На 01.11.2023 година, на празникот на преп. Прохор Пчински, во храмот "Св. Никола" во Кабрамата, Сиднеј, Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, игуменот Гаврил, протоереите Наум Деспотовски и Александар Ивановски, свештениците Игор Младеновски и Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата, Митрополитот Тимотеј го произведе во протоерејски чин свештеникот Игор Младеновски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Св. ап. Јаков им препорачува на христијаните усрдна и непрестајна молитва, која донесува огромна помош и корист за оној којшто принесува таква молитва кон милостивиот Отец Небесен. Значи, само усрдната молитва му носи на праведникот полза и помош. Ние грешните луѓе честопати се молиме без ревност, усрдност и таквата молитва не ни донесува никаква корист. Ако немаме усрдност во молитвата, можеме истата да ја стекнеме ако постојано се молиме пламено и со голем труд. Усрдната или пламена молитва не се стекнува од еднаш. Таа доаѓа како плод на константната вежба, како награда за постојаното ревнување во молитвата. Молитвата се раѓа со напор и труд и молитвен жар. Како што со движењето се раѓа топлина во студеното човечко тело, со непрестајното застапување и труд во нас се раѓа потреба за срдечна молитва, која ја загрејува нашата студена душа и смрзнато срце. Потребно е, доколку е тоа можно, да се присилуваме на молитва. Да не одиме на спиење без срдечна молитва, да се заблагодариме за изминатиот ден и за простување на сторените гревови или газењето на законот Божји. Кога стануваме наутро да Му се заблагодариме на Бога што сме преживеале и што сме го дочекале новиот ден, а него, пак, да го поминеме во мир и благосостојба. Тогаш Божјиот благослов ќе биде со нас, а ние секоја работа да ја започнуваме со молитва кон Бога, па истата успешно да ја завршиме без правење гревови и престапи.

Гревот служи како некоја преграда за време на нашите молитви. Како што облаците ги кријат сончевите зраци кои ја осветлуваат земјата, така и нашите гревови спречуваат да дојдат до нас зраците на Божјиот благослов, да ги осветлат и загреат нашите срца, та да правиме добри дела. Покрај тоа, гревовите можат да ги спречат и да не дозволат нашите молитви да допрат до ушите на Бога, а со тоа и нашите молитвени прозби да останат неисполнети.

Тогаш се поставува прашањето: дали има потреба грешниот човек да се моли? Има, и тоа многу повеќе потреба од оној кој живее и работи според волјата Божја, односно повеќе од праведникот. Сонцето многу повеќе му е потребно на човекот кој е настинат, кој ги поминува деновите и часовите на дожд, ветер, отколку на оној кој седи во топла соба со часови и денови. Кога ние срдечно и постојано се молиме на Бога, нашиот ум се просветлува со помош на Божјата благодат, а срцето се чисти од гревовните помисли. Молејќи се на Бога, Кој е Извор на љубов и милосрдие, нашата душа се напојува со огнената Божествена вистина, а топлината на љубов ја загрејува и осветлува нашата душа, која под тоа влијание чувствува неизмерна радост и задоволство. Молејќи се на Милостивиот Бог, Изворот и Дарителот на секое добро, нашата волја се преобразува и се насочува кон правење секакво добро дело.

Грешниот човек пристапува во молитвата со тешкото бреме на своите беззаконија, а со упорната и срдечна молитва ја чисти својата гревовна нечиститоја и ја симнува од својата душа таа тешка гревовна состојба. Значи, треба да пристапи искрено, каејќи се за своите гревови со покајни солзи, а преку благодатта Божја ќе ја заврши молитвата со исчистена и избелена душа како зимски снег. На тој начин, грешниот човек може да испроси од милостивиот Отец Небесен опростување на гревовите и може да ги доживее топлите зраци на Сонцето на правдата. Тогаш вистинската љубов и милосрдие на Христа Спасителот наш ќе ја осветлат, загрејат, препородат и обноват неговата душа, а со тоа ќе постане нов човек, односно вистински син Божји.

Ако сме под тежината на гревовното бреме, да не губиме надеж во милоста Божја, непрестајно да се молиме, а Господ секогаш е подготвен да ги слушне нашите искрени и топли молитви, и да нѐ спаси и очисти од гревовите. Господ Исус Христос дошол на земјава од Небесата, воплотувајќи се, постанувајќи човек во сѐ еднаков на нас, освен во гревот. Дошол за да ги повика не праведниците туку грешниците на покајание. Он повеќе се радува на еден грешник кој се моли и искрено се кае, отколку за 99 праведници. Он и на разбојникот на крстот му опростил, затоа што овој срдечно се молел. Да се молиме сите, бидејќи сите, кој повеќе кој помалку, сме оптоварени со гревови, а Господ ќе ги услиши нашите срдечни молитви и ќе нѐ спаси. И св. Прохор Пчински, чиј спомен денес го прославуваме, нека се застапи пред Севишниот Он да ни даде сила и мудрост за искрено покајание, а за спасение на нашите души. Амин.

Свети Прохор Пчински

                              храм „Св. Никола“ Кабрамата

01.11.2023 г.

 

20231101 100216 u7rhpOF81B20231101 101305 dqv3Nure5l20231101 101944 jOO6DGkw5C20231101 102529 uJe0TfAG9620231101 102955 hNkCilPi1c20231101 104610 KaBNvOr16l20231101 111809 6SuvRr1l4c20231101 111822 Asta1rBS9b20231101 112600 PPiTmbln4eIMG 1513 KTEt5bDX1N hYj607d914IMG 1515 T4RusQG91U u3GEVNes0K

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2