„Докрај си го возљубил блажениот живот во послушание, отче, си се молел постојано и во мир и во страдања, и затоа, блажени, си станал миризлив како кипарис. Примајќи го твоето страдање како мирис на благоухание, Владиката на се го прослави споменот на тебе. Биди ни застапник пред Христа Бога и нека им подари Тој простување на гревовите на сите коио со љубов го слават твојот свет спомен“ (седален на Утрена на преп. Нектариј Битолски)

 

Празнувањето на преподобниот Нектариј битолски и на светиот Сава Осветен, зашпочна во вечерните часови на 17.12.2023 година, во параклисот „Св. Кирил и Методиј“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, со празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Вечерната богослчужба, беше прекршен празничниот колач во чест на преподобниот Нектариј и по повод именденот на игуменот, на кого и му го честитаме, со желби и молитви кон Бога уште долги години мудро и со исто толкава љубов да го води Светинаумовиот манастир, и сето доверено му паство.

Празнувањето продолжи утредента, на 18.12.2023 година, во истиот параклис, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Во денешното Свето евангелие за време на Литургијата, ги слушнавме зборовите на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој вели: Сѐ ми е предадено од Мојот Отец (Мт. 13, 27). Христос го утврдува Новиот завет помеѓу Бога и луѓето, а на оние кои отстапиле им нуди мир и радост, под услови што мораме да ги исполниме. Што и да се случува со нас, треба да одиме по Христа, бидејќи Он нема да нѐ отфрли и ќе ни даде сѐ што ни е неопходно, бидејќи Нему сѐ му е предадено и Он е Господар над сѐ. Сета власт и сите ризници на Небото и на Земјата се во Негови раце.


Човековата среќа се состои во познавањето на Бога. Тоа е всушност животот вечен. Оној кој не Го познава Бога треба да Му се обраќа на Христа. Бидејќи Он ги озарува срцата наши за да биде познанието на славата Божја во лицето на Исус Христос светло (2. Кор. 4,6). Само она што ќе ни го открие Христос можеме да го знаеме за Бога. Постојат сосема различни начини за познание на Бога, различни од вообичаениот рационална логика. Бог не се открива со научни докази туку Он Самиот ни се открива.


Христос Бог нѐ повикува сите со една цел – да нѐ спаси. Ние треба само да одиме по Него, како кон наш спокој и да најдеме во Него мир: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Мт. 11, 28). Се повикуваат уморните и обременетите од разните напори и непријатности или, пак, од гревовното бреме. Се повикуваат сите да најдат спокој во Христа, но само тие кои имаат свест за својот грев како бреме и карпа врз нивните срца и души. Тие не само што го сфаќаат гревот како зло туку и го чувствуваат истото како најтешка болест во својата душа. Единствено Христос е Лекар на нашите души и тела и може да нѐ излекува. Единствено во Него можеме да најдеме спокој, со жива вера во Бога и во Неговата Божествена љубов.


Христос вели: Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете спокојство за душите ваши (Мт. 11, 29). Христос сака да им каже: вие се мачите со вашиот јарем, но отфрлете го, и обидете се да го земете Мојот, и ќе ви стане полесно. Јаремот што ни го нуди Христос, Самиот Он го носел пред нас, земајќи ги врз Себе сите наши маки и страдања. Понатаму Христос ни порачува: Зашто јаремот Mој е благ и бремето Mое е лесно (Мт. 11, 30). Христос вели: не плашете се, земете го. Јаремот на Христовите заповеди е благ и од него нема да имаме никакви потешкотии. Овој јарем во себе има љубов и нема да имаме никаква штета од него, а ќе нѐ обнови. Во тоа и се состои суштината на Христовите заповеди, а сите тие се собрани во заповедта за љубовта. Во почетокот тоа може да ни биде малку тешко, но потоа ќе ни постане лесно. Бремето на Христовиот Крст е лесно, и тоа многу лесно. Во мерата на смирувањата на жалостите се умножува и утехата од Христа Бога.


Христос е наш учител и ние треба да постанеме Негови достојни ученици. Христовата Црква е училиште на светоста и ние треба секој ден внимателно да ги слушаме поуките коишто ни ги дава Он со Своите зборови и преку Светиот Дух. Треба да се учиме од Христа, и вистински да Го познаеме, бидејќи Он е Учител на учителите, патеводител и пат, Кој извршува сѐ во сите (1. Кор, 12, 6).


Потребно е да се учиме од Христа, бидејќи Он е кроток и смирен по срце. Он е милосрден, кроток и полн со страдања за оние кои не знаат за вистината. Он е трпелив и нераздразлив. Сѐ објаснува, и на најпростите и на најмрзеливите. Он е смирен по срце. Со љубов се приклонува кон почетниците и ги учи на основите кои им се неопходни, како што млекото е неопходно за децата. Колкав е дарот да се учи во такво училиште и кај таков Учител! И тој дар ќе ни донесе спокој во нашите души.


Токму така и ја разбирале поуката преподобните и учителите на нашата света Црква. Постапувајќи така, тие се здобиле со Царство небесно, за кое вистинските христијански души постојано мечтаат. Токму така и преп. Нектариј Битолски го разбирал својот живот на земјата, поставувајќи си цел да ги исполни Христовите заповеди и да испроси милост од Бога за спасение на неговата душа. И ние да се обратиме со искрена молитва кон преп. Нектариј, чијшто спомен денеска го празнуваме, тој да биде наш молитвеник пред Севишниот Бог, та и ние да ги засакаме заповедите Божји и да живееме според нив, па да ја измолиме Божјата благодат за наше спасение, сега и во сета вечност.


Ја користиме оваа прилика, на игуменот на оваа света обител, архимандритот Нектариј, да му го честитаме именденот, да му посакаме растење во верата и во правењето добри дела, неуморно да служи за просперитетот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за уважување на оваа света обител и за спасение на неговата душа. Амин.

Свети Нектариј Битолски
Ман. „Св. Наум Охридски“ Охрид
18.12.2023 г.

 

prepnekt2023 1prepnekt2023 2prepnekt2023 3prepnekt2023 4prepnekt2023 5prepnekt2023 6prepnekt2023 7prepnekt2023 8prepnekt2023 9prepnekt2023 10prepnekt2023 11prepnekt2023 12prepnekt2023 13prepnekt2023 14prepnekt2023 15prepnekt2023 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4