„Откако се искачи на висината од добродетелите и оттаму се озари со светлината на божествените чудеса, навистина се покажа како пастир на вселената, и наш непобедлив застапник во опасностите. Затоа преславно го победи непријателот, лагата ја протера, и луѓето ги спаси од смртта. Моли Го Христа Бога, Николае, да им даде прошка на гревовите на оние кои со љубов го чествуваат твојот свет спомен“ (седален на Утрена на св. Николај Мирликиски Чудотворец).

 

На 19.12.2023 година, денот кога го празнуваме споменот на светиот Николај Мирликиски Чудотворец, во храмот „Св. Никола Геракомија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, еромонахот Никодим, свештеникот Васил Михајлоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! (Мт. 5, 7)


Каква голема награда им ветува Господ Исус Христос на милостивите? За каква света добродетел зборува нашиот Спасител во овие зборови? Таа добродетел, таа љубов и милосрдие, со сета сила и убавина е олицетворена во оној кого ние верниците денеска со искрени срца го прославуваме. А прославуваме еден голем светител, хранител на сираци, утешител на натажените, претстојател и молитвеник за сите кои имаат потреба, помош и милост Божја – светиот Чудотворец Николај, Мирликијскиот архипастир. Тој свети на небесата во слава Божја и светлината на таа слава ја покрива целата земја. Добродетелта на милосрдието е поголема од сите други добродетели. Оној кој ги исполнува заповедите Христови за љубов и милосрдие тој ги исполнува сите христијански закони. Тоа расудување не е наше човечко туку тоа е учење на Словото Божјо.


Св. ап. Павле вели: Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи... и да го раздадам целиот свој имот, да го предадам телото да ми изгори – штом љубов немам, ништо не ми користи (1. Кор. 13, 1 и 3). Вакви чудесни плодови донесува оваа светла и голема добродетел ветена од нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Во целокупниот наш земен живот ние се обраќаме кон Господа со прозба и молитва за простување на нашите гревови. Ние сакаме да ги искупиме нашите престапи со нашето покајание за нив. Славата Божја, пак, ни укажува дека ќе ги искупиме нашите гревови со милосрдие.


Ако покрај нас сееме љубов и милосрдие, ние, ако можеме така да кажеме, ќе Го задолжиме Господа и Неговата милост кон нас. Со тоа што ние ќе му подадеме леб на бедниот или нешто друго што му е потребно, или, пак, ако примиме патник или утешиме нажален, ние ќе го привлечеме Божјиот благослов кон нас. Во Светото писмо се вели: Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господа, и Он ќе му плати за неговата добрина (Изр. 19, 17). Ако Господ допушта на земјава да има бедни, расплакани, жалосни, гладни – тоа не е само за да ја испита нивната трпеливост и љубов кон Него, туку со овие искушенија сака и нашето срце да го расположи кон дела на љубов и милосрдие.


Ние, како христијани, преку овие добродетели имаме можност со мала помош да добиеме многу. Со временото да спечалиме вечно, наместо пропадливо да спечалиме негнилежно. За делата на љубовта и милосрдието Господ им ветува на милостивите голема награда, награда што може да прими само вистински христијанска душа – помилување. Ние гледаме дека Он е секогаш верен на својот Божествен збор и затоа се вели: блажените се милостивите оти тие ќе бидат помилувани.


Ние, како верници, во лицето на големиот светител и чудотворец, св. Никола Мирликијски, чие свето име денеска се прославува низ сиот свет, имаме силен пример на љубов и милосрдие. Неговиот севкупен земен живот бил исполнет со дела на љубов и милосрдие. И сиот негов посмртен живот, откако тој живее во Царството на вечната слава, е посветен на тој подвиг – да им служи на луѓето. Нема таква душа која побарала помош а св. Никола да не ѝ одговорил со своето милосрдно срце.


Да се обратиме со молитва кон св. Никола, тој да се застапи и за нас пред семилостивиот Господ, да побуди кај нас, во нашите срца и души, љубов и милосрдие кон луѓето кои имаат потреба, па и ние да ги стекнеме овие добродетели. Исполнети со љубов кон Бога и кон луѓето, и ние да измолиме од Господа милост за спасение на душите и вечен живот, сега и во сета вечност. По молитвите на св. Никола, така нека биде. Амин.

Свети Николај Мирликијски Чудотворец
Храм „Св. Никола Геракомија“ Охрид
19.12.2023 г.

 

svnikola2023 1svnikola2023 2svnikola2023 3svnikola2023 4svnikola2023 5svnikola2023 6svnikola2023 7svnikola2023 8svnikola2023 9svnikola2023 10svnikola2023 11svnikola2023 12 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4