, ако живееме порочно, ако семето падне на неплодна земја. Така и зборовите Божји, ако во нашето срце не најдат подготвени услови не донесуваат плод. За да покажеме во својот живот добар плод треба да се оди по патот Христов. А на тој пат Бог му помага секому, само ако сака да се искачува и да ги совлада сите препреки. Нашето срце е празно ако не е исполнето со Божествената вистина. Нашиот непријател таквото срце ќе го исполни со грешни желби и мисли, и тогаш ќе донесе некорисен и штетен плод за нашата душа, која постанува живеалиште на злите духови. Нашето срце може да биде живеалиште на Светиот Дух или живеалиште на сатаната и пештера на разбојници, ако е окупирана од страна на нашиот најголем непријател – ѓаволот. Како што градинарот ги сече сувите гранки од своите овошки за да донесат добар и корисен плод од подмладените, така и човекот треба од своето срце и душа да очисти сѐ и да ги отфрли со мечот на Божјите зборови сите лоши мисли, желби и дела од своето срце, ум и душа. Па така да се очисти и да го подмлади своето срце, ум и совест и да може да донесе добар и корисен плод за својата душа.
Да се обратиме со искрена молитва кон преп. Параскева, таа да биде наша молитвеница и застапница, а евангелското семе да падне на плодна почва во нашите срца и души, и да донесе плод за наше спасение, сега и во сета вечност. Амин.