„Пријдете да ја воспееме Мајката Спасителова, која и по раѓањето се покажа Дева: Радувај се, жив граде на Царот и Бог, во Кого Христос поживеа и спасението го изврши. Со Гавриила да запееме, со пастирите да прославиме, викајќи: Богородице, моли Го воплотениот од тебе, да се спасиме“ (хвалитна стихира на Утрена на Собор на Пресвета Богородица).
На 08.01.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Собор на Пресвета Богородица, во храмот „Пресвета Богородица Челница“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, свештениците Димче Азески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме вториот ден од Рождеството Христово – Божик. Тоа е оној прекрасен ден што го претскажале древните пророци: Зашто Младенец ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Советник, Чудесен, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот (Ис. 9, 6). Од таа Божествена бесконечна слава и сила денеска врз нас се излива благодат. Не е можно да се живее без таа сила, затоа што Бог е живот. А секој кој се оддалечува од тој живот, неизбежно паѓа во смрт и погибел. Но, ние не можеме да се доближиме до таа сила, затоа што злото се проширило помеѓу нас, затоа ние таа сила и не можеме да ја задржиме и не можеме да се допреме до неа, до тој бесконечен пламен. А само тој Божји пламен го уништува секој грев, што се зацарил во нас. Но, денеска, се појавува исцелението или големото оздравување, и почетокот на сеопштото излекување за сите оние кои пристапуваат да ја примат благодатта. Денеска Бог постанува Човек, за човекот да постане бог по благодат.
На самиот почеток на светот, Бог ги создал луѓето и им дал душа и ги поставил во рајот, каде што имале можност да општат со Бога и да ја вкусуваат Неговата бескрајна љубов, и да не се оддалечуваат од бесконечниот свет. Но, нашите прародители постанеле горди и посакале да бидат богоподобни. Затоа змијата ги прелажала, велејќи им: Не, вие нема да умрете!... ќе станете како богови (1. Мој. 3, 4-5). Змијата е причина луѓето да се откажат од Бога. И многумина до денеска го повторуваат тој грев, говорејќи: Не ни се потребни ни Бог, ни Црквата. Ние сами решаваме, знаеме што е тоа добро, а што е зло. На ова Бог одговара и предупредува за неминовната погибел без Него, бидејќи човекот не е оној кој може сѐ да види, и одејќи од грешка во грешка, оди во погибел и смрт. Луѓето, оддалечувајќи се од Бога, почнале да паѓаат во тој процес, сѐ до нашите денови. Кога Бог би бил само справедлив, Он би рекол: Јас ве предупредив, но вие сами го избравте она што го сакавте, затоа тоа и примивте.
Но, нашиот Бог е Многумилостив и дарежлив. Со Неговата љубов ја надминува секоја вообразба. Он и за Своите непријатели, кои станале против Него, и за нив умира, и пак се моли и вели: Оче. прости им, зашто не знаат што прават! (Лк. 23, 34). Денеска се појавува Емануил, што означува со нас е Бог. Тоа не е некоја далечна безлична сила како што мислат некои. Бог е Личност – Отец и Син и Свет Дух. Ние го знаеме тоа бидејќи Бог постана Човек. Во Христа ние примивме посинување, а преку светата Причест ние постануваме деца Божји. Затоа што, соединувајќи се со Синот, постануваме и самите синови и се соединуваме со Бога, постанувајќи богови по благодат. Секој кој се причестува со бесмртните дарови прима бесмртност.
Прославувајќи го денеска Божик, односно празникот Собор на Пресвета Дева Марија, да се обратиме со искрена молитва кон Пресветата Мајка Божја, која Го роди нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Таа да се застапи пред нејзиниот Син и наш Господ, да ги очисти нашите срца и души од секаква скверност и нечистотија, па да може во нашите души да се роди Богомладенецот, Господ Исус Христос. Па и ние да постанеме деца на Севишниот Бог, да одиме по вистинскиот пат, и секогаш да Го носиме нашиот Спасител во нас, а Он да ни биде патеводител кон Царството Божјо.
Христос се роди!
Божик – втор ден
Храм „Св. Богородица“ – Челница, Охрид
08.01.2024 г.