„Словото Божјо сега слезе на земјата: ангелот застана пред Дева, викајќи; Радувај се, благословена, која единствена го запази печатот на девството, кога во утробата Го прими предвечното Слово и Господа, за да го спаси, како Бог, родот човечки“ (седален на Утрена на празникот Благовештение на Пресвета Богородица).

 

На 07.04.2024 година, во Третата недела од Великиот пост - Крстопоклона недела, и на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на Нивните Високопреосвештенства Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил од Вселенската Патријаршија и Митрополитот на Додимотихо, Ористијада и Суфли г. Дамаскин од Грчката православна црква, Неговото Преосвештенство Епископот Делчевско-каменички г. Марко, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски и Блажо Кожараски, протоерејот Горан Ставрески, свештениците Милан Ничевски и Ѓорѓи Блажевски, еромонахот Никодим, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ероѓаконот Хризостом од Света Гора и ѓаконот Марко Спасовски. Пред започнувањето на Литургијата, беше изнесен светиот Крст на поклонение, а по завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. Митрополитот Тимотеј ја искористи оваа прилика и да им се заблагодари на гостите, најпрво на Митрополитот Кирил, кој повеќепати сослужува со нас и е чест гостин и голем пријател на нашата црква, а топло добредојде му посака и на Митрополитот Дамаскин, кој одвои од своето драгоцено време и со голема љубов дојде да сослужува на овој голем Богородичен празник. Митрополитот Кирил возврати на поздравот на нашиот Владика, и на самиот крај, му подари прекрасна икона од Пресветата Троица и прекрасен Крст. На многаја лета!

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,


Света Дева преку целокупниот свој живот била сепредана и богопослушна. Уште од малечка била претставена пред Бога и растела во храмот, учејќи се на Законот Божји. Богоопределената послушница, и во оној голем момент на нејзиниот живот кога ангел ќе ѝ јави дека ќе роди Син Божји, но и потоа, во великото Божјо раѓање, останува смирена богопослушница. Па и во сиот нејзин живот таа била богопослушна. Нејзиниот Син и наш Бог растел под мајчинска грижа, а таа со восхитено срце гледала како нејзината Рожба расте во благодат и мудрост. А потоа, кога Исус го започнува Своето спасително служење, таа Го примила секој Негов збор и го чувала во нејзиното срце како во осветена скривница на Божјото слово. Таа, која во пречистата утроба ќе го носи Бога Словото, во своето сечисто срце го носи зборот на нејзиниот Син. Но, света Дева е богопослушна и потоа, откако ќе премине од овој свет во светлината на Божјиот Син. Таа секогаш е послушна на Бога и брзопослушна на нашите молитви. Таа ја исполнува Божјата волја кога ги прима молитвите што ги упатуваме кон неа, за да ни биде помошница и покровителка.


А послушник Божји бил и Самиот Син Божји, како што Самиот вели: Зашто Јас слегов од небото не да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Отецот Кој Ме прати (Јн. 6, 38). Со полно смирение Он ја исполнува волјата на Отецот Небесен, извршувајќи го спасението и принесувајќи ја жртвата на Божјата љубов за луѓето. Исус ја исполнува Божјата волја при секоја лична судбина, при секакви незгоди, тешкотии и искушенија, молења и страдања. Дали не е восхитувачки примерот на послушание на Исуса во Гетсиманската градина, кога ја гледал чашата на страдањата што требало да ја испие и, молејќи се, вели: Оче Мој, ако е можно нека Ме одмине оваа чаша: но, не како Јас што сакам, туку како Ти (Мт. 26, 39). Затоа и Христос ни ја остава најдобрата молитва, во која вели: да биде волјата Твоја (Мт. 6, 9).


Такви биле и сите верни Христови ученици, сите праведници и светии. Во што се состоел подвигот на угодниците Божји во сите времиња? Во тоа што ја поставувале пред сѐ останато Божјата волја, која за нив претставувала срж и содржина во личниот и општ живот. Послушниците Божји го насочувале своето срце според Божјата волја, и нивните желби биле одредени од таа волја. Божјите угодници се Божји послушници, и затоа сите нивни стремежи се определувале според Божјата волја. Тие не знаеле за ништо поскапо од Божјата волја и немале никаков друг пат во животот, освен патот осветлен од Божјите закони. Па, дури и повеќе! И најобичните нешта од нивниот секојдневен живот не ги правеле без да ја почитуваат Божјата волја.


Ние како христијани сме должни да бидеме послушни на Бога. Ние сме повикани кон Божјо посинување, а синовите Божји не ја извршуваат својата волја туку ја исполнуваат Божјата волја во смирение и послушност. И затоа кој може да врви по Христа ако не го земе крстот на богопослушноста? И каква полза има човекот верник ако го знае Божјиот закон, а ја исполнува својата волја? Затоа и св. ап. Павле ни вели: Бидејќи пред Бога не се праведни оние што го слушаат Законот, туку ќе се сметаат за праведни само оние што постапуваат според Законот (Рим. 2, 13).


И така, сериозноста и важноста на прашањето не е во тоа дали е тешко туку дали е полезно и неопходно за нашиот живот да бидеме богопослушни. Богопослушни се синовите Божји и како такви тие се синови на светлината. А онаму каде што срце и умот на човекот ја разнесуваат светлината таму безусловно се извршува нешто полезно за сите луѓе. Затоа синовите Божји се за сите полезни во животот. Тие се, како што вели Исус, сол на Земјата и светлина на светот (Мт. 5, 13-14).


Синовите Божји ја објавуваат Божјата љубов со збор и дело. Следејќи ја таа волја во сопствениот живот, тие ја благовестуваат пошироко, за да проникне во повеќе срца, да ги засегне и да ги обедини во покорување на Божјиот закон, како закон на доброто, на љубовта, на мирот и братството помеѓу нив. Самиот Исус Христос синовите Божји ги нарекува миротворци, бидејќи тие се послушници Божји и ја исполнуваат волјата Божја.


Но, без вистинска и длабока вера не е возможно богопредано послушание, како што пишува апостолот: А без вера не е можно да Му се угоди на Бога (Евр. 11, 6). Преку верата човекот се раѓа во Бога, се раѓа одозгора, се раѓа од Духот. Верата ги прави учениците Христови приматели на Божјата сила, преку која тие постануваат послушници Божји. Ако бидеме послушници Божји ќе бидеме носители на Исуса, како Слово Божјо и како Син Божји. Нашето срце ќе биде храм на Исуса, светол, чист и богат со плодовите на спасението. Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? (1. Кор. 3, 16), прашува апостолот Павле. А штом сме храмови на живиот Бог преку Исуса Христа, Кој им дарува на нашите души вечен живот, ние сме повикани да бидеме благовесници на спасението. Да прибегнеме со смирение кон тој свет призив како и Божествената Мајка, секогаш одговарајќи на поздравот Божји: Еве ја слугинката Господова, нека ми биде според зборовите твои (Лк. 1, 38). Амин.

 

Благовештение
Храм „Света Софија“ Охрид
07.04.2024 г.

 

blagovest2024 1

blagovest2024 2

blagovest2024 3

blagovest2024 4

blagovest2024 5

blagovest2024 6

blagovest2024 7

blagovest2024 8

blagovest2024 9

blagovest2024 10

blagovest2024 11

blagovest2024 12

blagovest2024 13

blagovest2024 14

blagovest2024 15

blagovest2024 16

blagovest2024 17

blagovest2024 18

blagovest2024 19

blagovest2024 20

blagovest2024 21

blagovest2024 22

blagovest2024 23

blagovest2024 24

blagovest2024 25

blagovest2024 26

blagovest2024 27

blagovest2024 28

blagovest2024 29

blagovest2024 30

blagovest2024 31

blagovest2024 32

blagovest2024 33

blagovest2024 34

blagovest2024 35

blagovest2024 36

blagovest2024 37

blagovest2024 38

blagovest2024 39

blagovest2024 40

blagovest2024 41

blagovest2024 42

blagovest2024 43

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Мај 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 1 2 3
4 5 6 7 8 9 10
11 12 13 14 15 16 17
18 19 20 21 22 23 24
25 26 27 28 29 30 31