Почитувани верни чеда, во прилог Ви ја пренесуваме Беседата во Втората недела од Великиот пост - Неделата на св. Григориј Палама, од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, изговорена во Капелата во Митрополитската резиденција на Плаошник во Охрид.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Оваа втора недела од Велигденскиот пост светата православна Црква ја посветила на еден голем учител и исповедник на православието, св. Григориј Палама. Во неговиот тропар се вели: Светилнику на православието, тврдино на Црквата и учителу...! И покрај таквите силни и големи епитети што Црквата му ги дала, сепак, ова Божјо светило има малку култ кај широките народни маси. Но, затоа тој е славен и прославуван од сите православни богослови, како голем учител на православието и на доктрината на исихазмот.
Токму таков првосвештеник ѝ требал на Црквата во она време и невреме, само неколку децении по паѓањето на Византиската империја. Тој засветлил со сета сила на православието, кога духот на ренесансата за прв пат ја допира Византија, а кога христијанскиот запад, веќе допрен до неа, преживува една од најголемите и најрадикални трансформации, барајќи рационални одговори за Божјото постоење и суштина, за да можат да се задоволат суетите на човечките умови. Предводници на овој рационален дух во Византија биле два западни ума, Варлаам и Акинтиј, кои биле големи критичари на Светогорското монаштво, кое тврдело дека со созерцавање може да се согледа несоздадената светлина, како што ја виделе апостолите во времето на Преображението на Господа Исуса Христа на гората Тавор. Тоа е, всушност, Неговата несоздадена Божја енергија.
Св. Григориј Палама, кој и самиот бил светогорски монах кој го практикувал исихазмот, а сега веќе како архиереј на Солун, се вклучува во одбрана на православната доктрина, а против овие два Калабриски ума, кои претходно ги спомнавме. Св. Григориј бил духовно просветлен, а и академски образован, и ја систематизирал богословската мисла на исихазмот како старо предание на созерцателното монаштво во источната Црква. Св. Григориј ги собрал и ги систематизирал сите сведоштва на постојната усна и пастирска умносрдечна молитва, од големите отци на пустината па до Кападокијците, од синајските, студитските и светогорските монаси па сѐ до сите отци од манастирите, распослани по сите краишта до каде суштествувала Христовата несоздадена Божја енергија од која ќе се наситуваме во Царството небесно. Затоа св. Григориј со право се нарекува учител на православната мистика. Неговото дело ги надминува границите на една духовна школа, зашто со својата најдлабока суштина тоа го обновува животот на христијанската сетајна.
Тоа претставува вековна историја на источното монаштво, прочистена и усвоена, и применета во молитвата кон Исуса Христа, Синот Божји, Кој дојде за да нѐ помилува нас грешните и сиот свет. И тука не се само делата на искуството на пустинските отци. Тука е и целокупното учење на големите отци од Исток и учењето на Вселенските собори. А големите учители оставиле изобилство потпишани дела, со потврдена и прифатена догматска вистина. Токму ова систематизирано учење на Палама, создадено преку искушенијата и нападите од Варлаам и Акинтиј, го славиме како уште една победа на Православието. Овој пат – победа над рационализмот и хуманизмот.
Победата на неговото учење во овој византиски XIV век го славиме не само како некаков вид победа на мистицизмот туку како победа на самото православие. Потврдата на Паламовото учење од страна на Црквата, порасното во чисто монашка традиција, има вечна и универзална вредност.
И ние, денеска собрани во овој свет манастир, да се обратиме со искрена молитва кон св. Григориј Палама, да Го моли Господа Исуса Христа, Синот Божји, Он да ги помилува и спаси нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Недела на св. Григориј Палама
Параклис во Митрополитска резиденција
31.03.2024 г.