Третата недела од Великиот пост, светата Црква ја посветува на споменот на светиот и животворен Крст. На средината од постот, светата Црква нè потсетува на крсните страдања на нашиот Спасител и ни дава утеха дека Господ ќе ги победи смртта и злото. Токму затоа и ние со радост пееме: „Вратата на рајот повеќе не ја чува пламениот меч, зашто на негово место дојде крсното дрво; осилото на смртта отапе, и победата на адот се протера, зашто Ти си застанал пред него, Мој Спасителе, викајќи им на оние во адот: Влезете пак во рајот“ (кондак на Крстопоклона недела).

Sports News | Men’s shoes

Оваа година, споменот на Крстопоклоната недела го прославивме на ден 18.03.2012 година, а по тој повод, света архиерејска Василиева Литургија беше отслужена во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереите Митре Попоски и Игор Никовски и ѓаконот Васко Голабоски. Според обичајот на светата Црква, пред почетокот на Литургијата, на средината од храмот беше изнесен светиот Крст, кој останува на тоа место преку целата недела. Митрополитот Тимотеј им се обрати на верните со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска светата православна Црква го изнесува пред своите верници животворниот крст Господов за општо поклонување. Таа нè поткрепува во овој Велигденски пост, токму на половина од истиот, за да би можеле да посведочиме и пред Бога и пред својата сопствена совест за нашата усрдност и одговорност со кои ние го поминуваме овој пост. Како ние ги поминавме овие недели од Великиот пост? Што чувствуваме во нашата душа? Што чувствуваме во нашето сознание: дали за некого постот штотуку започнал или, пак, за некого завршил, или кој како го разбира? А некои пак расудуваат со прашање: А што се изменило? Постел или не постел сè е исто. Снегот се топи, пролетта се приближува, сонцето свети, јадење има, транспортот подобро или полошо функционира, па тогаш зошто ни е постот?

Такви расудувања и размислувања ние постојано сретнуваме во нашите животи. Но, светата црква не им посветува внимание. Таа оди по својот пат, определен од Господа и го почитува посниот период кој е одреден од Црквата, зашто таа дава отчет единствено пред Едниот - пред Бога, Кој е Создател и не обрнува внимание на таквите размислувања. Таа ни го предлага крстот Христов како симбол на победата над смртта и не само како орудие против ѓаволот пред кого тој трепери и се тресе. Светата Црква крстот Господов го изнесува пред нас за да нè зацврсти духовно и физички и да ги поткрепи оние, што заедно со неа патуваат по заедничкиот и вистинскиот пат.

За жал ние често пати не придаваме особено значење на духовните богатства со кои располагаме. Ние честопати изгледаме како оние луѓе од Евангелието, за кои Господ Исус Христос вели: „Ако не видите знаци и чудеса, нема да поверувате“ (Јов, 4, 48). Ние изгледаме како нив, а забораваме каква сила имаат духовните богатства и со каква поткрепа ја зацврстуваат нашата надеж. Поткрепа каква што немаат другите луѓе кои поминуваат покрај нас. Ние често се надеваме на нешто друго, нешто што е дури тешко и да го замислиме, но се залажуваме и го очекуваме. Ние не се загледуваме и не се стремиме кон оние божествени средства кои Бог ни ги дал, туку бараме нешто што е надвор од можното.

Денеска, во оваа крстопоклона недела, светата Црква нè повикува да се загледаме во овој свет крст и да ја оставиме својата неизвесност, за миг да се задржиме и да направиме крсен знак и да испросиме од Господа благослов за понатамошниот пат. Ако ние постиме, Господ да нè зацврсти, ако не постиме, Господ да нè вразуми, ако ние воопшто не сме пристапиле кон постот, Тој да ни ја открие смислата на постот и она што произлегува од постењето. Сите ние сме разумни луѓе и можеме да се замислиме за она што се случува во духовната сфера, а тоа важи и за многумина од тие кои не влегуваат во домот Божји, а такви сè уште има многу.

Сето тоа постои, а каков исход гледаме? Светата Црква 2000 години е прогонувана, понижувана, поттурнувана, потценувана, па и кај нас до пред некое време, но сепак Црквата продолжува да ја проповеда Христовата вистина и да ги повикува луѓето на покајание и љубов, дури и оние кои се обидуваа во минатото да ја уништат. Многумина од гонителите на Црквата Христова денеска ги нема. Тие одамна го напуштија овој свет. А Црквата жива сведочи и денеска, дека во неа има сила која не се потчинува на злобната волја на луѓето. Тоа е Божјата сила. А луѓето не ја знаат и затоа не прибегнуваат кон неа, туку одат самоглаво.

Ќе бидат удостоени за вечен живот само оние кои сега на земјата ги повикал Господ да бидат со Него секогаш. Затоа што Црквата и во денешната недела ни напомнува деца црковни, во овој временски период на Великиот пост земете го својот крст и следете го Господа. Носењето на крстот значи дека секој еден од нас, сите убавини и искушенија, маки и болести, што Господ ни ги допуштил, скрушено и мирно да ги поднесуваме. Да не се бунтуваме, да не роптаме против волјата Божја, како за мали, така и за големи искушенија, бидејќи Господ на никого не допушта да носи потежок крст отколку што може. Самиот Господ Исус Христос како најправеден и без никаков грев се распна на крстот заради нас, за да ги земе гревовите на севкупниот човечки род, а, пак, со Неговата пречиста крв да ги измие сите валканици, гревови и беззаконија од Адама до денес. Затоа и светата Црква денеска ни го изнесува на сред Црква животворниот крст, да му се поклониме, да го целиваме и да го следиме неговиот повик, за да го добиеме ветеното спасение и вечен живот.
Денеска, пристапувајќи кон светиот крст, да испросиме од Господа Бога благослов и помош, та останатиот период од Великиот пост Тој да нè поткрепи нас грешните, немоќните и маловерните, да ја зацврсти нашата вера, надеж и љубов и да ни подари надеж да го дочекаме и светлото Христово Воскресение и да бидеме со Господа во вечни векови. Амин!

Митрополит Тимотеј

Крстопоклона недела
18.03.2012 година, храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга

KRSNED2012

KRSNED2012 2

KRSNED2012 4

KRSNED2012 6

KRSNED2012 8

KRSNED2012 10

KRSNED2012 12

KRSNED2012 14

KRSNED2012 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1