Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата во Првата недела од Великиот пост - Неделата на православието, од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, ја основал Својата света Црква за да го продолжи во неа искупителното дело, кое Он го извршил со жртвената љубов кон луѓето. На првата голема Педесетница таа Го примила Светиот Дух, Кој ја осветува и оживува и е нејзино животворно дишење преку сите времиња. Црквата е Царство Небесно, кое во историското време преку Исуса Христа се открило на Земјата. Таа е предвечна, бидејќи доаѓа од Бога, а има историски почеток, затоа што Божјата љубов слезе на Земјата, за да ги спаси луѓето преку Исуса Христа и да ги освети преку Светиот Дух.
Христос ја засака Црквата и се предаде Себе за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото; та да ја претстави пред Себе како славна Црква, која нема осквернување, или порок, или нешто слично, туку да биде света и непорочна (Ефес. 5, 25-27). Христос ја засакал Црквата уште пред да ја основа, зашто таа беше народот Божји, за чие искупување дојде на земјата и се принесе Себеси на жртва. Затоа и св. ап. Павле ја нарекува Црквата тело Христово, преку кое луѓето достигнуваат до состојба на совршен човек, до мера на возраста на Христовата полнота (Ефес. 4, 13). Црквата го осветува целиот живот на луѓето. Ова осветување доаѓа преку словото на Исуса, кое ги прави верниците чисти, а уште повеќе преку искупителната љубовна жртва, која непрестајно се извршува во Црквата, за опростување на гревовите, како и преку останатите свети Тајни.
Светоста е највисокиот степен и стремеж на сите верници кои веруваат во Исуса. Таа е двигател на сите негови стремежи за надминување на сите негови морални и духовни ограничувања. Светоста подеднакво се допира и до умот на човекот, зашто го просветлува со подлабоки гледања, како во личниот духовен живот, така и во животот што се случува надвор од него. Светоста ги открива невидливите и недостапни тајни на животот, зашто преку неа се достигнува до јасно гледање. Светоста го облива човечкото срце и го прави послушно орудие на доброто. Откако ќе го исполни со свети доживувања, таа го поставува во служба на човекот и на целата судба на луѓето. Светоста е светлина и сила на совеста, која откако ќе се освети, може правилно да го одмерува патот по кој човекот оди за да го исполни својот повик.
Се разбира дека Црквата го осветува целиот живот на луѓето тогаш кога тие престојуваат во неа со искрена вера во Исуса Христа и се соединуваат со телото Христово. Без тоа внатрешно издигнување и без личното преживување и вкоренување на личната духовност во духовноста на Црквата, односно само преку доаѓањето во неа, луѓето не можат да бидат обновени од Духот на светоста. Но, и тие кои примаат макар и малку од светлината, сепак примаат од светлината која ги осветува. Колку и да е слаба, сепак и тоа е придобивка, зашто на тој начин го вежбаат својот ограничен личен духовен живот, а таа светлина на Духот може да ги промени од слаби зраци на светлината во силен пламен. Црквата Христова е благовесница на љубовта, и не само заради што во неа на истакнато место се наоѓа амвонот за проповедање. Самата Црква е воплотена љубов, зашто таа е тело на Спасителот Исус Христос. Таму каде што е Христос, таму безусловно е и љубовта. Верниците се тело Христово, бидејќи се Црква. Тие кои навистина се во Црквата, како нејзини живи членови, тие се и во љубовта, зашто Црквата е воплотена љубов.
Затоа и се вели дека Црквата е столб и тврдина на Вистината (1. Тим. 3, 15). Таа секогаш правилно го гледа животот и нејзиното тело, кое е составено со многу различности. Тоа не значи дека нејзините служители секогаш биле непогрешливи преку разните историски епохи и дека не излегувале од тоа правилно гледиште на животот и просветителската дејност на Црквата. Сите знаеме дека Црквата нема власт врз животите на луѓето и општеството. Во минатото, во одредени историски периоди, кога раководела или имала влијание, некогаш и отстапувала од своите вистински призиви. Тогаш таа и правела некои грешки, за кои потоа и ќе се кае.
Црквата има власт, но не власт да владее туку да им служи на луѓето за нивно добро и за нивно спасение, како што и Христос дојде за да им послужи на луѓето и како што ја даде Својата душа за откуп на мнозина.
Ние денеска ја прославуваме Неделата на Православието или Неделата на триумфот. Ја исповедаме вистината на православната Црква, бидејќи сме убедени дека во неа е запишано богатството на апостолската Црква и минатото на светите отци. Исповедувајќи ја таа наша непоколебливост, приврзаност и преданост кон светата православна Црква, ние секогаш треба да сме подготвени да излеземе на широкиот пат Христов, патот на љубовта, та стремејќи се со сите христијански добродетели да ја исповедаме и сведочиме нашата света православна вера, сега и во сета вечност. Амин.
Недела на Православието
Митрополитска резиденција Охрид
24.03.2024 г.