„Раширени небеса, разумно веселете се; и земјо, радувај се, зашто Христос, откако излезе од Божествената утроба како уметник, од Мајка Дева се принесува на Отецот како дете, зашто славно се прослави“ (песна од канонот на Утрена на празникот Сретение на Господ Исус Христос).
На 15.02.2024 година, денот кога го прославуваме празникот Сретение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, во параклисот на светите Пречистански маченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, во ман. „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Александар Матески и Александар Крстаноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Денеска го прославуваме големиот празник Сретение Господово. Овој празник нѐ потсетува на многубројни и значајни небесни пораки, кои со човечките зборови не можат одеднаш да се опфатат. Денеска го спомнуваме само прекрасниот пример на благословениот старец Симеон Богопримец.
Во Светото писмо овој настан е опишан како Сретение Господово. Во четириесеттиот ден по раѓањето на Христа, Богородица Го однела Богомладенецот во Ерусалимскиот храм, за да го претстави пред Господа и да принесе жртва, онака како што е речено во Законот. Тука Месијата бил пречекан од светиот старец Симеон, кој Го зел во рацете и ја изговорил познатата молитва: Сега го отпушташ Својот раб во мир, Владико, според зборовите Твои, зашто моите очи го видоа спасението Твое (Лк. 2. 29-31).
Во Светото предание се објаснува како е дојдено до тоа. Кога се преведувало Светото писмо од еврејски на грчки, помеѓу преведувачите бил и св. Симеон. Кога дошол до зборот дека девојка ќе роди син, тој се збунил и сакал да го замени зборот со млада жена. Но, добил наредба од Бога да не го прави тоа и дека тој ќе Го дочека Месијата. Тој верувал во тоа и долго време Го очекувал. Тогаш кога Го видел Избавителот, ја изговорил молитвата: Сега го отпушташ Својот раб... Личноста на праведниот Симеон Богопримец е најсветол пример на благословена и ретка старост.
Во најубавата песна посветена на Сретението Господово, покрај поздравот упатен кон Пресвета Богородица: радувај се, христијаните упатуваат топол поздрав и кон старецот Симеон: весели се и ти, старче праведен. Се поставува прашањето, дали можат старци да се веселат и воопшто да се радуваат и да бидат среќни како млади луѓе? Дали староста не значи во исто време и болест, слабост, жалост и сл.? Дали староста не означува напуштање на сите сили, на работните способности, помнењето, телесно и духовно опаѓање? Покрај ова, староста потсетува на смрт, за која во младоста најмалку се мисли. Староста е тешка, особено денеска, кога семејствата се изместени, и семејните односи помеѓу старите и младите генерации се изгубени. За ова придонесуваат и самите прилики, затоа што голем број на млади луѓе одат од своите огништа на други места, а честопати и во други држави. Старите остануваат осамени, а честопати и напуштени. Уште многу други причини постојат кои ги доведуваат старите луѓе во разочарување, малодушност и потполно тонење на духот.
Одговарајќи на овие прашања, св. ап. Павле вели: Старците да бидат трезвени, целомудрени, чисти, здрави во верата, во љубовта, во трпението; старичките, исто така, да живеат како што им приличи на светии... да учат за добро (Тит 2, 2-4). Сето ова е многу важно. Особено значајно е луѓето да бидат здрави во верата, тогаш кога се соочуваат со сите проблеми во животот. Меѓу сите овие прашања, од голема важност е и прашањето што мислиме ние за животот и смртта. Ако мислиме дека со крајот на животот на земјата сѐ престанува, тогаш староста е навистина многу трагична и тука нема утеха. Но, ако гледаме на овој земен живот како подготовка за вечноста, тогаш староста е среќна и радосна.
Целиот живот е непрестајна школа и учење. Годините во староста се завршни класови од тоа училиште. Во древните времиња старозаветниот псалмопеач рекол: Засадените во домот Господов, ќе процутат во дворовите на нашиот Бог; тие и во староста ќе бидат плодни, помазани и ќе живеат угодно (Пс. 91, 13-14). Најважен услов за човекот да доживее благодатна и длабока старост е да биде засаден во домот Господов и да биде здрав во верата. Да се биде здрав во верата значи да се верува во милоста и правдата Божја, да се надева на победа на доброто и победа над смртта, да се сака и да се прави тоа што е добро. Така може да биде белата коса венец на славата, која води по патот на правдата, како што вели Соломон (Изр. 16, 31).
Светото писмо често укажува на примери на стари луѓе, со здрава вера, кои доживеале среќна и благословена старост. За старозаветниот праотец Авраам се вели: Откако ослабе, умре Авраам во длабока старост, сит од животот и се прибра во родот свој (1. Мој. 25, 8). Како што шеќерот честопати се наоѓа на дното од чашата, така често се случува и праведните луѓе, на крајот од животот да добијат некоја награда во својот живот за која не знаеле порано. Авраам за животот доживеал многу несреќи, а Јов, пак, е најизразит пример на праведник којшто страдал за време на својот живот.
Луѓето ја мерат должината на животот и земјата со бројот на годините и деновите. Но, пред Бога еден ден е како илјада години и илјада години – како еден ден (2. Петр. 3, 8). Според тоа, пред Бога животот не се мери со аршинот на времето, туку со многуте добри дела, со возвишеноста на духот и карактерот, со длабока и здрава вера, за разлика од годините поминати на земјата. Св. Симеон Богопримец долго живеел, не поради бројот на годините, туку затоа што бил човек праведен и побожен, и затоа што Духот Свети бил над него, како што се вели во Евангелието. Најзначаен момент во неговиот живот било Сретението Господово во Ерусалимскиот храм, празник што денеска го прославуваме. Тоа било исполнување на животот, па затоа можел и да ги изговори зборовите: сега го отпушташ во мир Својот раб.
Ова е празник кој пренесува многу пораки, и за младите и за старите. На младите им порачува што почесто да се сретнуваат со Бога, и секогаш да се сеќаваат на зборовите Господови. Спомнувај си за твојот Творец во дните на младоста своја, додека не дошле тешки денови и не настанале години, за кои ќе речеш: „не ми се мили“ (Проп. 12, 1). Ова е ден кој и на сите стари им порачува што почесто да ја доживеат средбата со живиот Бог, а при секоја средба со живиот Бог, Он му излегува во пресрет на секој човек. Но, потребно е ние да пријдеме кон Него со чисто срце и да Го прифатиме со нашите раце како светиот Симеон Богопримец. Амин.
Сретение Господово
Параклис „Св. Пречистански маченици“
Ман. „Пр. Богородица Пречиста“ Кичево
15.02.2024 г.