„Кога со Твоето јавување ја просветли вселената, тогаш побегна соленото море на неверувањето, и Јордан што течеше надолу се врати назад, нас издигнувајќи не кон небесата. Но со височината на Твоите Божествени заповеди сочувај не, Христе Боже, по молитвите на Богородица, и помилуј не“ (ипакој на Утрена на празникот на Светото Богојавление).

 

На 19.01.2024 година, денот кога го прославуваме споменот на светото Крштение Христово, на празникот на Светото Богојавление на Господ наш Исус Христос - Водици, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Љупчи Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Голем Богојавленски водосвет, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон мноштвото верни со пригодна беседа, којашто подолу во целост ви ја пренесуваме. По завршувањето на Водосветот, свечената Литија се упати на градското пристаниште, каде што беа осветени водите на Охридското Езеро. Се изврши и традиционалното фрлање на светиот Крст во водите на нашето езеро, а Господ благоволи оваа година крстот да го фати Никола Јакимоски од Охрид. Митрополитот Тимотеј потоа ги освети и водите на реката Црн Дрим во Струга, а таму светиот Крст падна во рацете на Дарко Паскоски од Струга. Во продолжение Ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Денеска, за време на Богојавленскиот водосвет, ги слушнавме зборовите на св. Јован Богослов, кој вели: Велик си Господи и чудни се Твоите дела. Ниеден збор не е доволен да ги воспее Твоите чудеса (Откр. 15, 3). Нема зборови што би можеле да ги опишат Неговите чудеса, видливи и невидливи, во кои Бог се јавува преку создавањето на своите најчудесни сведоштва. Неговото, пак, најголемо појавување е во човечкиот лик, во човековото битие, во кое е собрано сето она што Он го создал со Својата рака. Дури и повеќе од тоа. Во човековото битие се присутни Божествените својства и Неговата волја, па затоа и велиме дека човекот е создаден по образот и подобието Божјо, по слика и прилика Божја (1. Мој. 1, 27). Може да се каже дека невидливиот Божји лик е земен и поставен во Неговата видлива икона – човекот. Човековото битие го содржи во себе сето она што е Божествено, од двата света – духовниот и земниот, а во кое се јавува славата Божја.


Но, има и многу нешта што творенијата Божји не можат секогаш јасно да го видат. Затоа Бог ги испратил Своите пророци, вдахновени од Светиот Дух, за да им ги откриваат тие тајни, подлабоки од оние што ги откривала Божјата твар со сето она што е создадено во неа. Светите Божји пророци ги откривале тајните и загатките, објавувајќи го тоа што било и што се случувало во нивното време, и тоа што ќе се случи подоцна. Тоа го правеле не според својот разум и знаење, и покрај тоа што тоа го поседувале, туку по Божјиот дар.


Помеѓу нив, прво место зазема светиот голем пророк Мојсеј. Тој прв ја открил и ја јавил големата тајна, сведочејќи дека во почетокот Бог ги создал Небото и Земјата, какви биле тие, и дека Бог ги создал сите созданија. Бог го удостоил Мојсеја и да ги прими десетте Божји заповеди на гората Синај. Бог му дал на Мојсеј не само да ги познава законите што господарат со природата, а кои Бог ги востановил, туку да го познае и да го добие оној закон што е неопходен за човековото живеење и неговото севкупно однесување овде на земјата, а содржано во десетте Божји заповеди, врз кои се темелат сите суштествени и здрави човечки закони преку целата историја до денешен ден. Нема закон на земјата кој е посовршен од овој закон што Бог го подарил на Мојсеја, а преку него и на избраниот народ и на сите луѓе воопшто.


Покрај Мојсеја, и други пророци пророкувале и го најавувале доаѓањето на Господа Исуса Христа на земјата. Овие најдлабоки тајни биле откривани од старозаветните пророци, а, кога се исполнило времето, Самиот Бог дошол помеѓу нас и се вселил помеѓу нас, преку Христовото раѓање. Така, Он постанал полнота на Законот и пророците. Тој исполнил сѐ што пророците пророкувале, и сѐ се остварило и исполнило врз Него и преку Него, и тоа многу подлабоко и повеличествено од секоја тајна од древноста, па сѐ до крајот на светот и векот.


Затоа денеска св. Јован Крстител Го крштева во реката Јордан, покажувајќи дека Он е Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на сите луѓе и дека Он е Тој Кој ќе крштева со Дух Свети. Затоа денеска во реката Јордан се крштева Господ Исус Христос, од св. Јован Крстител, за кого се вели дека е најголемиот човек роден од жена. Тој Го потопува Господа Исуса Христа во Јорданските води, а преку тоа и нам ни покажува, доколку сакаме да Го следиме Господа Исуса Христа и да го наследиме Царството Божјо, дека најпрво потребно е да се крстиме, а потоа да го следиме Неговото учење.


Св. Јован Крстител да ни даде духовна сила, да се очистиме од сите наши дневни нечистотии и гревови, па да Го примиме Господа Исуса Христа во нашите срца и души, како вистински Христови следбеници. Амин.


Богојавление
Храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско, Охрид
19.01.2024 г.

 

vodici2024 1vodici2024 2vodici2024 3vodici2024 4vodici2024 5vodici2024 6vodici2024 7vodici2024 8vodici2024 9vodici2024 10vodici2024 11vodici2024 12vodici2024 13vodici2024 14vodici2024 15vodici2024 16vodici2024 17vodici2024 18vodici2024 19vodici2024 20vodici2024 21vodici2024 22vodici2024 23vodici2024 24vodici2024 25vodici2024 26vodici2024 27vodici2024 28vodici2024 29vodici2024 30vodici2024 31vodici2024 32vodici2024 33vodici2024 34vodici2024 35vodici2024 36

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1