Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата во Неделата на блудниот син од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Бог е совршена слобода. Сѐ што Он прави е слободен излив на Неговата мисла, волја и суштина. Божјото пројавување во светот е творечко и управителско, и не се определува од ништо друго освен од Самиот Него. Тој е самопројавување на Неговата волја. Бог по суштина е Добро и само Добро, поради кое и Неговата мисла и волја се израз на доброто. Бог е љубов и затоа и Неговото однесување кон создаденото од Него е совршена слобода. Вистинската слобода се состои од доброто, пројавено во силата на љубовта. И човекот е излезен од Божјите раце како слободно суштество надарено со слободна волја. Тоа е нешто најзначајно кај него, зашто ние не можеме да си го претставиме венецот на Божјото создание без неговата слобода. Совршенството на човекот е во неговата слобода. Без неа не може да стане ни збор за човечко совршенство ниту, пак, може да постои пред човекот идеал на совршенство. Вредностите на човечките морални вредности и достигнувања се состојат во слободата на човекот. Целосното достоинство на човекот се состои во слободата на неговата сила и волја, и во можноста да се издигнува и да постапува како слободно суштество.
Човекот излегол од Божјите раце со слободна волја и имал слобода да ја исполнува волјата на својот Создател или да ја нарушува. Целиот разумен свет е создаден од Бога со слобода да се потчинува или да не се потчинува на Божјата волја. Затоа и првите ангели паднале и постанале лоши духови на небесата. Затоа и првите луѓе го направиле гревопадот, затоа и до денеска продолжува отуѓувањето од Божјата волја, од сознанието за нејзиното совршенство. Затоа и до денеска гревопаѓањето продолжува како некоја трагична судбина на човекот, и се одразува во севкупната судбина на сите луѓе.
Создателот не сака доброто да се прави со принуда, а злото да се избегнува како неопходност. Затоа Он го создал човекот со слободна волја. Вистинската слобода, всушност, е во битисувањето во доброто и во љубовта, а отстапувањето од доброто и љубовта е злоупотреба на слободата. Сето ова објаснување за некого може да биде нејасно и тешко, но, донекаде, служи за да ги објасни зборовите на св. ап. Павле, кој вели: Сѐ ми е допуштено, но не ми е сѐ полезно (1. Кор. 7, 12). Слободата му е дадена на човекот за да го исполни своето срце, да ја протегне својата рака кон доброто или кон злото, но не е сѐ полезно. Човекот треба да биде внимателен при изборот на своите постапки, зашто излегувајќи од овој принцип на полезното, тие ќе се покажат како штетни за него во физичка, општествена и духовна смисла.
Господ Исус Христос, преку параболата за блудниот син што ја слушнавме во денешното евангелско четиво, го поставува и пред нас прашањето за слободната волја, односно дали таа ќе биде употребена за исполнување на повикот на човекот или ќе биде злоупотребена за искривување и понижување на човековата личност? Имено, помалиот син побарал од својот родител да му го даде неговиот дел од имотот што му припаѓа, а кога таткото му го дал, тој отишол во далечна земја и го упропастил со непристоен живот. Кога се нашол, пак, во неволја и станал жртва на своето безумие, се освестил и се вратил во родителскиот дом со покајание. Блудниот син ја злоупотребил својата слободна волја. И ние не сакаме да бидеме блудни синови туку сакаме да ја употребиме слободната волја полезно и спасоносно за нас, а преку тоа суштествувајќи во единството со Исуса Христа, бидејќи Он Самиот ни вели: И ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни (Јн. 8, 36).
Отстапувањето, пак, од Божјата волја на моменти, односно правењето на некој грев, не треба да нѐ оддалечува од Божјата милост. Гревовите ни пречат да се молиме. Зошто е тоа така? Поради сознанието за нашето недостоинство да пристапиме кон Божјото величие и да примиме милост. Се разбира, секогаш треба да ги паметиме нашите гревови и да имаме сознание за нашето недостоинство. Тоа е прв услов за да се потрудиме за надминување на гревовите и да се стремиме кон безгрешен живот. Да не го оттргнуваме погледот од нашите гревови како да се тие непостојни, но, во исто време, треба да мислиме и на Божјата милост, на благодатта на Светиот Дух, на светлината што доаѓа од Исуса. За тоа треба да мислиме со поголема вдлабоченост, а не само за нашите гревови. Да мислиме на Божјата љубов, да го сочуваме нашиот ум во созерцание на Бога, а тоа, пак, ќе ни ја упати молитвата на патот кон Него. Ако мислиме на Божјата љубов како израз на Неговата суштина и на големото пројавување на Божјото величие во светот, ние ќе бидеме привлечени од таа љубов и ќе бидеме победени од неа, а тоа значи помирување со самите себе.
Да молиме за благодатта на Светиот Дух, односно да ја привлечеме таа да нѐ поткрепи во борбата со гревот, да нѐ засили во борбата за благочестивост и светост. Зашто Божествената благодат ги лекува духовните немоќи и ги надополнува недостатоците на човекот. Да молиме за нашите гревови, но уште повеќе да молиме за Божјата љубов и милост, за благодатта на Светиот Дух, за светлината на Исуса Христа, за молитвите на Пресветата Мајка Божја и на сите светии. Тогаш нашиот пат кон Бога ќе биде расчистен од гревот и нема да ни пречи во молитвата, ниту во нашата мисла за Бога.
И ние, како овој грешен син, да постапиме правилно, па кога ќе направиме грев да не одбегнуваме средба со својот Небесен Отец туку да се сетиме на Неговата милост и љубов. Да престојуваме во слободата што ни ја дава Исус Христос, да се радуваме на вистинскиот човечки и добродетелен живот, преку покажувањето на љубовта кон Бога и кон луѓето. Па така, уште на Земјата да постанеме наследници на сите ветувања што Бог им ги дал на оние кои Го љубат, а на небесата да влеземе во Неговата радост. Амин.
Недела на блудниот син
Охрид
03.03.2024 г.