„Верни, со песни денес да го прославиме сепразничниот спомен на Атанасија и Кирила, зашто во бездната на погибелта тие го фрлија измамникот Арија, заедно со Евномија и Савелија, и ги предадоа да горат во вечниот оган, зашто тие неправедно похулија на Спасителовото воплотување. Затоа те воспеваме, Атанасие“ (икос на Утрена на светите Атанасиј и Кирил Александриски).
На 31.01.2024 година, денот кога го прославуваме споменот на светите Атанасиј и Кирил Александриски, во манастирот „Св. Атанасиј Велики“, метох на манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашата света Црква денеска го прославува св. Атанасиј Велики. Овој голем учител го посветил својот живот бранејќи ја светата Црква и вера од разни ереси и погрешни учења, а сѐ со цел спасение на душите на луѓето. Спасението на душата се состои во наследувањето на вечниот живот и во познанието на Бога. Не е потребно да размислуваме како да добиеме повеќе почести и слави, и богатства од овој свет, како да придобиеме богата трпеза, како да примаме многу гости или како да купиме големи и луксузни куќи, украсени со богатства, како да се облечеме со најскапи обувки, за да се покажеме пред другите дека сме силни и моќни во овој свет. Спасението, пак, треба да ни биде прва задача во сите наши мисли, почеток на сите наши навики, зборови и дела, и тогаш нашата душа ќе го слушне словото Божјо и ќе донесе соодветен плод на таа слава.
Таа слава или зборот Божји е неопходен, и како што вели самиот Спасител: само едно е потребно (Лк. 10, 42). Многу христијани се загрижени за разни овоземни добра, како што веќе споменавме, како да се збогатат, да се издигнат пред другите и какви се почести и служби да придобијат. Сето тоа го правиме со голема загриженост. Но, Господ сака да нѐ предупреди од таквата опасност и од таквата бесполезна грижа, затоа нѐ советува дека само едно е потребно. А што е тоа? Вечно спасение! Тоа е најважно дело за христијанинот, тоа е нешто за кое треба најпрво да се грижиме. Не е спорно дека ни се неопходни и потребни и храна и облека и куќа и други нешта што ни се потребни во нашиот живот. Затоа и се молиме во молитвата на Небесниот Отец – лебот наш насушен дај ни го денес. Но, вечното спасение ни е толку неопходно што без него сѐ друго е ништовно. Не случајно и во Евангелието се вели: Каква полза ќе има човекот ако го придобие целиот свет, а на душата своја и наштети (Мт. 16, 26). Никаква полза нема да имаме од ништо ако не го придобиеме спасението.
Ние ги бараме благата од овој свет, а колку повеќе треба да ги бараме вечните блага. Се грижиме за нашето смртно тело, но колку повеќе треба да се грижиме за нашата бесмртна душа? Се трудиме да го сочуваме времениот живот, а колку повеќе треба да се грижиме да го сочуваме вечниот живот, заради кој треба да оставиме сѐ, па дури и самиот времен живот да го оставиме ако е потребно. Најпрва задача на вистинскиот христијанин е неговиот стремеж секогаш да биде насочен кон неговото спасение. Кон него треба да го насочиме и да го сакаме, бидејќи тоа е потопено со непроценетата Христова крв. На христијанинот тоа треба да му биде најважно дело и стремеж, ако сака вистински да е христијанин. Самиот Спасител, Господ Исус Христос, преку Себе го обезбеди спасението за секој христијанин и затоа секогаш треба да внимаваме да не го изгубиме тоа од нашите раце.
Спасението е најскапо на светот, зашто сѐ што постои во светот е минливо, поради тоа што и самиот свет е минлив. Со смртта го оставаме светот и сето тоа што е во светот: почестите, богатствата, славата, честа, браќата, сестрите, децата и сѐ останато. Оттука одиме само со душите и одиме или во вечен живот или во вечна мака. Кога ќе најдеме спасение на душата, тогаш придобиваме нешто повеќе од целиот свет. Затоа што душата треба да ни биде поскапа од целиот свет. И обратно, каква е ползата за нас ако ги најдеме сите богатства на светот, а го загубиме спасението на душата?
Единствено спасението на душата е толку неопходно и ништо друго во животот не може да биде толку потребно. Заради спасението Бог ги испратил Своите пророци, заради тоа Он ни го објави Своето слово, заради тоа Божјиот Син дојде во светот, пострада, умре и воскресна, и заради спасението ги востанови светите тајни. Ако го најдеме сето тоа, сѐ друго ќе придобиеме, но ако го загубиме тоа, сѐ друго ништо не ни вреди.
Секој еден кој сака да се спаси потребно е со чисто срце да се обрати кон Господа со покајание и со солзи да се измие и да се прилепи кон Христа. Зашто без Христа и надвор од Христа нема спасение. Христос е Живот и Светлина, и кој ќе се оддалечи од животот и светлината тој престојува во смрт и темнина. Како христијани добро да размислиме и со покајни солзи да ги измиеме гревовите, за да се соединиме повторно со животот, односно со Господа Христа.
И денеска, прославувајќи го св. Атанасиј Велики, нека ни послужи неговата храброст и неговата одлучност во исповедањето на православната вера, за која што претрпел прогонства од својата епископска катедра, но останал упорен и доследен на Христа и на светата православна Црква и вера, за што и светата Црква го нарекува столб на православието. Светиот Атанасиј и нас нека нѐ просветли и осветли, па со покајание и вистински солзи да ги очистиме нашите срца и души и да го носиме името Христово вистински, а не формално. Сето ова да ни послужи за спасение и за вечен и блажен живот. Амин.
Свети Атанасиј Велики
Храм „Св. Атанасиј“ – ман. „Св. Наум Охридски“
31.01.2024 г.