„Оче Јоване, кој на небесата засветли со добродетели, а засаден на сигурна почва, набожно се искачи до неизмерната длабочина на богосозерцанието; а откако ги победи лукавствата демонски, ги штитиш луѓето од нивните напади, скало на добродетелите; и сега се молиш да се спасат слугите твои“ (седален на преподобен Јован Лествичник).

Четвртата недела од Великиот пост е веќе време кога Црквата нè воведува во тајните на страдањата Христови и искупувањето на човечкиот род. Ова недела Црквата ја посветува на преподобниот Јован Лествичник, голем подвижник и автор на делото „Лествица“ или „Рајска скала“, во која го изложува учењето за духовното усовршување.

buy shoes | Air Jordan 4 University Blue Clothing New Era Bulls Hat

Во четвртата недела, на ден 25.03.2012 година, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Стевчо Тошевски и Игор Никовски, свештеникот Ристо Камбуроски и ѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Многумина дојдоа да земат учество во прославувањето на оваа света недела, а оние што беа подготвени за света причест, пристапија кон светите Тајни. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј им подели нафора на верните и се обрати кон нив со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Во името на Отецот и Синот и Св.Дух!
Драги браќа и сестри!

Денешното свето Евангелие ни го пренесува случајот на еден несреќен родител кој имал болен син, опседнат од лоши духови. Како секој родител што се грижи и труди да му помогне на своето чедо кога се наоѓа во мака, страдање или, пак, во некоја болест, така и овој родител ги исцрпил сите можни овоземни лекарства кај најразлични лекари, но не нашол никакво подобрување кај својата рожба. Кога слушнал дека Господ Исус Христос доаѓа во нивната средина, се израдувал, бидејќи слушнал дека Тој е Оној Кој лекува секакви тешки болести и проповеда нова наука.

Во една таква состојба, со голема надеж и верба дека конечно го нашол вистинскиот лекар, го донел својот болен син кај Небесниот Лекар. Тој се обидувал  да пристапи кон Христа, но бидејќи имало многу народ не можел да се доближи, па се обратил до апостолите, учениците Христови, и побарал од нив, тие, како следбеници на Христа, да го излекуваат овој страдалник. Апостолите се обиделе со ставање на нивните раце врз болното момче, но лошиот дух кој бил во болниот не ги послушал, туку напротив, продолжил да го измачува овој несреќник. По овој обид на апостолите, кај родителот се раѓа сомнеж дали ќе може и Големиот Проповедник и Лекар да го излекува неговото болно дете. Затоа и Христос вели: „О роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене“ (Мар. 9,19).

Тажна е вистината што му ја кажал родителот на Христа за своето родено дете. Него Го интересирала историјата на болеста како секој добар лекар и затоа и се распрашал за неа. Родителот бил повикан да признае дека во е безнадежност, бидејќи случајот со неговиот болен син не е од вчера, туку од детство. Тој со години барал начини да го излекува, но неговата состојба се влошувала, тагата се зголемувала, а надежта се смалувала. И најпосле, кога мислел дека апостолите Христови ќе го исцелат, тие не можеле, па единствена надеж му останала Христос, како Најголем и Семоќен Лекар, Кој лекува сè, секаква болест, и телесна и душевна. Родителот Му објаснил на Христа дека „лошиот дух многупати го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби; но ако можеш смили се над нас и помогни ни“ (Мар. 9,22). Родителот, страдајќи заедно со своето дете, почнал да се колеба за своето верување и затоа вели: „Ако можеш“. Голема е разликата меѓу искажаните зборови во овој случај, кога таткото барајќи помош, се обратил кон Спасителот со зборовите „Но ако можеш“, од зборовите што ги изрекол лепрозниот кон Христа кога рекол: „Ако сакаш можеш да ме очистиш“. Вториот воопшто не се сомневал во Христовата моќ, а само повикувал на Неговата подготвеност да го направи чудото врз неговото лепрозно тело, зашто цврсто верувал дека Он може да го излекува. Тука, пак, таткото покажува сомневање и неверие, поточно маловерие, кога вели: „Но, ако можеш смилувај се над нас и помогни ни“. А Исус ќе му рече: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ (Мар. 9,23).

Господ Исус Христос, иако не упатува директен прекор на овој родител, сепак го осудува неговото маловерие и сомнеж. Затоа Христос ќе му одговори со исти зборови: Ако можеш ти да поверуваш тогаш ќе можам и јас да го направам она што го бараш од мене. Заклучокот на Христа е многу јасен и во него се гледа изразот на силната вера или моќта на верата. Таа сила и моќ се изразува во зборовите: сè е можно за оној што верува, што подразбира дека Бог може да направи сè за оној што цврсто и непоколебливо верува во Христа како Семоќен. Во овие зборови се потврдуваат и зборовите на Христа: „И сè што и да побарате во молитва со вера ќе добиете“ (Мат. 21,22).

Родителот јавно го исповедал своето неверие, и тоа преку солзи покајни, барајќи помош од Бога. Тој ќе извика: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие“ (Мар. 9,24). Господ Христос ќе го излекува болниот како израз на Божјата милост. Но, и покрај сомневањето на овој родител, тоа што тој дошол кај Христа, ја претставува и неговата вера и неговата надеж дека Христос е Единиот Кој може да му помогне. Христос го направил ова чудо како Божја милост, а не заради верата и заслугата на овој што молел. Ова се гледа и оттаму што оние кои барале милост, добивале повеќе отколку што барале. Христос ги лекувал веднаш, а не со временски период од одредено траење. Христос му заповедува на духот нем и глув да излезе од него и да не се враќа повеќе во него.

Христос обично ги прави чудата не пред многуброен народ, туку во потесен круг, за да избегне разни оговарања и приказни, или, пак, сензации, кои народот често пати сака да ги гледа. Но, овој пат Христос заповедал на лошиот дух „Излези и не враќај се повеќе“ пред сите. Но, му дал можност на лошиот дух да ја покаже својата сила и затоа тој го фрлил момчето и тоа паднало на земјата со пена на устата, па многумина мислеле дека е умрено. Но, Христос го фаќа за рака и го исправа, а тоа станува. Бог, пружајќи ја Својата рака врз ова момче, му дава и сила да може да застане и го закрепнува и утврдува во верата и добродетелниот живот.

Откако ќе останат насамо, апостолите ќе го прашаат Христа: „Учителе, зошто ние не можевме да го истераме“, а Тој им договара: „Овој род се истерува само со пост и молитва“ (Мар. 9,28-29). Преку ова Евангелие светата Црква нè поучува да веруваме во Христа ако сакаме да имаме живот вечен. Но, не е доволно само празна вера, туку потребни се и добри дела, а за тоа свети апостол Јаков најдобро ни кажува кога вели дека „верата, ако нема дела, сама по себе е мртва (Јак. 2,17). Таа вера треба да биде цврста и непоколеблива и да не се сомнева во ништо. Во денешниот човек верата е многу слаба. Потребно е да Го молиме Господа како што некогаш апостолите го молеле: „Господи подај ни вера“. Го молиме да ни ја пружи Неговата моќ и сила да исфрлиме од нашето срце секаков сомнеж и да ја засили нашата вера како што направил и со овој несреќен родител од денешното Евангелие. Ако ја зацврстиме и се утврдиме во вистинската вера, тогаш можеме да се надеваме и на зборовите Христови: „Нека ви биде според вашата вера“.

Да се обратиме со искрена молитва кон светите апостоли Петар и Павле, како и кон светиот Јован Лествичник, на кого е посветен оваа недела, тие нека бидат наши молитвеници и застапници, за да ни се засили верата, да ни се умножи љубовта, па да можеме да правиме добри дела и да добиеме вечен живот. Амин!

Митрополит Тимотеј

Четврта недела од Великиот пост
25.03.2012 година, храм „Св. Петар и Павле“ Кичево

4nedvelpos2012

4nedvelpos2012 2

4nedvelpos2012 4

4nedvelpos2012 6

4nedvelpos2012 8

4nedvelpos2012 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1