„Плодот на праведните Јоаким и Ана, како дете Му се принесува на Бога во светиот храм - хранителката на нашиот живот, која ја благослови првосвештеникот Захарија. Сите ние, како Мајка Божја, верно да ја прославиме“ (седален на Утрена на празникот Воведение во храмот на Пресвета Богородица).
На 04.12.2023 година, денот кога го прославуваме празникот Воведение во храмот на Пресветата Богородица - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме Богородичниот празник – Воведение во храмот на Пресвета Дева Марија. Во сите времиња Семилостивиот и Семоќен Господ е опкружен од неискажливата слава на Своето Божествено лице, опкружен од неискажливото светење кое се излива од Неговата светоносна суштина преку сите времиња. Тоа светлење се нарекува слава и сила Божја, несоздадена благодат. Таа Божествена слава влегла во создадениот свет од Бога и таа го опкружувала првиот човек Адам кој бил создаден во рајот, но и го напуштила по неговото паѓање во грев. Но, Господ сакал да го поврати човекот и да не го лиши од Божествената благодат. Затоа Господ го водел Израелскиот народ кон ветената земја, и Самиот Бог како огнен столб одел пред Израилскиот народ и го одвел во ветената земја, разделувајќи го Црвеното Море за да поминат луѓето на Израилот.
И по волјата Божја, Неговата слава се спуштила на гората Синај, кога Мојсеј го примил откровението за тоа како треба да ја направи небесната скинија, изобразувајќи го духовниот свет. На таков начин на земјата се појавил првиот храм, кој ќе биде образ на најголемиот Храм – телото Господово. И самиот Бог го осветил, влегувајќи во него со Својата слава. Кога Мојсеј ја помазал новозаветната скинија со елеј, таа Божествена слава ја обвила скинијата како светлоносен облак, така што никој не можел да влезе во неа. Господ секогаш престојува во својата скинија. Храмот постанал врата кон повозвишената небесна реалност, врата каде што вечно светли светлината на Божественото лице.
Храмот не е потребен самиот за себе како цел туку за воспитување на народот Божји. Тој ќе постане престојувалиште во кое Самиот Господ ќе влезе со Своето сопствено Тело. И, навистина, ете ние денеска го прославуваме денот кога Господовиот храм – Пресветата Дева Марија, која ќе постане пребивалиште и живеалиште на Господа, се приведува во храмот Господен. Пресвета Дева Марија ќе стане Божјо живеалиште затоа што во неа се исполниле сите пророштва пророкувани од пророците, патријарсите, старозаветните светии. Во неа се соединуваат сите добродетели, како во некој сноп што свети и кој направил од неа светлоносен светилник, односно една голема свеќа. Денеска неа ѝ припаѓа да влезе во храмот, за да се запали небесниот оган во неа и да се допре до таа слава која дошла во овој свет, за да го врати човекот кон првобитната состојба. Денешниот ден е почеток на подготовката на Света Дева Марија за да постане Богородица. Може да се каже дека денешниот ден за Марија е нешто сличен како што за Господа Исуса Христа е денот на Богојавлението. Кога нашиот Спасител ќе излезе да ја извршува Својата служба, а тоа се случува на денот кога ќе се крсти во Јорданските води, така и Марија ја започнува својата подготовка за да постане Мајка на Бога. Денеска по волјата на Светиот Дух таа се внесува во најсветото место во храмот, во „свјатаја свјатих“.
„Свјатаја свјатих“ – тоа е срцето на славата, срцевината на Божественото светење. Ова светење е толку големо и страшно што таму ниту еден човек не влегувал освен првосвештеникот, и тоа само еднаш во годината. И кога влегувал бил опкружен со чад, за да не загине од славата Божја која го исполнувала храмот. Идната Богородица влегува таму и се допира до изворот на таа слава и на тој Божествен живот. И на таков начин Бог го запечатува срцето на Богородица, кое уште од порано било настроено кон Богоопштење, кон молитвата од нејзините родители и прародители, и го прави подготвено живеалиште за Бога. Господ започнува да го подготвува тоа срце, кое потоа ќе постане чувар на животворните зборови Божји. Марија, влегувајќи во храмот, постанува поле со добра земја, на кое посеаното семе Божјо донесува стократен плод. Марија влегува во храмот и започнува нејзиното духовно образование и подготовката да влезе во небесниот живот. И ете, уште првиот ден, таа се допира до најсветото, и затоа постанува Богородица, а Божјата благодат ја учи на светите писанија. Животворните зборови Божји, пак, го преобразиле нејзиното срце и ја направиле способна да ги помни и исполнува Божјите заповеди, за да се подготви за највисоката слава и да стане Мајка Божја.
Кога Марија влегла во таа слава, Божјата благодат и светлина проникнале уште подлабоко во нејзиното срце и таа постанала драгоцен сосуд, во кој ќе се насели Бог. Таа го знаела словото Божјо напамет, па затоа и можела да каже: Еве ја слугинката Господова; нека ми биде според Твоите зборови (Лк. 1, 38). Затоа и било потребно таа да се воспита во атмосфера на светост. Затоа и бил даден храмот во Стариот завет, па затоа и постојат храмовите во Новиот завет. Затоа и онаа која се подготвува да биде обиталиште на Бога денеска се воведува во старозаветниот храм, а благодарение на неа на Земјата се јавува прекрасна и сесовршена скинија – Пречистото Тело на Господа Исуса Христа. И Самиот Спасител го нарекол своето тело храм, обраќајќи им се на Јудеите: Разрушете го овој храм, и Јас за три дена ќе го возобновам (Јн. 2, 19). Затоа е и потребно што почесто да ги посетуваме светите храмови, бидејќи во нив престојува благодатта Божја. По примерот на Света Дева Марија, и ние да влегуваме во светилиштето и да ги научиме тајните, та да постанеме и самите живеалиште на Бога.
Да се потрудиме да живееме пред духовниот огнен столб, кој живее во храмот Божји, а кој е даден и на секого од нас. Ние сме странци на оваа земја, а нашата татковина е небото, а тој огнен столб нѐ води напред кон Господа и кон небото, а на тој пат нѐ води и Пресветата Богородица. Господ Бог и Мајката Божја да ни помогнат да ги очистиме нашите срца и да постанеме богоподобни суштества, како што станала и Марија, кое од мало девојче постанала прекрасна светлозарна Царица Небесна. Амин.
Воведение на Пресвета Богородица
Храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид
04.12.2023 г.