„Свештен и божествен органу на Премудроста, светла трубо на богословието, согласно те воспеваме, Григорие Богопроповедниче: но, како ум којшто стоиш пред првиот Ум, кон Него упати го и нашиот ум, за да викаме: Радувај се, проповедниче на благодатта“ (кондак на свети Григориј Палама).

Втората недела од Великиот пост, светата Црква ја посветила на великиот учител, подвижник и мистик Христов, свети Григориј Палама. Поминувајќи низ животот низ многу маки и искушенија и секогаш поради името Христово и вистинското верување, св. Григориј ги порази ересите од своето доба и го потврди Паламитското учење. Ова Црквата го примила како втора победа против ересите и токму затоа, ја посветила оваа втора Недела на свети Григориј.

buy footwear | Nike Shoes

На 11.03.2012 година, во Втората недела од Великиот пост, но и денот кога го прославуваме споменот на свети Агатангел Битолски, света архиерејска Василиева Литургија беше отслужена во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во Рајчица, Дебар, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Партениј, еромонасите Доситеј, Макариј и Јосиф и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј го освети коливото и му се обрати на верното стадо со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Како што слушнавме во денешното свето Евангелие, нашиот Спасител Господ Исус Христос, откако ја започна Својата месијанска и учителска служба, патува од град во град, од село во село, од место во место, поучувајќи и лекувајќи секакви болести. Така, враќајќи се од Гергесинската земја, вечерта доаѓа во Капернаум и оди во еден дом за да преноќи и да се одмори од долгиот и мачен пат. Гласот за Неговото пристигнување во Капернаум брзо се проширил. Со шепот, од човек на човек, се прочуло дека дошол Христос, Кој прави многу чуда и Кој лекува секакви болести. За кратко време куќата во која што отседнал Христос била опколена со народ, се исполнила со луѓе кои страдале од секакви болести и маки. Христос повторно и тука проповедал и лекувал најразлични болести.

Во Капернаум имало и еден човек кој бил закован на постела подолго време. Тој ги поминал сите можни лекари, и официјални и надри, но не добил никаква помош и што е уште пострашно, од лекарите му било кажано дека за него лек нема и треба да се помири со оваа негова состојба, сè додека не дојде смртниот час и го ослободи од истата. Но, овој страдалник не губел надеж и се надевал дека сепак ќе се најде лекар и лек кој ќе може да го подигне од постелата.

Откако слушнал дека во Капернаум се наоѓа невообичаен лекар - Христос, Кој што лекува секакви болести, ги замолил своите пријатели да го однесат при Христа, за да побара лек за неговата болест. Неговите пријатели го донеле на носила, но не можеле да го внесат во просторијата каде што бил Христос од многубројниот народ. Тогаш се качиле на кровот, го отвориле и го спуштиле овој страдалник пред нозете на Христа. Спасителот го погледал со Неговото Севидно око  и видел една друга, уште поголема рана во неговата душа, отколку неговата физичка фатеност. Болниот, кој молел да му се излекува парализата, наместо да ги чуе зборовите „стани и оди си“ тој слуша: „Ти се проштеваат гревовите“. До овој момент, овој страдалник воопшто и не размислувал дека неговите гревови се причина за ова негово физичко страдање, а сега овие зборови од Христа ги почувствувал во неговата душа и почувствувал како да му паднал еден тежок товар од неговите плеќи и целиот психички возбуден, се потсетил на своите гревови од минатото. Во тој момент Господ Христос повторно му вели: „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома“ (Мар. 2,11). Во истиот момент почувствувал голема сила и болеста ја снемало.

Како што гледаме, раслабениот, носен на крилата на верата во Господа, дојде при Исуса да проси за една милост, а се случува да добие двојна благодат. Втората, проштевањето на гревовите или излекувањето на душата, било многу побитно. Тоа му ги отвора портите за вечен живот во Рајот небесен.

Драги христијани, ние како луѓе секојдневно грешиме и затоа честопати страдаме. Но, да не заборавиме дека Го имаме Небесниот Лекар, Господ Исус Христос, Кој е секогаш блиску до нас и е подготвен да ги слушне нашите болки, маки и страдања и да ги излекува доколку со искрена вера Му се обратиме за помош. Тој самиот ни вели: „Ете Јас сум со вас преку сите дни до крајот на светот“ (Мат. 28,20). Исто така, ги слушаме Неговите умни зборови кога ни вели: „Дојдете при Мене сите оптоварени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Мат. 11,28).

Драги браќа и сестри, овој пример нè поучува и ние да појдеме пред нозете на Господа Исуса Христа и да паднеме на коленици и да му ги принесеме сите наши маки, болки, страдања, гревови и престапи и да побараме прошка и милост. Бидејќи само силната и непоколеблива вера во Господа Исуса Христа може да ги победи  сите искушенија и да ги совлада и сруши сите прегради кои нè одделуваат од Христа.

Оваа втора недела од Великиот пост, нашата света Црква ја посветува на свети Григориј Палама, а исто така, денеска Црквата го прославува и споменот на свети Агатангел Битолски, маченик од поновата историја на нашата света Црква. Примерот на верата кај овој парализиран човек од Евангелското четиво, како и верата и делата на свети Григориј Палама, големиот учител на православната Црква, големиот подвижник и големиот борец за зачувување на вистинската и права вера и учење на Црквата, нека ни послужат за пример и инспирација како треба нашата вера да ја зацврстуваме, утврдуваме и исповедаме. А свети Агатангел Битолски, кој бил обичен кондураџија, но имал силна и непоколеблива вера и за таа вера го дал и својот млад живот, нека ни биде пример како никогаш не треба да се откажеме од Христа и од нашата света Црква.

Да се обратиме со искрена молитва кон нив, со нивните молитви нека ја зацврстат и нашата вера, Господ да ја умножи нашата љубов, да нè утврди во верата и добродетелите, та не секое место и во секое време да Го сведочиме и проповедаме Господа Христа со правење  добри дела и добивање на вечен живот. По молитвите на свети Григориј и св. Агатангел Битолски така нека биде! Амин!

  

Митрополит Тимотеј

Недела на свети Григориј Палама
11.03.2012 година, ман. „Св. вмч. Георгиј“ Рајчица, Дебар

nedsvgrig2012

nedsvgrig2012 2

nedsvgrig2012 4

nedsvgrig2012 6

nedsvgrig2012 8

nedsvgrig2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1