„Преподобен (Науме), кој и сега достојно го благовестиш прекрасниот мир кој секаков ум надминува, дивите народи мизиски, кои беа како диви ѕверови, си ги ставил во прегратките Христови, Затоа испроси непоколеблив мир и милост голема“ (седален на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

Празнувањето на големиот охридски светија, преподобниот Наум Охридски Чудотворец, започна на 04.01.2024 година, во вечерните часови, во Светинаумовиот манастир на Охридското Езеро, со Празнична вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Празнувањето на големиот подвижник и чудотворец продолжи утредента, на 05.01.2024 година, во истиот манастир, со света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Атанас Казанџиски и Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска сме собрани во овој свет манастир да го прославиме големиот наш молитвеник и заштитник, преподобниот отец Наум Охридскиот Чудотворец. Да се потсетиме на зборовите од Светото писмо, изговорени од Божјиот пророк, кои гласат: Ти, Господи, ќе нѐ одбраниш и ќе нѐ заштитиш од овој род до века (Пс. 11, 7). Овие зборови, повторувани од устите и душите на луѓето со илјадници години, ги напишал св. пр. и цар Давид Боговидец, кој е роднина по тело на Господа Исуса Христа. Овие зборови во себе содржат надеж, и тоа вистинска и непоколеблива надеж и вера во Бога, без оглед на тоа што сѐ се случувало со луѓето овде на Земјата. Бог е Оној Кој го заштитува човекот од секоја несреќа и од секое зло и секоја неволја тука на Земјата. Таа и таквата вера ги инспирирала пророците и апостолите, мачениците и подвижниците. Со таква вера живееле сите вистински големи луѓе низ историјата на човечкиот род. На таа и врз таква вера, жива и животворна, го граделе својот живот сите народи на Земјата. Благодарејќи на таа вера, опстанал и опстанува човечкиот род овде на Земјата. Таа вера го инспирирала, на прво место, оној свет и избраниот Божји народ (Израилот) од древните времиња. Исто така го вдахновувале и останатиот свет, или како што го нарекуваат пророците – Божјиот остаток на Божјото семе, кое никогаш не исчезнало од Земјата.
Севкупната историја на луѓето се дели на два дела. Сите луѓе и сите народи кои живееле на Земјата се делат на два вида луѓе и народи: на оние кои припаѓале и припаѓаат на тоа свето семе Божјо и на тој избран Божји народ, и на оние кои се откажуваат од тоа семе и кои се оддалечуваат од Него. Во древните времиња пред Христа имало многумина кои својата надеж и вера наместо да ја темелат врз живиот Бог, Создателот на Небото и Земјата, се поклонувале на ѕвездите, сонцето, месечината, на природните појави и природните својства. Многубоштвото пред Христовото време речиси да и го освоило целиот свет, и на Исток и на Запад, освен избраниот народ.


Многубошци или незнабошци имало во сите времиња, па и денеска ги има, дури можеби и повеќе од било кога порано во човечката историја. Денешните луѓе не се поклонуваат како во древноста, кога се поклонувале на разни видливи идоли, туку денешните многубошци му се поклонуваат на човекот, на кого духот му е во носот. Се поклонуваат, односно обожуваат најразлични овоземни фигури, личности, кои денеска се, а утре не се. Некои обожуваат богатство, некои скапи возила, спортисти, пејачи, артисти итн. – со други зборови, се клањаат на разни културни цивилизации.


Прекрасно е сѐ што човекот направил и го остава на денешните поколенија, како сведоштво на својата умност и мудрост. Тоа е нешто што треба да се чува и од кое треба да се инспирираат сите поколенија. Но, не е убаво, а уште помалку разумно, на тие дела создадени од човечки раце да им се поклонуваме како на божества. Прекрасен е човекот како создание Божјо. Но, не треба да се заборава дека човекот е исткаен од длабината на Земјата и дека во утробата на мајката е преку раката Божја и дека е вдахновен со Дух Божји, дека неговото достоинство не е во правот, од кој што е обликуван, туку дека неговото достоинство е токму во тој печат со кој Бог го запечатил, кој е вткаен во неговото битие, а кое е огледало на неговиот Создател или Творец. Значи оние кои тоа не го признаваат и се поклонуваат на идоли го губат тоа достоинство, зашто што е човекот без тој основен елемент – една вреќа земја која израснува во човек и одеднаш повторно се враќа во прав и пепел.


Оние кои се поклонуваат на она што не е вечно, што е минливо, што не е вечно мудро, вечен живот, знаење, вечна вистина, тие се поклонуваат на минливото и ништовно, односно се поклонуваат на смртта. Постојат два вида на луѓе на Земјата. Постојат оние кои се поклонуваат и служат на Живиот и Вечен Бог, и оние кои се поклонуваат на смртта. Затоа уште во Стариот завет е речено: јас поставувам пред вас пат кон живот и пат кон смрт (Јерем. 21, 8). Па ти самиот избери кој пат ќе го избереш. И луѓето, преку целата историја, па и денеска, избираат пат кон животот или пат кон смртта. Избираат дали ќе припаднат на Божјиот народ, избраниот род – царското свештенство, на кого припаѓа не само еден народ, како што било во минатото, туку се избрани и повикани сите народи на Земјата.


Во древноста Бог го избрал само едниот Еврејски народ кој ја чувал таа светиња на Неговото свето име и светиот закон. Оној народ кој родил многу пророци, но сето тоа било само подготовка за доаѓањето на Господа Исуса Христа (Гал. 3, 24), од кога се повикани сите народи на Земјата. Еден древен христијански писател, говорејќи за Црквата, запишал дека таа личи на леб направен од жито, собрано од разни ниви на овој свет. А постоеле и постојат многу минливи и пченични зрна, кои се собрани, и од кои е измесен лебот со кој се храниме. Така, Црквата Христова е собрание во разни времиња и од разни народи, кои говореле разни јазици, припаѓале на разни култури, со разни потекла, но, сите постанале и ја примиле светињата Божја. А сите сме повикани да постанеме заедница Христова, бидејќи ап. Павле вели: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христос Исус (Гал. 3, 28).


Прославувајќи го денеска светиот Наум, да му се обратиме со искрена молитва, тој да ни го покаже патот којшто води кон Господа Исуса Христа, та со силна и непоколеблива вера да го исполниме законот Божји, и да се надеваме на милост Божја, за наследување на Царството небесно, сега и во сета вечност. Амин.

Свети Наум Охридски
Ман. „Св. Наум Охридски“
05.01.2024 г.

 

prepnaumzim2024 1prepnaumzim2024 2prepnaumzim2024 3prepnaumzim2024 4prepnaumzim2024 5prepnaumzim2024 6prepnaumzim2024 7prepnaumzim2024 8prepnaumzim2024 9prepnaumzim2024 10prepnaumzim2024 11prepnaumzim2024 12prepnaumzim2024 13prepnaumzim2024 14prepnaumzim2024 15prepnaumzim2024 16prepnaumzim2024 17prepnaumzim2024 18prepnaumzim2024 19prepnaumzim2024 20prepnaumzim2024 21prepnaumzim2024 22prepnaumzim2024 23prepnaumzim2024 24prepnaumzim2024 25prepnaumzim2024 26prepnaumzim2024 27 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4