На 14.11.2023 година, во навечерието на празникот на св. мч-ци. Акиндин, Пигасиј, Автониј и други, во храмот "Св. пророк Илија" во Квинбијан, Австралија, беше отслужена Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Ѓорѓи Митев, свештеникот Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Каде што има завист и карање, таму има неслога и сѐ е лошо (Јк. 3, 16)
Ова е еден од гревовите кој е семе од кое никнуваат сите зла и непријатности во животот на луѓето. Според св. Василиј Велики, зависта е жалост на душата, која произлегува од успесите и добродетелите на ближните. Останатите гревови имаат некаква лична полза. На пример, гордоста сака да се прослави, среброљубието бара богатство, стомакољубието бара да се наслади и насити, додека, пак, завидливоста не бара за себе ништо добро, а бара зло на ближниот. Завидливоста бара да го види прочуениот – унижен, богатиот – сиромав, чесниот – нечесен. Ете таква е целта на завидливоста. Од друга страна, пак, сите т.н. смртни гревови, со исклучок на зависта, бараат некакво насладување и некаква радост на тој којшто го прави гревот. Како што рековме, пак, малку порано, зависта не само што не му носи радост на оној кој е зафатен од неа туку, напротив, му принесува тешка жалост и мака. Како што рѓата го разорува железото, така завидливоста ја разорува душата на оној кој завидува – вели св. Василиј Велики. Зависта е истовремено и грев и казна за оној кој ја поседува. Многу справедливо зборува св. Григориј Богослов кога вели дека од сите гревови зависта е најнесправедлива, а, во исто време, и најсправедлива. Несправедлива зашто завидува на секое добро кај ближниот, а справедлива бидејќи завидливиот добива и своја казна, зашто самиот се мачи кога им завидува на другите луѓе.
Еден цар имал двајца дворјани што посебно ги сакал, но, истовремено, знаел за нивните слабости и страсти. Едниот бил многу завидлив, а другиот, пак, среброљубец. Царот сакал да провери и да дознае која од овие две слабости ќе направи поголеми зла. И затоа решил да ги провери овие работи врз своите сакани дворјани. Ги повикал и им рекол: на оној кој прв ќе побара ќе му дадам 10.000 лири, а на вториот 20.000 лири. Завидливиот си рекол: ако кажам прв, другиот ќе земе дваесет. Среброљубивиот размислувал на сличен начин. И двајцата молчеле. Тогаш едниот рекол: дај ни три дена да размислиме. Но, и по три дена исто молчеле. Тогаш проговорил завидливиот: сакам честити царе да ми извадиш едно око, зашто мислам дека на вториот ќе му ги извадиш двете очи. Тогаш царот рекол дека тоа зло никогаш нема да го направи, и дека само сакал да ги направи чесни, а не бесчесни. Тој му рекол на завидливецот: кај тебе зборува зависта, а не срцето. Така заклучил дека зависта е многу пострашна од среброљубието. Но, да нѐ пази Бог, па да не се соберат и двете зла во едно.
Зависта е бес, кој не може да трпи кај другите добро, напредок и успех. Зависта не може да се крие, таа суди без докази, таа ги преувеличува недостатоците, а јазикот е преполн со лаги и обвинување. Таа се нафрла врз секоја заслуга и достоинство на душата. Само зависта зборува за доброто како за лошо, за убавото како за грдо, за верникот како за лицемер, за мудриот како за безумен, за учениот како за неучен. Но, има и лек за оваа страст, слабост и грев, а тоа е љубовта, како што вели св. ап. Павле во своето Прво послание до Коринтјаните: Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло. На неправдата не се радува, а на вистината се радува (1. Кор. 13, 4-6).
И ние, како христијани, да се потрудиме и да ја засакаме љубовта, да се всели во нашите душа и срца, и кон Бога и кон ближните, па таа да нѐ води низ нашиот живот. И така, да живееме со љубов, да го исполнуваме законот Божји и да се надеваме на милост Божја за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Вечерна богослужба
Храм „Св. пророк Илија“
Kвинбијан, Австралија
14.11.2023 г.