На 27.10.2023 година, на празникот на преп. Параскева-Петка, во храмот "Успение на Пресвета Богородица" во Сиденхам, Мелбурн, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Ефтим Бетински, игуменот Гаврил, свештеникот Јован Димитров од Руската задгранична црква и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Црковниот календар преку цела година е исполнет со прославување и чествување на повеќе Божји угодници или светии. Самиот збор светител или светија означува човек кој во многу се разликува од обичните луѓе. Светителите се посилни во верата кон Бога, во надежта во Неговата помош и во љубовта кон Него и кон луѓето. Се разликуваат и по своите постапки и по начинот на својот живот и работа. Светија е човек кој живеел на земјава со посебен живот, со Христовиот живот, кој своите мисли, зборови и дела ги мери со кантарот на светото Евангелие. Пример на таков човек гледаме и во ликот на св. ап. Павле, кој пишувајќи го посланието до Галатјаните вели: Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене (Гал. 2, 20). Секој светител е сведок Христов, кој со својот живот покажува како може да се доживеат Христовите вистини. Светиите се луѓе од крв и месо и со својот живот покажале колку е Христос милостив, човекољубив, вистинољубив и правдољубив. Еден поет, пеејќи за животот на светителите, рекол дека светителите се „огледало Христово“. Со тоа сака да каже дека во светиите се огледува Личноста Христова. Многу од светителите радосно ги поднесувале гонењата и мачењата заради верата во Христа и со радост претрпеле смрт, давајќи го земното тело заради своето спасение. Земното царство го заменувале со Небесното царство.
Знаеме дека Месечината добива светлост од Сонцето и со таа светлина ја осветлува Земјата и другите небесни тела во ноќта. Христос е „Сонцето на Правдата“, Изворот на духовна светлина. Со Својот благодатен, богоудоден, честит и праведен живот, светиите ја впиваат во себе таа Христова светлина и ја пренесуваат со својот богобојазлив живот врз сите верни луѓе.
Еден голем мислител има кажано сериозна мудрост. „Покажи ми кој човек го почитуваш, кој ти е пример во твојот живот и јас ќе ти кажам како човек си“. Човекот кого го почитуваме посебно и кој во животот може да ни послужи за пример мора да се одликува со духовни и морални квалитети. Од тоа зависи дали сакаме од себе да изградиме добар или лош човек, односно дали ќе се издигнеме во духовни горостаси или ќе останеме ситни и ништожни.
За еден спортист да постане врвен во својот повик потребно е да го следи својот тренер, да ги слуша неговите упатства и совети, а покрај сето тоа да вложи и многу труд и да исфрли многу пот со своите телесни вежби. Во негувањето на нашето срце и душа заради духовно и морално усовршување, неминовно е потребно многу труд, вежби и угодувања на својот тренер, кој во овој случај е секој Божји угодник и светија.
Досегашното друштво го надополнуваат честити и благородни луѓе. За да постанат луѓето почувствителни и хумани, потребно е да се огледуваат на духовните тренери – на нашите светии. Св. ап. Павле, пишувајќи го своето Послание до Коринтјаните, ги советува како треба да живеат: Угледајте се на мене, како што и јас на Христа (1Кор. 11, 1). Со други зборови, угледајте се на мене, на мојот живот во Христа, на мојата вера, надеж и љубов кон Христа. Преку Коринтјаните, апостолот Павле ни упатува денеска совет и на нас: слушнете вие кои сте паднати, и јас бев паднат, но Господ со Неговата благодат ме подигна, и вас ќе ве подигне.
Нашата света Црква е богата со духовни тренери и има голем број на светии, како што рековме на самиот почеток. Да се угледаме на сите тие праведници Божји. Но, најпрво, потребно е искрено да се покаеме за нашите гревови, а милостивиот Бог ќе ни прости, па и ние по примерот на Божјите угодници да живееме и работиме како што Му е мило на Бога.
Господ Исус Христос за Себе вели дека е Леб на животот и Вода од која не се ожеднува. И да ја завршиме нашата денешна поука со молитва кон Господа Христа: Господи Исусе Христе, Ти си Леб на вечниот живот, нахрани нѐ со Твојот леб, да бидеме вечно сити. Ти си Извор на жива вода, а оној кој пие нема да ожедни никогаш. Напој нѐ нас со таа вода, бидејќи сме премногу жедни, дај ни со неа да ја угасиме нашата жед, да се напиваме од таа Твоја вода која води во вечен и блажен живот. По молитвите на св. Петка, чиј спомен денеска празнуваме, така нека биде. Амин.
Петковден
Храм „Успение на Пресвета Богородица “ Сиденхам
27.10.2023 г.