„Апостоле Христов, прв меѓу ѓаконите, мудар првомаченику, врву на апостолите, со твоите страдања ги освети краиштата на вселената, и со чудеса ги просветли душите на луѓето. Оние што те почитуваат, избави ги од секаква неволја, сефален Стефане“ (седален на Утрена на празникот на светиот апсотол, првомаченик и архиѓакон Стефан).
На 09.01.2024 година, на празникот на светиот апостол, првомаченик и архиѓакон Стефан, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Александар Димоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ја основал Својата Црква за да бидат спасени и да се вратат во Царството Божјо сите кои ќе поверуваат во Него. Основата на Црквата е самиот Тој и друга основа не може да се постави. Тој е основниот Камен темелник, Кој го држи целото устројство на Црквата, како што е кажано: каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник (Мк. 12, 10).
На светата Педесетница се случило тоа големо чудо, основањето на Црквата, кога Светиот Дух слегол врз учениците на Исуса и ги исполнил со Својата сила. Оттогаш Светиот Дух непрестајно престојува во Црквата и ја просветува, пазејќи го словото на Исуса, и ја укрепува, па тие кои ќе влезат во неа да имаат сила за да го исполнуваат словото во својот живот. На Педесетница се случил историскиот почеток на Црквата, а светите апостоли, обдарени со Духот Свети, започнале да ја утврдуваат Црквата, за да може таа да го исполнува своето спасително дело, како богоугоден, духовен и благодатен организам. Основите на целиот нејзин внатрешен живот, управувањето, поредокот и мисионерското работење се востановуваат уште во најпрвото време од нејзиното заживување. Ете, за едно такво собитие, кое има суштествено значење во нејзиниот внатрешен живот, се однесува и кажувањето што го слушнавме од денешниот апостол. Тука се раскажува за првиот маченик, архиѓаконот Стефан, за неговата вера, мудрост и сила, зашто тој бил исполнет со Дух Свети. Архиѓаконот Стефан бил еден од првите седум ѓакони на ерусалимската христијанска заедница, луѓе кои апостолите ги избрале и врз кои ги положиле своите раце, за да се грижат за вдовиците и сиромасите за материјалните потреби.
Архиѓаконот Стефан бил силен проповедник на словото Исусово, бидејќи бил длабоко проникнат и го открил исполнувањето на пророштвата во Личноста на Исуса. И кога тој проповедал во една од еврејските синагоги, неговите противници не можеле да се спротивстават на неговата мудрост и на словото со кое тој зборувал. Во пресрет на тој силен човек, кој ги зголемувал своите слушатели во мудроста Исусова, биле покренати обвиненија дека говори хула против храмот и против законот и дека е разрушител на старите обичаи. Нели имало обвиненија и против самиот Господ Исус Христос дека говорел против храмот и против старите закони? Ништо помалку од противниците на Исуса говореле и сега луѓето, обвинувајќи го св. архиѓакон Стефан. Но, исполнет со сила и вера преку Светиот Дух, тој го признал Христовото учење и го бранел пред првосвештеничката сила и слава, истовремено бранејќи се пред клеветниците, дека тој е оној кој го руши редот и поредокот. Бранејќи се, тој ја искажал вистината дека во Исуса се исполнуваат древните пророштва и дека е дојдено времето на спасението.
Св. Стефан не можел да ја одбегне судбината на страдањето. Нели Господ Исус Христос не го избегнал Својот Крст, затоа што Он требаше да пострада, за што и беше распнат, а за да го искупи со смрт човечкиот род.
Против св. Стефан бил свртен сиот гнев на неговите непријатели, а тој имал сила од Отецот и Неговиот Син. Затоа тој бил удостоен да ги види отворени небесата и Синот Човечки како седи од десната страна на Бога (Дела. 7, 56). Ова уште повеќе ги разгневило неговите непријатели, кои го засипале со камења. Но, пред да го предаде својот дух, архиѓаконот извикал: Господи Исусе, прими го духот мој!... Господи, не примај им го ова за грев. И штом го рече тоа, почина (Дела. 7, 59-60).
Архиѓаконот Стефан е прв маченик на Христовата Црква и затоа бил удостоен да ги види отворена небесата и да Го види Господа Исуса Христа како седи од десната страна на Бога Отецот. Небесата Божја биле отворени за сите кои ја имале мудроста на Исуса и силата на Светиот Дух. Така е и до денеска, достојните и подвижниците секогаш ги гледаат отворени небесата и Христос од есната страна, за да бидат во општење со небесниот свет. Се поставува прашањето: кои небеса? Небеса на верата, оној Божји свет кој за обичните луѓе секогаш е затворен, оној чудесен свет кој отсекогаш надминува сѐ што можеме да видиме и да знаеме за нашата планета и за неопфатната вселена. Сокриеното за нас, во сета своја полнота, светот на духовите, се отвора за оние кои се од светот на духовноста, кои се исполнети со мудрост од Бога и со силата на Светиот Дух.
За нас верниците небесата треба да бидат отворени, за да бидеме во постојано општење со Бога, созерцавајќи го Неговото величие, слушајќи го Неговиот глас на мудра поука за утеха и за наша радост. Примерот на св. арх. Стефан, првиот маченик во Христовата Црква, да ни биде постојано пред очи, па и ние секогаш да сме подотворена Божја небеса. Христос се роди!
Св. архиѓакон Стефан
Храм „Св. вмч. Ѓорѓи“ Струга
09.01.2024 г.